Плаќањата со платежни картички во вториот квартал од 2021 година забележаа значителен годишен раст кај вредноста и бројот на остварените трансакции, соопшти Народната банка.

Ова во значителен дел се должи на условите наметнати од пандемијата кои придонесоа за забрзано менување на навиките на граѓаните во однос на плаќањата.

„Остварениот годишен раст на бројот на плаќањата со платежни картички на физичките продажни места (44,5%) во вториот квартал од 2021 година е 9 пати повисок од годишниот раст во истиот квартал од 2020 година (4,7%). Во однос на користењето на платежните картички на виртуелните (интернет) продажни места, во вториот квартал од 2021 година беше остварен висок годишен раст од 36,3%, но истиот забавува во овој квартал после исклучително високите стапки на раст од почетокот на пандемијата и е за 4,7 пати понизок од годишниот раст остварен во истиот квартал од 2020 година“, се наведува во соопштението.

Од аспект на плаќањата со кредитен трансфер во вториот квартал од 2021 година, е забележан исто така значителен раст кај плаќањата на граѓаните со овој платен инструмент, со годишен раст од 47% кај вредноста на трансакциите, односно 41% кај бројот на извршените трансакции.

Од Народната банка наведуваат дека од почетокот на корона-кризата па наваму, заради потребата од заштита на јавното здравје, изолација и социјална дистанца, граѓаните сè почесто ги користеле придобивките на електронското банкарство при иницирањето на кредитните трансфери.

Така, бројот на електронски иницираните кредитни трансфери во вториот квартал од 2021 година се зголемил за 30% на годишна основа, остварувајќи повисоко зголемување во споредба во истиот квартал во 2020 година (27%). За извршување на плаќањата, граѓаните особено ги користеле мобилните апликации, што укажува на натамошно менување на навиките при извршување на плаќањата во прилог на користењето на дигиталните канали за плаќање.

Во вториот квартал од 2021 година, бројот на плаќањата извршени со мобилен телефон пораснал со 55% на годишна основа, иако истиот е понизок од годишниот раст остварен во истиот период од 2020 година (75%). Покрај тоа, во вториот квартал од 2021 година, иако помалку во однос на употребата на мобилните апликации, и натаму расте употребата на компјутерите за извршување плаќања. Поконкретно, кај овие плаќања, во вториот квартал од 2021 година се забележува годишен раст од 18%, којшто е повисок од годишниот раст во истиот период од 2020 година, којшто изнесуваше 13%.

Оттука, се забележува континуиран полугодишен раст на вкупниот број на плаќања со кредитни трансфери и платежни картички во првото полугодие на 2021 година. Најголем број од трансакциите се остварени со платежни картички (57,7% учество во вкупниот број на плаќања со платежни картички и кредитни трансфери), при што се забележува значително зголемување при употребата на истите со раст од 34,7% во однос на првото полугодие од 2020 година, додека остатокот се извршени со употреба на кредитни трансфери (учество од 42,3%) коишто бележат раст од 15,1%, споредено со истиот период од изминатата година.