Фото: Илустрација/Пиксабеј

Седумдесет и шестгодишна жена од Прилеп вчера во ОВР Прилеп пријавила дека била измамена од маж за сума од 380.000 денари, објави МВР, а пренесува „Макфакс“.

Според пријавеното, измамникот ден претходно телефонски ѝ се јавил, при што претставувајќи се како полициски инспектор, ѝ кажал дека нејзината внука со автомобил удрила дете-мигрант во сообраќајна несреќа во Охрид.

Како што е пријавено, тој исто така ѝ кажал на измамената жена дека нејзината внука ќе помине 10 години во затвор, доколку таа не им даде пари на родителите на детето што е жртва во наводната сообраќајка.

Таа се согласила да даде пари и следната вечер во нејзиниот дом дошла жена, на која таа ѝ дала шест илјади евра.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.