Во македонскиот Културно-информативен центар во Софија, Бугарија, се одржа промоција на преводот на романот „Сфинга на гневот“ од македонскиот писател Жарко Кујунџиски.
Книгата, во превод на бугарски на Маријан Петров, деновиве излезе од печат како издание на реномираната издавачка куќа „Персеј“ од Софија. Преводот е поддржан од книжевната мрежа „Традуки“. Романот „Сфинга на гневот“, во присуство на авторот Жарко Кујунџиски, ќе го промовираат литературниот критичар и издавач Пламен Тотев и писателот и преведувач Маријан Петров.
„Сфинга на гневот“ раскажува за Лазар, сопственик на издавачка куќа на работ на финансиска катастрофа, кого неочекувано го посетува мистериозна млада жена, која му подарува древна книга на латински, на чии маргини е испишана дотогаш непозната песна од Константин Миладинов. Во исто време, во Сплит, Хрватска, исчезнува Марко Ковачки, многу успешен млад писател. Лазар тргнува да ја открие вистината. Мисијата во која тој ризикува сè ќе го соочи со загатка од историја, митологија, психологија и општествени односи. Движејќи се меѓу границите на мистеријата и литературниот трилер, Кујунџиски создава впечатлив и вешто конструиран роман.