Фото: Игор Бансколиев

Кризата во Украина е причина за намалување на трговската размена на нашата земја со нашите најзначајни трговски партнери. Намален е обемот на работа, па дури и некаде се запрени производството и услугите на некои од домашните компании, кои имаат директна соработка со компании од државите што се директно, но и индиректно засегнати од украинскиот конфликт. За тоа какви може да бидат конкретните ефекти и последици врз различните стопански гранки, како енергетиката, земјоделството, фармацевтската и автомобилската индустрија и други, разговаравме со претставниците на стопанските комори формирани на билатерална основа, како што се македонско-руската и германско-македонската комора, како и со претседателот на Асоцијацијата на странски компании во Македонија, за уште попрецизно, во интерес на граѓаните, да ги лоцираат новосоздадените негативни стопански појави и проблеми и да се најдат евентуални предлог-решенија за истите тие институционално да се надминат

Воениот конфликт во Украина има големо индиректно влијание врз производствените процеси на компаниите. Кризата е причината за намалување на обемот на работа или запирање на производството на голем дел од компаниите производители. Ескалацијата на кризата ќе има големи влијанија и врз домашната економија, ќе ги наруши воспоставените трговски врски, но и ќе ги направи пазарите воздржани на подолг период. „Нова Македонија“ разговараше со инволвираните страни, кои ги изнесоа своите ставови во однос на последиците од воениот конфликт во Украина, кој удира директно врз бизнис-секторот.
Извршниот директор на Македонско-руската стопанска комора, Дејан Бешлиев, вели дека македонската економија во голема мера започнува да ги чувствува последиците од руско-украинскиот конфликт, и тоа и на директен и на индиректен план.
– Имено, поради сѐ повисоките цени на нафтата, гасот и електричната енергија нашата економија се наоѓа во сѐ поголема криза, која директно ќе се одрази врз работењето и на стандардот на живеењето. Притоа, да не заборавиме дека двете земји, кои се во конфликт, се лидери во производство на пченица, продукт што покрај високата цена од конфликтот ќе го има значително помалку оваа година на светските пазари поради фактот што оваа година во Бразил (земја голем производител) има суша – објаснува Бешлиев.
Тој додава дека како резултат на овој конфликт се очекува и во земјите од ЕУ, каде што ние имаме најголеми трговски партнери, да се појават проблеми во работењето.
– Како илустрација, ЕУ, според Евростат, има размена со Руската Федерација од 247 милијарди евра годишно. Притоа, извозот од ЕУ во Русија е 89 милијарди евра, а увозот 157 милијарди евра. Огромен е дефицит, кој е резултат на увозот на енергенти од Русија во вкупен обем од 45 отсто. Сето ова ќе доведе до забавување на економскиот раст на ЕУ за околу 1 отсто по моменталните процени, а можно е да биде и поголемо – нагласува Бешлиев.

Фармацевтските и земјоделските производи наменети за пазарите во Русија во неизвесност

Како што вели директорот, трговската размена помеѓу нашата земја и Руската Федерација изнесува околу 233,7 милиони американски долари за 2021 година, од кои извозната компонента е 56,1 милиони американски долари, а увозната 177 милиони американски долари. И според статистиката, тоа е 1,4 отсто од вкупната наша размена со светот.
– Но од вкупниот наш извоз 50 отсто се земјоделски производи, или вкупно една третина од македонскиот извоз на земјоделски производи завршува на рускиот пазар. Важно е да се напомене и дека во последните години има пораст на извозот кон Руската Федерација, но и промена на структурата. Покрај традиционалните фармацевтски и земјоделски производи, сѐ повеќе се застапени производи од преработувачката индустрија, винската индустрија, автоиндустријата. Сето ова сега ќе биде доведено во неизвесност и опасност со воведувањето санкции од страна на нашата земја. Имено, се очекува воведување контрасанкции од руска страна, што, всушност, ќе значи евентуална забрана за нашите најизвезувани производи.
Доколку тие се однесуваат на земјоделскиот сектор, тогаш тоа многу силно ќе се почувствува кај голем дел од нашите граѓани, кои се ангажирани и опстојуваат од оваа гранка – укажува Бешлиев.
Трговски партнер број еден на нашата земја е Германија, вели тој, земја што се очекува многу силно да биде економски погодена од последиците на руско-украинскиот конфликт и поради тоа се најавуваат економски тешкотии и зголемена инфлација поради овие причини.
– Најважно од сѐ е што се најавува сопирање на производните процеси. Па веќе има официјални објави дека некои фабрики од автомобилската индустрија и го сопреа целосно своето производство (како на пример „Порше“), односно тој нивен сектор ќе биде во застој. Земајќи предвид дека во нашите технолошко-индустриски развојни зони голем број компании своето производство и работа ги темелат на соработката со германската автомобилска индустрија, неминовно како домино-ефект ќе има застој и кај овие компании. Токму ова е една од причините за индиректното влијание врз македонската економија – смета Бешлиев.

Европа и Македонија зависат од рускиот гас

Според него, со воведувањето, односно приклучувањето кон економските санкции против Руската Федерација се создадоа и предуслови за штети на бизнис-секторот што соработува со Руската Федерација. Како на планот на извозот така и на увозот.
– Увозот пред сѐ е базиран на руските енергенти, при што снабдувањето со руски гас е целосно, односно 100 отсто, секако цената што ќе ја плаќаме нема да биде повластена, а со тоа и ќе се предизвика штета на нашата економија. Сепак, не очекуваме забрана за увоз на истиот тој, во спротивно тоа уште повеќе ќе ги влоши состојбите во македонската економија.
Како што може да видите и земјите од ЕУ (Германија, Холандија, Бугарија), кои се увозно зависни, се противат на идејата за забрана за увоз на руски гас, односно бараат изземање на овој енергент при воведувањето санкции – појаснува Бешлиев. Додава оти зголемените трошоци за производство (електрична енергија) и скратениот пазарен потенцијал за пласирање на нашите производи (Руска Федерација и Украина) ќе имаат силна улога во штетите, кои ќе се одразат на нашата економија.
Претставниците на бизнис-заедниците во земјава, кои апелираа на анонимност, укажуваат дека последниве години бизнисите трпат големи штети и се забележува пад во прометот во трговијата. Напоменуваат дека има намалување на прометот и кај компании што се занимаваат со трговија на прехранбени продукти, а зголемено намалување на прометот забележале и трговците на грејни тела. Бизнисмените посочуваат дека со растот на цените на електричната енергија, а сега и на другите енергенти, но и растот на цените на репроматеријалите за околу педесетина отсто, нивните трошоци се драстично зголемени, а од друга страна се обврзани на повисока минимална плата за која немаат доволно приходи. Посочуваат дека компаниите се во безизлезна ситуација и сите трошоци мораат да ги вкалкулираат во продуктите што ги продаваат и потенцираат и самите дека со растот на цените и новата минимална плата веднаш се троши. Тие укажуваат оти поради случувањата во Украина неизвесноста е уште поголема и не се знае до каде ќе растат цените ниту, пак, може да се прават подолгорочни планови. Сметаат дека со последните мерки се удира врз бизнисите, што може да ги влоши нивните состојби и да ги доведе на раб на егзистенцијалност.

Автомобилската индустрија најавува прекини во работењето

Директорот на Делегацијата на германското стопанство, Патрик Мартенс, деновиве информира дека автомобилската индустрија е во голема криза, а германските производители се принудени да го стопираат своето производство. Тоа ќе има директни последици и врз македонските компании што работат со германските, односно и ним им се заканува стопирање на производството.
– Сите сме шокирани од војната што започна против Украина и страдањата што му се нанесуваат на украинскиот народ. Отсега мора да се соочиме со неочекуваните удари што ќе ја погодат целокупната економијата. Германските производители во автомобилската индустрија се принудени да го стопираат своето производство. Ова ќе има директни последици и на компаниите производители од автомобилската индустријата во Македонија. Им се заканува стопирање на производството на производителите од автомобилската индустрија што се дел од интернационалниот синџир на доставувачи во Македонија – истакна Мартенс.
Претседателот на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство, Виктор Мизо, посочи дека токму кризата во Украина е причината и за намалување на обемот на работа или за запирање на производството на голем дел од компаниите производители на автомобили во Европа.
– Освен недостигот од компоненти, дополнително се зголемија и цените на многу репроматеријали, кои доаѓаат од тој регион и неизвесно е како и до кога ќе може да се увезуваат. Покачувањето на цената на енергентите и постојната инфлација може да предизвика намален обем на производство на компаниите, бидејќи компаниите од тој регион не се во можност да ги испорачаат овие компоненти – изјави Мизо.

Автор: Петранка Огнаноска Катерина Михајлова