Барајќи ги руското и кинеското влијание во Македонија

Каде да ги најдеме тие штетни и разјадувачки руско и кинеско влијание во Македонија? „Многу е тешко да се пронајде црна мачка во темна соба, посебно кога мачката воопшто ја нема“ вели потсмешливата забелешка на древниот кинески филозоф Конфуциј. Практичниот конзервативен Кинез, уште пред два и пол милениуми, така ги исмеал залудните напори на сите можни бирократии и организации да се впуштаа во лов на непостојнии вештерки и да ги трошат ресурсите на борби со ветерници.
Таква е некако и актуелната приказна за руското и за кинеското влијание во Македонија. Оние разумните аналитичари не може никаде да ги видат, но очигледно е дека постојат и такви помеѓу нас што ги пронашле… најчесто во сопствените апликации за грантови од разни амбасади, фондации и други донатори што финансираат вакви целосни измислици или, пак, во бесмислените апели кон „Западот“ да се спречи подемот на Русија и на Кина на Западен Балкан.
Но да појдеме од почеток… Проекцијата на моќ на големите светски сили во определени држави или региони може да земе различни облици. Најтврда е воената моќ, односно присуство на туѓински војски на една определена територија, како еден вид обележување на теренот и околчување на влијанието. Во Македонија и, воопшто, на Западен Балкан единствени присутни војски се оние на земјите-членки на НАТО и на ЕУ, преку мисијата Алтеа на ЕУ во Босна и КФОР-мисијата на НАТО на Косово, а САД имаат и две воени бази во регионот, кампот Орел во Тузла и кампот Бондстил во Урошевац. Тука некаде при самиот врв се наоѓа и дипломатската моќ на велесилите што не се мери само преку активноста на дипломатските претставништва, туку и преку трудот на нивната целокупна дипломатска мрежа.

На Балканот јасна е дипломатската премоќ на САД, и тоа не само преку американските амбасади, туку и низ сеприсутноста на американските дипломати во сите можни и неможни регионални мисии, иницијативи и проекти раштркани по регионот. Исто така, дипломатската квинта е клучна амбасадорска група во секоја од земјите во регионот, а овие пет амбасадори (САД, Обединетото Кралство, Италија, Франција и Германија) се највлијателните дипломатски фигури во секој стол на Балканот. Некаде тука треба да биде и разузнавачката моќ на велесилите што мошне тешко се мери поради природата на нивната работа, но бројноста на дипломатите може да биде добар лакмус и за овој сегмент на моќта (тешко дека има некаква разузнавачка моќ во амбасада со тројца дипломати, шофер и секретарка). Дипломатската моќ на една земја се изразува и преку средствата за развојна помош, за развој на цивилното општество, медиумите, политичките партии, здруженијата на стопанствениците, синдикатите, религиозните групи и така натаму. Распределбата на овие средства им дава пристап на дипломатите до сите поддржани сегменти од едно општество.
На Западен Балкан нема ниту еден единствен кинески или руски војник (освен како воени аташеи во дипломатските претставништва), а бројот на дипломатите во амбасадите на овие земји најчесто се мери со прстите на раката во безмалку сите главни градови од регионот. Освен срамежливите почетоци на кинеското присуство преку институтите „Конфуциј“ и некои најави за влез на руски фондации, на Западен Балкан нема никакви точки за проекција на влијание преку државни или парадржавни руски и кинески тела. За разлика од нив, воената моќ на НАТО и на ЕУ во регионот е неприкосновена, а нивното дипломатско присуство е сеприсутно во сите можни сфери на општеството, политиката, бизнисот, културата и образованието. Едноставно, не постои макар и срамежливо влијателен општественик на Западен Балкан што не дошол во контакт со развојните агенции на западните земји и со нивните проекти во сите општествени сфери. Неспоредлива е оваа дипломатска моќ и проектирано влијание на земјите од НАТО и од ЕУ на Балканот со која било друга земја во подем од остатокот на светот.

Освен овие официјални канали на моќ, директно поврзани со државниот буџет и државната бирократија на определена велесила, мошне робусни се и економските интереси. Тие се мерат преку трговската размена, уделот во клучниот финансиски сектор, странските директни инвестиции и енергентите. Во тој поглед на Балканот постои само една велесила и тоа е Европската Унија, поточно Сојузна Република Германија како критична економска моќница во регионот. Трговската размена на сите земји од Западен Балкан е над 70 отсто со земјите од ЕУ, некаде и над 50 отсто со самата СР Германија, сите клучни банки, брокерски куќи и други финансиски институции во регионот се со европски доминантен капитал и странските директни инвестиции се во над 90 проценти од земјите-членки на ЕУ, најчесто од Германија.
Единствено поле каде што постои извесно руско влијание се енергентите, поточно снабдувањето со природниот гас, но единствена причина за тоа е географијата затоа што, во моментов, е невозможно да се доведе на Балканот природен гас од други наоѓалишта, освен од руските. Притоа секоја земја од Западен Балкан има забелешка за цената на рускиот гас и се стреми да си приушти диверзификација на снабдувањето, но засега тоа е технолошки и посебно економски прескапо.

Најмека е, пак, културната моќ, пласирана преку животниот стил, медиумите, книгите, филмовите и така натаму. И мерењето на културната моќ е едноставно, па доволно е да се види бројот на ученици што изучуваат еден странски јазик, бројот на филмови прикажувани на ударните термини на телевизиите, гледаноста на странските канали на кабелските телевизии, бројот на студенти на универзитети во определени земји, миграторните текови, популарноста на спортските лиги, читаноста на книгите и така натаму. И во овој сегмент не постои никакво руско или кинеско влијание, макар и во траги, барани микроскопски. Американскиот и европскиот животен стил се безмалку еднообразни културни матрици на Балканскиот Полуостров, а младите Балканци „гласаат“ за САД и за ЕУ и со мозоците (образование на тамошните универзитети), а сè почесто и со стапалата (преселба, барање работа и изградба на семејства во западните метрополи).
Во политичката сфера, пак, нештата се уште поизострени. Во Македонија не постои посериозно политичко движење или, барем, лидер, па нека биде и влијателен општественик што би бил против демократското уредување и пазарната економија, буквално устроени по западните урнеци. Високиот процент на поддршка на Македонците за членство во Европската Унија, всушност, укажува дека институционалниот поредок на европските држави е најпривлечниот модел за нас. Да, кај Србите во регионот, поради горкото искуство со бомбардирањето од 1999 година, постои јасен и недвосмислен отпор кон членство во НАТО, но и тие го имаат истиот порив за полноправно членство на нивните земји во Европската Унија и за моделирање на општествата каде што живеат по западните урнеци.

Единствени ликови што ги „пронајдоа“ руското и кинеското влијание на Балканот се истрошените, корумпирани и безидејни политичари, како нашиот Зоран Заев и нему слични. Тие така испраќаат пораки дека сè уште се употребливи, за каква било балканска ујдурма, а принудени се вака политички да се проституираат затоа што се свесни дека ја немаат демократската поддршка од сопствениот народ и дека им нема спас без туѓинската помош и поддршка. Спас од руското и од кинеското влијание бараат и вечните „граѓански активисти“, невлијателните колумнисти, нечитаните новинари, „неразбраните“ поети и уметници и преостанатата балканска грантољубна интелектуална бижутерија, како што ги нарекува Алек Русјаков. Се разбира, спасот треба да дојде во форма на грантови, студиски патувања, семинари, работилници, промотивни кампањи и спотови, изработка на стратегии, анализи и студии, акциони планови, вистиномери, „научни“ трудови и други осврти, со цел да се зачува животот на висока нога, без никаква додадена општествена вредност, да им се реновираат кујните и бањите (можеби таму ќе ги откријат скриените руски и кинески војници, дипломати и разузнавачи), па така да се закрпи денот до утре или до задутре, сè додека има овци за стрижење.
Вистината е дека руското и кинеското влијание имаат еднаква тежина колку и влијанието на сето празнословие, празноречие и залудно потрошени тони хартија од корумпираната политика и од компромитираната интелектуална бижутерија – сосема занемарлива!
Можеби проблемот се крие во подемот на третиот свет, во глобалното повлекување на западниот свет и во интелектуалното затворање на западната мисла, како и во недостигот од идеја што воопшто да се прави со Балканот во европските и во евроатлантските констелации, но тоа е тема за друга колумна.
Оттука, има право и Конфуциј дека е мошне тешко да ја најдеме црната мачка (руското и кинеското влијание) во темната соба (Западен Балкан) посебно кога мачката ја нема.