Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според истражувањето на институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“, просечните плати во 2021 година се намалиле во однос на тие во 1987 година споредено со Словенија и повторно Македонија е подобра само од Косово

Иако просечната плата во Македонија изминативе години забележа раст, сепак македонските плати се најниски во регионот. Но и одредени сектори споредно со просечната плата во период од 40 години заработуваат многу помалку од просекот во моментов. Наставниците во 1981 година имале плата што била за 11 отсто повисока од тогашниот просек, сега нивната плата е за 2,6 отсто пониска од просечната. Пред четири децении, индустриските работници заработувале просечна плата, сега нивните примања се за 13 отсто пониски од просекот. Најголема загуба претрпеле земјоделците, во 1981 година земјоделецот заработувал само 5 отсто под просекот, сега неговата заработувачка е 20 отсто пониска. Под просекот и тогаш и сега биле туристичките работници, а банкарите добиле најмногу. Пред четири децении банкарите имале за 26 отсто повисока плата од просечната, сега таа е за 60 отсто повисока.
Според истражувањето на институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“, просечните плати во 2021 година се намалиле во однос на тие во 1987 година споредено со Словенија и повторно Македонија е подобра само од Косово.
– Претставено низ бројки: за секои 100 евра од просечната плата во Словенија, Македонија во 1987 година имала 44 евра, додека денес износот е 35,5 евра. Важно е да се напомене дека разликите не се зголемиле само меѓу Словенија и Македонија, разлики се забележуваат кај износот на просечните плати во поранешните југословенски држави. Разликата се отсликува и во секторите. Доколку во 1981 година од дванаесет сектори, две третини имале плати над просекот, сега во 2021 година само финансиите (банкарство и осигурување) и здравство и социјална заштита се над просекот. Значајни сектори, како индустрија, земјоделство, угостителство, сега заостануваат повеќе зад просекот отколку во 1981 година. Дел од тоа може да се објасни со новите сектори, како информатика, кои ги немало во 1981 година и го подигаат просекот, но сепак станува јасно раслојувањето и по сектори – објаснуваат од „Фајненс тинк“.

Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, вели дека платите го следат растот на продуктивноста, како на ниво на компанија така на ниво на сектор или на ниво на држава.
– Падот на просечните плати во Македонија во однос на просечната плата во Словенија само е одраз на случувањата во економијата во овој период. Очигледно е дека Македонија не успеала да ја подобри својата економија, онолку колку што напреднала економијата на Словенија. Но уште поотрезнувачки податок е дека Македонија и Бугарија во 1998 година имале бруто-домашен производ од околу 28 отсто од доходот на ниво на ЕУ. Денес Бугарија има постигнато околу 60 отсто од просекот во ЕУ, а Македонија останала на ниво од 35 отсто од просекот во Европа. За разлика од нас, Словенија и Словачка веќе постигнаа 85 отсто од доходот по жител во ЕУ – посочува Димитров.
Тој смета дека причината за ниските плати и раслојувањето по сектори е стопанската структура на земјата, велејќи дека во секторот извоз, Словенија иако е слична по големина со Македонија, има извоз што е за 5,5 пати поголем од македонскиот. Таа извезува над 1.000 различни производи во повеќе од 150 земји, додека македонскиот извоз се базира на 10 држави, во кои извезува 85 отсто од вкупниот извоз.
– И во поранешна Југославија ние извезувавме лубеници и домати, а увезувавме телевизори и машини за перење. Зошто во овој период не успеавме да ја промениме стопанската структура, па дури и со „привилегираните“ компании во ТИРЗ? По мене, основата на ова прашање треба да се гледа во образованието и капиталот. И додека капиталот можеме да го позајмиме од надвор, образованието останува наш проблем. Поголемата продуктивност и извозот на пософистицирани производи што имаат поголема додатна вредност бараат многу повеќе знаење и искуство – објаснува Димитров.
Тој додава дека современите технологии обезбедуваат висока продуктивност и го намалуваат учеството на работната сила во цената на производот и така се случува земји што имаат многу повисока цена на трудот од нас, да бидат поконкурентни од нашите компании.
– Другиот не помалку важен сет на причини за просечните плати е функционирањето на државата. Владеењето на правото, политичката стабилност, јавната администрација, функционирањето на институциите исто така се многу важни за раст и развој на целата држава. Ние имаме нефункционални институции, кои наместо помош на стопанството се пречка за нормално функционирање – истакнува Димитров.
Тој укажува дека Македонија во изминатиот период не успеа да ги унапреди овие прашања и се губевме во меѓупартиски расправии наместо градење консензус за најважните прашања.

– Растот на платите не може да се обезбеди со повици на синдикатите и граѓанските организации, туку со повисока продуктивност и поголема заработувачка. И во развиените западноевропски држави растот на платите не бил резултат на класната борба туку на иновациите и технолошкиот напредок, кои ја зголемиле продуктивноста и обезбедиле средства за поголеми плати и повисок стандард на сите граѓани во земјата – потенцира Димитров.
Според универзитетскиот професор Марјан Петрески, просечната плата е генерално одраз на понудата и побарувачката и од страната на понудата, платата зависи од продуктивноста на трудот, која е детерминирана од образовната и старосната структура на работниците, како и од серија т.н. невидливи карактеристики, како способноста, иницијативноста и слично.
– Пониска плата во Македонија во споредба со други земји, од оваа перспектива, би значело дека нашите работници се помалку продуктивни од работниците во други земји. Гледано од страната на побарувачката, платата зависи од општата состојба на пазарот на трудот, односно ако има голем контингент невработени лица, тогаш платата нема брзо да расте и обратно, нагорен притисок врз платите ќе се создаде кога нема да може лесно да се најде работник, особено добар работник – укажува Петрески.
Како што вели професорот, пазарите на трудот во Западен Балкан имаат многу сличности, меѓутоа конкретните услови во конкретен период може и значајно да се разликуваат, така што овој притисок може да е различен.
– Тука значајно мора да се одвојат Словенија и Хрватска, кои според нивото на развој, кое имплицира и повисока продуктивност на трудот, се веќе значајно над Македонија, па нивните пазари на трудот оперираат (особено Словенија) на т.н. природна стапка на невработеност, односно невработеност постои, но е ниска и доброволна. Значи, повисоката продуктивност на трудот таму, заедно со урамнотежениот пазар на трудот, детерминира многу повисока просечна плата споредено со Македонија – нагласува Петрески.
Според него, секој раст на платите што не е поддржан со раст на продуктивноста може да даде некаков резултат само на краток рок, а на долг рок пазарот ќе се урамнотежи таму каде што понудата и побарувачката ќе се сретнат.