Фото: Пиксабеј

Македонските власти немаат конкретен став за увоз на жито од Украина, додека неколку членки на Европската унија го запреа увозот на украински житарки. Министерот за економија Крешник Бектеши вели Владата ќе ги следи одлуките на ЕУ по ова прашање.

-Моментално нема одлука од страна на надлежните институции, во овој случај на Министерството за економија и Министерството за земјоделство. За нас приоритет е домашното производство, но имајќи предвид дека последните неколку години не покриваме се со домашното производство, ние ќе направиме големи напори во делот на договорот за слободна трговија и земјоделието кој неодамна беше потпишан со Украина и секако дека ќе одиме во насока на одлуките кои ги носи Европската Унија, но секогаш за да се покрие потрошувачката во Македонија со најдобри цени. Ние, главно, во делот на земјоделските производи увезуваме од Турција, Грција, Србија и Албанија, но во делот на пченицата и другите жита ако има потреба ќе увезуваме и од Украина, ако имаме добра цена за нашите трговци која нема да направи штета на домашното производство – рече министерот Бектеши.

Тој нема информации дали земјите кои се против увозот на жито од Украина тоа го прават поради изложеноста на воените дејствија и можноста да биде загадено, но сигурен е дека со таква мерка се штити домашното производство.

-Согласно моите информации и тоа што го кажуваат одредени челнови на Европската Унија е да го заштитат домашното производство. Ако има други наоди и ние сме информирани како Влада и како држава секако дека ќе ги преземеме соодветните мерки – вели министерот Бектеши.

Полска и Унгарија минатата недела забранија увоз на жито и земјоделски производи од Украина, што од Европската Унија беше оценето како неприфатлива и еднострана акција на земјите членки.