Фото: Маја Јаневска-Илиева

За развој на органското производство се неопходни постојано истражување и приспособување кон побарувачката. Фокусот треба да се стави на руралните средини, кои имаат голем потенцијал поради екстензивното традиционално земјоделство. Пелагонискиот Регион, велат земјоделците, нуди поволни климатско-почвени услови за развој на растително и сточарско органско производство

Во Македонија се регистрирани околу 900 производители за органско производство, најмногу за житни и градинарски култури на вкупна површина од помалку од 4.000 илјади хектари. Toa e малку во споредба со можностите и потребите на домашниот, а уште повеќе за извоз на странските пазари за здрава органска храна. Наспроти зголемениот интерес за снабдување со органски производи, мал е бројот на земјоделци што ги произведуваат.
Според податоците на Министерството за земјоделство, во земјава вкупните површини под органско производство од 2016 до 2020 година се зголемиле од 3.240 на 3.957 хектари, а бројот на органски производители пораснал од 533 на 908 производители. Од компаниите што обезбедуваат средства за заштита на растенија велат дека интересот се зголемува, но основен предуслов е цената на препаратите, која е повисока во споредба со конвенционалните.
Како што велат експертите, за развој на органското производство е неопходно постојано истражување и приспособување кон побарувачката. Фокусот треба да се стави на руралните средини, кои имаат голем потенцијал поради екстензивното традиционално земјоделство. Пелагонискиот Регион, велат земјоделците, нуди поволни климатско-почвени услови за развој на растително и сточарско органско производство.
Билјана Петровска Митревска, проект-менаџерка во Националната федерација на фармери (НФФ), вели дека Македонија има потенцијал за развој на органско производство и треба сѐ повеќе да се применуваат практиките на одржливо земјоделство.
– Сѐ уште е мал бројот на органски производители и мала е органската обработлива површина. Како главни проблеми и причини се продажните цени, така што органските производи се продаваат по цена иста или слична со конвенционалните производи. Од друга страна, самите пазари, посебно домашниот и регионалните, се насочени повеќе кон квантитет и обезбедување количества, а сѐ помалку се внимава на квалитетот. Треба да се каже и дека многу е ниска свеста на потрошувачите за органската храна – посочува Петровска Митревска..
Според Љупче Станковски, претседател на здружението на земјоделци „Агрофаланга“, органската храна сама по себе разбира одгледување на растенијата на природен начин, со додавање природни ѓубрива и заштита од штетници со садење други растенија (кои со својот јак мирис ги одбиваат инсектите) и прскање водни раствори од одредени растенија (како копривата) за заштита на зелениот дел на растението.
– Во делот на ѓубрењето на почвата во органското производство, тоа се врши со ферментирано (народски кажано прегорено) арско ѓубре. Како што вели тој, пред неколку децении, овој процес на обогатување на земјоделските површини бил задолжителен кај секое земјоделско домаќинство, но со поедноставувањето на ѓубрењето, со фрлање вештачко ѓубре на нивите, тоа се намалило и се изгубило.
– Сега се враќа во „мода“ органското производство, но количествата арско ѓубре на располагање се веќе проблем. Постои и друг начин за употреба на арското ѓубре, при кој се продолжува на преработка со калифорниски црви, кои и за неколкупати му ја зголемуваат хранливата вредност. Но повторно се појавува основниот проблем и при ова производство на органско ѓубриво, недостигот од природно арско ѓубре или таканаречено уништување на сточниот фонд во Македонија – потенцира Станковски, додавајќи дека е потребна силна стратегија што ќе се применува.
Организација на потрошувачи на Македонија вели дека со органскиот начин на производство на храна се одржува стабилност на екосистемите преку минимално загадување на животната средина. Тоа, меѓу другото, подразбира и сведување на можната употреба на надворешни извори на енергија на минимум.
Од Федерацијата на органски производители на Северна Македонија велат дека конвенционалните земјоделски практики предизвикуваат многу проблеми во животната средина.
– Во многу случаи, пестицидите применети на полињата доведуваат до големи дисбаланси во екосистемот, кои, пак, резултираат со неуспешни реколти на производството. Незначајните штетници може да станат многу сериозни штетници кога со пестицидите ќе се уништат корисните инсекти, кои по природен пат ја ограничуваат експанзијата на штетниците – истакнуваат од федерацијата.
Оттаму додаваат дека органското производство претставува алтернатива за негативните еколошки последици од хемиските ѓубрива и од пестициди што се користат во конвенционалното земјоделство. (К.П.)