За да спасат барем нешто од туристичката сезона, жителите на Стење се организирале и секојдневно ја чистат плажата, направиле и сандаци за отпад, санирале дел од изгниените штици на молот… Тие се разочарани што не само што никој не помогнал ова место да заживее туристички, туку и она што е изградено е заклучено и не може да се користи

Повеќето објекти на новоизградената плажа во Стење, покрај Преспанско Езеро, во општината Ресен, која пред неколку години беше отворена со помош на буџетски средства во износ од речиси милион евра, летово се затворени, а жителите се оставени сами да се снаоѓаат како знаат и умеат и да им овозможат на туристите, кои иако во помал број, и оваа година решија дел од одморот да поминат во овој питом крај. Некои од нив доаѓаат тука со години, одушевени од убавините на Стење и неговата околина, од срдечноста на месното население, од воздухот, кој помага за заздравување на болните дишни патишта… Кога пред четири години беше отворена новата плажа, заинтересираноста за посета на ова место од ден на ден беше сѐ поголема, за наеднаш сѐ да тргне во обратна насока.
– Требаше некој да дојде да ни објасни претходно дали нешто се планира, ќе ги земе ли некој објектите под концесија и, ако не, да имаме време сами да се организираме, ние да стопанисуваме со нив. Останавме затечени, има постојани гости, некои од здравствени причини доаѓаат често тука, а други зашто едноставно тука им е пријатно и убаво се чувствуваат. Повеќето дојдоа годинава без чадори, зашто претпоставуваа дека ќе можат да ги користат од претходните години, кои, ете, заедно со лежалките се заклучени во ресторанот на плажата, кој исто така не работи. Вториот ресторан, која се наоѓа на стотина метри од првиот, не беше ни отворен, а по силното невреме што го зафати неодамна преспанскиот крај е оштетен и во неговата внатрешност навлезе вода, но никој не реагираше да се санира штетата – вели Флора Ивановска, чија куќа е една од најголемите во селото и во неа секоја година летуваат голем број семејства од цела Македонија.

Таа се пожали дека веќе две години не работи ни амбулантата, нема пошта, автобуси… Работат само две продавници и хотелот „Рива“ на самата плажа.
– Водата е исто така голем проблем, јас тука живеам 30 години и никако да се реши тоа. Затоа поголемиот дел од жителите на Стење имаат бунари и пумпи во своите дворови. Пред секои избори доаѓаат претставниците на локалната власт со разни ветувања и сѐ се завршува на тоа – додава Флора Ивановска.
И Снежа Магловска долго време издава апартмани и е незадоволна од третманот на локалните власти.
– Семејството Магловски не само што беше и е дел до акцијата на месното население за секојдневно чистење на плажата туку направи сандак за одложување на сметот, па слободно можам да кажам дека сега таа е многу почиста од лани, кога туристичките објекти беа дадени под концесија – ни рече Снежана Магловска.
Славко Георгиевски-Цапе и неговата сопруга Бети Георгиевска исто така секоја година угостуваат голем број туристи во својот дом.

– Секојдневно ја чистиме плажата во Стење, а за таа цел сите дадовме средства. Употребивме и трактор, а дрвениот мол, чии штици беа доста оштетени, колку што можевме, го поправивме. На почетокот исфрлавме и по дваесетина колички смет дневно. Не ни се веруваше дека нешто што е веќе изградено, ресторанот, пристаништето, плажата, ќе се остави да пропаѓа, а лежалките и чадорите ќе бидат заклучени – велат сопружниците Георгиевски.
За жал, веќе не работат ни чешмата ни тушевите, нема кабини за пресоблекување, зеленилото наоколу е исушено, искинати се мрежите за одбојка на плажа. Детските игралишта се делумно зачувани, како и шеталиштето, но некои од канделабрите итно мора да се заменат, зашто претставуваат опасност за минувачите.
Жителите на Стење бараат Владата да ја преземе одговорноста и повторно, со сите документи, да се отворат угостителските објекти, кои ова лето беа заклучени. Неофицијално, ресторанот, лежалките и чадорите се под ингеренции на Министерството за транспорт и врски, а наводно од општината Ресен изјавиле дека плажата и објектите не се ставени во урбанистичкиот план, оти нема имотен лист за плажата.
Стенчани се прашуваат зошто плажата Сливница, која е изградена во исто време како и онаа во Стење, сѐ уште работи под полна пареа.

– Запоставени сме целосно, без пардон се форсираат некои други места. Каков маркетинг сте виделе во последно време за Преспа, освен индиректно, преку серијата „Преспав“, со слики од Отешево? Доколку не се преземе нешто, ова ќе се одрази на сезоната и на бројот на гостите и во наредната година. Сепак, ние редовно плаќаме туристичка такса и не ни е јасно со каков образ ни го бараат тоа кога летово никој со прст не мрдна да се подобрат нештата. Неопходни се субвенции, поддршка, подадена рака од локалната самоуправа, од Владата, за кои очигледно не постоиме – огорчени се жителите на Стење.
Одговорните лица од општината Ресен ни рекоа дека тие ги имаат предвид сите проблеми на селото, не само во туристичката сезона туку преку целата година. Заедно со месната заедница преземаат некои активности за подобрување на животните услови. Но што се однесува до изградените објекти на плажата, тој проблем, како што истакнуваат, е покомплициран бидејќи не е утврдена сопственоста и не е докрај јасно кој стопанисува со сите тие објекти.
Според секретарот на општината Ресен, Јоне Димовски, плажата е така оставена уште во 2015 година, кога тогашната влада на општината ѝ ја предала само урбаната опрема (лежалки, чадори, мрежи за одбојка, стативи за мал фудбал…), но не и објектите.
– Објектите не се споменати во документот и таа урбана опрема, според Законот за располагање со предмети во државна сопственост, ѝ беше оставена на локалната самоуправа. Општината Ресен не може да ги добие движностите под закуп. Владата ни ја даде плажата на користење, според членот 40 од Законот уште во 2015 година, и „Пролетер“ од Ресен ја закупи на три години. Тој склучи договор со две фирми, една од Стење, една од Сливница, но тие работеа без правна основа. Плажата во Сливница сѐ уште работи, а новиот стопан е одреден со јавно наддавање. Бидејќи за користење на плажите нема соодветна документација, општината Ресен, заедно со Агенцијата за поттикнување на туризмот и со Министерството за транспорт и врски, бара начин овој проблем да се реши. За таа цел е формирана и работна група – ни рече општинскиот секретар Димовски.

Тој дополни дека плажата во Стење се води под Парцела 1 во катастарот и дека е заведена како Преспанско Езеро, бидејќи таа површина порано била под вода и не е градежно земјиште.
– Поради тоа никој од нас не сакаше да земе обврска да му ја даде плажата на некој закупец. Самоиницијативно ова лето семејствата што издаваат соби во Стење ја исчистија и средија плажата, што е за поздравување. Се надеваме дека веќе в година овој голем проблем ќе биде решен. Законот за плажите, за разлика од Охрид, во Преспа не може да функционира, бидејќи тоа тука се води како земјоделско земјиште или вода. Ние градежно земјиште, значи, го немаме, не управуваме со него. Но како општина аплициравме за ова градежно земјиште и чекаме одговор. Наводно, според активностите на работната група, можно е и Министерството за транспорт и врски да управува со овие плажи и објекти. Документацијата се комплетира и се надеваме дека во разумен рок сѐ ќе биде решено на наше и на задоволство на жителите на Стење – вели Димовски. 


Туризмот шанса за заживување на овој крај

Селото Стење се наоѓа на надморска височина од 855 метри, од левата страна на патот Битола – Ресен – Корча, во непосредна близина на границата со Албанија, на падините на Галичица. Од градот Ресен е оддалечено 23 километри, од каде што се стигнува преку асфалтен пат. Има околу 500 жители, кои се занимаваат со земјоделство, овоштарство, рибарење, туризам, а некои работат во холандската текстилна фабрика во селото. Децата до петто одделение учат во подрачното училиште.
Тука има и стотина викендички, а соби издаваат триесетина семејства. Сместувачки капацитети има и во хотелот „Рива“ на самата плажа. Во шпицот на сезоната, од 15 јули до 15 август тука има и по 1.000 гости, па затоа жителите се надеваат дека туризмот може да го заживее ова живописно место.