Фото: Игор Бансколиев

Според насоките од Агенцијата за супервизија на осигурувањето, она што треба да се направи во насока на усогласување со европските директиви е зелениот картон да стане дел од полисата за автоодговорност што ќе ја добива секое возилo при регистрацијата

Македонија има рок до крајот на годината да ја усогласи законската регулатива со директивите на ЕУ, со кои, меѓу другото, се предвидува подготовка на нов закон со кој ќе се овозможи зелениот картон да се спои со полисата за автоодговорност, но како што оценуваат упатените, најверојатно и тој рок нема да биде испочитуван.
Имено, насоките од ЕУ се да се направат што поскоро ваквите законски измени со кои се предвидува сите возила при регистрацијата да добиваат и зелен картон. Очекувањата се дека ваквите промени би довеле до намалување на цената, односно либерализација на цената за полисата за автоодговорност, но за да се случи тоа, зелениот картон ќе мора да го плаќаат сите при регистрација, и оние што патуваат и оние што не патуваат во странство.

Податоците од осигурителните компании покажуваат дека во Македонија има 530 илјади осигурени возила, а годишно осигурителните компании издаваат меѓу 100.000 и 130.000 зелени картони, што значи дека на 400.000 возила не им е потребен зелен картон, но со овие измени ќе мораат и тие да го поседуваат.

– Генерално гледано патувам во странство еднаш во годината, обично кога одам на одмор и тогаш вадам зелен картон со рок на траење од еден месец за што плаќам 1.850 денари бидејќи имам помало возило. Мислам дека треба да се намали цената и да биде како во соседните земји, каде што за 10 евра се добива зелен картон што важи цела година. Точно е дека има некој што воопшто не оди во странство, но ако во Европа така е регулирано секаде, тогаш и ние треба да се приспособиме – вели Дарко Атанасов, комерцијалист од Скопје.

Тој додава дека би било подобро да се намали цената на полисите за автоодговорност, со што тие дополнителни десетина евра за зелениот картон никој не би ги почувствувал при регистрацијата.
Според насоките од Агенцијата за супервизија на осигурувањето, она што треба да се направи во насока на усогласување со европските директиви е зелениот картон да стане дел од полисата за автоодговорност што ќе ја добива секое возило при регистрацијата.

Тие како важен сегмент го наведуваат и либерализирањето на пазарот во делот на слободно формирање на цената за автоодговорност од страна на осигурителните компании.
Од Националното биро за осигурување велат дека засега нема никакви најави за промена во делот на издавањето на зелениот картон.
– Нема никакви промени. И покрај најавите дека до крајот на годината Македонија ќе треба да ја усогласи законската регулатива со директивите на ЕУ, засега немаме добиено никакви насоки за евентуална промена. Но тоа не значи дека не би можело да се случи во скоро време – велат од Националното биро за осигурување.

Според нив, земјава и натаму не е потписничка на Мултилатералниот договор за осигурување од автоодговорност бидејќи треба да исполни повеќе обврски, иако претходно една од пречките беше и проблемот за името.
– Покрај проблемот за името, кој сега е решен, има уште многу други работи што треба да се завршат за да може да потпишеме мултилатерален договор. Како една од главните обврски е либерализацијата на пазарот во делот на осигурувањата од автоодговорност – додаваат од Националното биро за осигурување.
Во моментот во Македонија зелениот картон претставува посебна полиса и ја плаќаат оние што со возило патуваат во странство, а цената варира во зависност од периодот за кој се вади, како и од зафатнината на возилата.

Сопствениците на возила до 66 киловати за зелен картон со важност од еден месец плаќаат 1.850 денари, додека за годишен картон треба да издвојат 3.690 денари. Оние со возила над 66 киловати, за едномесечен зелен картон плаќаат 3.075 денари, додека за годишен 5.536 денари.

Зелениот картон, односно зелената карта за осигурување е меѓународна исправа со која се потврдува поседувањето осигурување од автоодговорност. Со овој образец се докажува дека возилото поседува осигурително покритие за време на неговата употреба во странство и при евентуалните штети што се направени при управувањето со возилото.
Македонија не е потписничка на Мултилатералниот договор, што претставува формален договор на еден број земји за меѓусебно проширување на територијалната важност на осигурувањето од автоодговорност.