Народната банка од 1 август следната година воведува нов механизам за заштита од ризици на банкарскиот сектор. Се воведува стапка на противцикличен заштитен слој на капиталот на банките во висина од 0,5 отсто.
Со ова, како што велат од Народната банка, се придонесува за спречување и намалување на можните ризици.
– Со мерката се дејствува превентивно, односно се продолжува со натамошно зајакнување на капиталната сила на домашните банки, што е во основата на отпорноста на банкарскиот сектор на ризици. Имено, врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, што ги вклучува податоците за првиот квартал на 2022 година, како и најновите показатели, се оцени дека има потреба од воведување стапка на противцикличниот заштитен слој на капиталот на банките за изложеностите во Република Северна Македонија, во висина од 0,5 проценти. Оваа мерка ќе почне да се применува од 1 август 2023 година, што значи обезбедување доволно простор за приспособување на банките и за постепено формирање на заштитниот капитален слој без негативни ефекти врз солидната кредитна поддршка за економијата – велат од Народната банка.
Централната банка посочува дека билансите на банкарскиот сектор упатуваат на здрави фундаменти, што се потврдува и со редовните стрес-тестови, кои покажуваат дека банките се отпорни на можни шокови. Е.Р.