Тони Лазов

На Отвореното првенство на Македонија во Скопје прваците ќе бидат познати утре, по деветтото коло

ШАХ – ОТВОРЕНО ПРВЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА

Шахистите на ШК Алкалоид имаа тежок ден во шестото коло од Отвореното првенство на Македонија во Скопје, но, сепак, успеаја да се справат со предизвиците и да останат во игра за титулата. На првата табла, ИМ Тони Лазов (рејтинг 2.358) ги имаше црните фигури во дуелот со водечкиот ИМ Емил Ристески (2.365), но оваа партија заврши со поделба на поенот, за разлика од другите четири дуели на следните неколку табли, во кои настапуваа оние што се на врвот на табелата.
ИМ Филип Панчевски (2.432) со бели фигури го надигра Георги Петров (2.088) на втората табла, а најголемо изненадување направи ФМ Андреј Велјаноски (2.290) со победата над ИМ Никола Николовски (2.381). На овој начин неизвесноста во борбата за титулата останува, бидејќи сега на врвот се четворица шахисти што имаат по пет бода, Ристески, Панчевски, Велјаноски и Златков, а зад нив со по 4,5 бода се Лазов, Велески и Главинац. Во седмото коло ИМ Панчевски ги има црните фигури во дуелот на првата табла со ФМ Велјаноски, Златков со бели фигури игра со ИМ Ристески на втората табла, а ИМ Лазов на третата табла ќе игра со бели фигури со Главинац (1.993).

Леа Ефтовска

На турнирот кај шахистките исто така се играше шестото коло, но според Бергеровиот систем, а во него се случи и дуелот на двете шахистки што имаа највисок почетен рејтинг, Драгана Николовска (1.905) и ЖИМ Габриела Коскоска (1.993). Партијата заврши со реми по четири часа игра, при што Николовска имаше иницијатива по изедначувањето на отворањето, а Коскоска имаше неколку непрецизни потези во средишницата и беше во тешка ситуација. Сепак, се чини дека искуството пресуди на крајот, кога Коскоска, со жртвување фигура, создаде реми-ситуација, во која Николовска не можеше да го промовира пешакот во последниот ред.
Леа Ефтовска (1.797) со нова победа над Кајла Бурнс (1.446) стигна до 5,5 поени, а Коскоска сега има пет и го дели второто место со Жежовска (1.868). За обележување од ова коло е и нерешениот резултат на Бонита Јакимова (1.523) од младинската школа на ШК Алкалоид, која со црни фигури остана непоразена во дуелот со поискусната Ајрадиноска (1.809). Во седмото коло ќе се игра и дерби-мечот за титулата, во кој ЖИМ Коскоска ќе ги има белите фигури против Ефтовска. Партиите од двете првенства почнуваат во 17.30 часот.