Министерство за образование и наука (МОН) постапува согласно законските надлежности во врска со случајот на врсничко насилство во основно училиште во Ѓорче Петров, кој е пријавен и во Државен просветен инспекторат, соопшти министерката Весна Јаневска.
Таа информираше дека МОН испратило допис до училиштата и до градоначалниците со кој се враќа претходна практика, на големите и малите одмори да има дежурни наставници, наместо ученици, со цел подобра контрола и поголема безбедност во училишните објекти.
Јаневска појасни дека дежурните наставници ќе бидат одговорни за следење на случувањата не само во ходниците, туку и во училишните дворови, нагласувајќи дека воспитно-образовниот процес подразбира и одговорност за однесувањето на учениците и надвор од училницата.
Според неа, дежурните наставници ќе мора да бидат присутни на видливи позиции за време на инспекциски надзори, а мерката е задолжителна и веќе е доставена до сите училишта во државата.
Мерките се спроведуваат паралелно со прирачникот за справување со врсничко насилство, а одговорноста, како што нагласи, ја делат училиштата, директорите и наставниците.
Изјавата беше дадена по доделувањето на државната награда „Гоце Делчев награда“ за остварувања во науката.


































