Фото: Пиксабеј

Во каква облека не треба да седите зад воланот

Во некои европски земји би можеле да бидете казнети поради носење несоодветна облека додека возите. На пример, во Велика Британија ризикувате да бидете казнети со 100 фунти (116 евра) ако носите несоодветна облека што ве ограничува во правилното маневрирање. Доколку во таква облека направите сообраќаен прекршок и завршите на суд, казната може да биде до 5.000 фунти (5.800 евра) и забрана за возење, пишува „Кар мани“. Тоа е затоа што делот 97 од Законот за патен сообраќај на Обединетото Кралство вели дека „облеката и обувките што ги избирате додека возите не смеат да ве спречат да ги користите контролите на правилен начин“.
Значи, постојат шест вообичаени парчиња облека што многумина ги носат додека возат, а кои всушност може да ве изложат на ризик да го прекршите законот и да добиете голема парична казна.

1. Долго здолниште или фустан

Макси-фустаните и здолништа се актуелни, но кога станува збор за носење вакви облеки додека возите, може да се соочите со парична казна. Материјалот може да се заглави под педалите или да ви ја ограничи нивната употреба, што може да биде опасно. Од истата причина како погоре, ако фармерките ви се премногу широки, веројатно нема да бидат соодветни за возење, што значи дека може да добиете парична казна.

2. Апостолки/кломпи

Илјадници возачи секоја година седат зад воланот со апостолки и кломпи, но колку се тие безбедни? Чевлите со тенок ѓон, со дебелина помала од 10 мм, се класифицирани како небезбедни за возење. Запомнете, апостолките се за на плажа, а не за возачкото седиште.

3. Високи потпетици

Вашите обувки не треба да го ограничуваат движењето на глуждот. Аластер Грир, директор на „Кар мани“, вели: „Ако планирате да возите некаде каде што има кодекс за облекување, ви препорачуваме да понесете соодветни чевли за возење“. Според едно истражување, 40 отсто од жените признале дека возат со високи потпетици. Иако изгледаат елегантно, високите потпетици едноставно не се практични за педалите.

4. Папучи

Ако вашите влечки се отворени, голема е веројатноста дека нема да бидат безбедни за возење бидејќи стапалата најверојатно ќе ви се лизгаат на педалите. Аластер додава: „Ако вашите чевли не обезбедуваат доволно притисок за да го спречат вашето стапало да се лизне од педалите, тогаш тие се класифицирани како небезбедни“. Носењето влечки надвор оддома во секој случај не е препорачливо, па најдобро е да ги чувате таму.

5. Големи чизми

Иако на прв поглед би изгледале добро, сите обожаватели на чизмите „док мартинс“ или градежните работници со чизми со дебел ѓон треба да размислат за возење во нив. „Обувките за возење треба да бидат доволно тесни за да не можат случајно да допрат две педали одеднаш“, вели Аластер.

6. Очила за сонце

Очилата за сонце би можеле да бидат премногу темни за безбедно возење. На вашиот периферен вид може да влијае носењето очила за сонце додека возите бидејќи рамките го блокираат вашиот вид.


Совети

Неколку совети што треба да ги запомните да останете безбедни:
– Секогаш имајте при рака практичен пар чевли за да можете безбедно да возите.
– Имајте резервна облека ако вашата моментална облека спаѓа во некоја од овие шест категории.
– Користете го вашиот здрав разум: ако она што го носите ви го прави возењето непријатно, тоа веројатно е знак дека треба да се облечете во нешто попрактично.