Фото: Игор Бансколиев

Со ставањето на дневен ред на апликациите за кандидатски статус на Украина, Грузија и на Молдавија, без оглед дали ќе го добијат и во каков формат и без разлика со каква формулација тоа ќе биде изразено во декларацијата од самитот, ЕУ на своевиден начин ги дисквалификува своите Копенхашки критериуми за проширување, со кои постојано ги дисциплинира земјите-кандидатки од Западен Балкан. Со самата идеја, преточена во иницијатива за „брз прием“ на Украина, флагрантно се компромитирани критериумите за „добрососедство и невнесување билатерални проблеми во Унијата“, поради кои Македонија 17 години чека за почеток на преговорите со ЕУ и е предмет на континуирани уценувачки барања од соседите

Геополитичкиот интерес над Копенхашките критериуми, како услов за проширување на ЕУ

Дводневниот состанокот на лидерите на Европската Унија во Франција, некаде низ медиумите најавуван како „неформална средба во Версај“, а во други претставуван како „вонреден кризен самит“, несомнено ја има димензијата на ургентност за да се најдат начини за итно решавање на украинската криза. Францускиот претседател Емануел Макрон, чија земја во моментов претседава со ЕУ, го води и т.н. кризен самит во палатата Версај.

Агенда: Проширување на ЕУ со земјите од Источното партнерство, со З. Балкан и енергетската криза

Во рамките на самитот се одржува и политичка дебата за проширувањето на Унијата со земјите од Источното партнерство, кои поднесоа барања за влез во ЕУ што имаат третман на итност токму поради војната во Украина. Неофицијалните одгласи од Брисел, пак, упатуваат дека лидерите на ЕУ ќе издадат декларација само за поддршка на зајакнувањето на партнерствата со Украина, Грузија и со Молдавија, но не и очекуваниот „побрз пат“ или „моментален прием“.
И Западен Балкан ќе биде дел од лидерската дебата за проширувањето, а земјите-членки што се согласни за побрз пристап кон Западен Балкан „ќе се повикаат на новонастанатата ситуација во Европа“.
Сепак, главна тема на лидерите на ЕУ е итно да се истражат начини за консолидирање на самодовербата на ЕУ во енергетскиот сектор. Зголемувањето на цените на енергентите, предизвикано од украинскиот конфликт, ја загрози економијата на ЕУ, која е веќе ослабена од пандемијата на коронавирусот. На кризниот самит се разговара за тоа „како ЕУ може да ги исполни своите одговорности во оваа нова реалност, штитејќи ги своите граѓани, вредности, демократии и нивниот европски модел“. Според конечната декларација што треба да биде усвоена, лидерите на земјите-членки на ЕУ претпазливо ќе се согласат целосно да ја укинат зависноста на Унијата од руски гас, нафта и јаглен.
Покрај сета итност на самитот на ЕУ и декларирана емпатија како поддршка за Украина, не може да се избегне впечатокот дека Унијата е најмногу загрижена за својата економска штета и состојба, од последиците што се рефлектираат од руско-украинскиот конфликт. Освен тоа, со ставањето на дневен ред на апликациите за кандидатски статус на Украина, Грузија и на Молдавија, без оглед дали ќе го добијат и во каков формат, без разлика со каква формулација тоа ќе биде изразено во декларацијата од самитот, ЕУ на своевиден начин ги дисквалификува своите Копенхашки критериуми за проширување, со кои постојано ги дисциплинира земјите-кандидатки од Западен Балкан. Со самата идеја, преточена во иницијатива за „брз прием“ на Украина, во овој миг на воена агресија од нејзиното соседство, флагрантно се компромитирани критериумите за добрососедство и невнесување билатерални проблеми во Унијата, поради кој Македонија 17 години чека за почеток на преговорите со ЕУ и е предмет на континуирани уцени од соседите.

ЕУ покажува дека е повеќе геополитичка организација отколку економска зона за соработка на принципиелни основи и демократија

– Иако земјите од Источното партнерство нема да добијат кандидатски статус, ниту ќе бидат ставени на „брз колосек“ за прием во ЕУ, сепак ќе добијат некоја форма на асоцијација (особено Украина), како израз на поддршка и заедништво од Унијата. Но и со таквата воздржана или пресметана поддршка за Украина, па и Молдавија и Грузија, ЕУ покажува дека е повеќе геополитичка организација, која реагира според движењето на геополитичките интереси и дразби, иако беше замислена како економска зона за соработка на принципиелни основи за демократија, еднакви права, владеење на правото. Со ваквото дејствување според геополитичките интереси, Унијата ги брише сопствените критериуми, создава недоверба кај земјите-кандидатки и ги компромитира своите основни вредности. Таквите „принципи“ на ЕУ беа и досега применувани во однос на Македонија, но со идејата за брз прием на земја што можеби има најнизок стандард во Европа, највисока корупција и не ја контролира својата територија, станува премногу очигледно дека геополитиката е пред принципите и критериумите во кои се „колне“ Унијата. Дека геостратегискиот интерес е примарен во дејствувањето на Унијата, беше јасно уште со приемот на Бугарија и Романија, кои ги немаа исполнето критериумите кога станаа полноправни членки. Тоа не значи дека ние не треба да работиме на исполнување на критериумите и да ги спроведеме реформите, но ова е добар момент за Македонија да извлече уште една поука како се чекори по европскиот пат. Еднонасочната дипломатија, со која Македонија влезе во маѓепсан круг на уцени, не ветува дека ќе ја извлечеме вистинската поука – вели професорката Солза Грчева, лидерка на Глас за Македонија.
Според политичкиот аналитичар Александар Пандов, ниту ЕУ ниту Македонија не можат да ја пронајдат вистинската перспектива за решение на предизвиците што ги постави пред светот руско-украинскиот конфликт.

– Некои од земјите-членки на ЕУ, решението за поддршка на Украина во судирот со Русија го гледаат во иницијативата за брз прием на оваа земја во Унијата. Другиот дел од земјите, оние што се сметаат за највлијателни го имаат истиот став за дистанцирана поддршка со голем број резерви, како што со години се однесуваат и спрема Македонија. Но и самата иницијатива и покажување интерес за започнување процес за прием на земја со воен конфликт, и земји на линијата на огнот, повторно ја разоткрива Европската Унија дека нема критериуми за проширување, или барем дека тие ѝ служат како изговор, а сепак функционира со политички одлуки, во интерес на дневната политика. Оваа ситуација треба да ни ги отвори очите нам, во Македонија, за начинот на функционирање на Европската Унија, за различните перспективи на нејзините земји-членки и дека тоа ја доведува во ситуации за непринципиелни реакции и неснаоѓање под одреден геополитички притисок. Беспоговорното и некритичко следење на политиките и барањата на ЕУ во овој миг, со никакво внимание за нашиот внатрешно и надворешнополитички интерес, не само што ќе го загрози геополитичкиот статус на Македонија туку нема да нѐ приближи ни за чекор до ЕУ. Очигледно е дека ЕУ, а и Македонија, следејќи ги нејзините политики, не може да ја пронајде вистинската перспектива за решение на предизвиците што ги постави пред светот руско-украинскиот конфликт – вели политичкиот аналитичар Александар Пандов.