Вкупните буџетски расходи идната година ќе изнесуваат 272,4 милијарди денари (околу 4,43 милијарди евра), или 35,2 отсто од домашниот бруто-производ. Вкупните приходи се проектирани на 238,9 милијарди денари (или околу 3,8 милијарди евра), односно 30,9 отсто од БДП. Буџетскиот дефицит е предвиден во износ од 33,5 милијарди денари, или околу 544,4 милиони евра (4,3 отсто од БДП). Разликата меѓу расходите и приходите ќе се пополни со задолжување од домашни и странски извори, при што за таа цел, покрај постојните видови обврзници, ќе се издаваат и четири нови видови, и тоа развојни, зелени, проектни и обврзници индексирани со инфлацијата. Ова го најави министерот за финансии Фатмир Бесими, образложувајќи го предлог-буџетот за 2022 година, кој беше усвоен викендов на владина седница, но поради изборниот молк беше презентиран вчера.
– Главна карактеристика на буџетскиот дефицит ќе биде што тој ќе се користи за поддршка на капиталните расходи, односно на капиталните инвестиции, кои се предвидени во износ од 37,8 милијарди денари. Ова значи дека капиталните расходи се поголеми од буџетскиот дефицит, што покажува дека буџетот за наредната година е развоен – рече Бесими на прес-конференцијата.

Тој посочи дека вкупните буџетски приходи од 238,9 милијарди денари се за 7,4 отсто повисоки од процената за остварување на буџетот за 2021 година. Притоа, даночните приходи ќе изнесуваат 136,5 милијарди денари, или за 10,2 отсто повеќе од годинава. Тој рече дека треба да се има предвид дека овие приходи се проектирани во услови кога со законски прописи се намалени некои давачки, како на пример намалената стапка на ДДВ за некои угостителски услуги, повластената стапка на ДДВ за електричната енергија за домаќинствата итн.
Бесими исто така посочи дека расходната страна е зголемена номинално за 1,4 процент, или за 3,7 милијарди денари. Наедно, министерот најави натамошна фискална консолидација, намалување на непотребните расходи, поефикасно трошење на јавните пари итн. Тој дополни дека буџетот и идната година ќе остане ликвиден и дека исплатата на платите, пензиите и социјалните надоместоци ќе биде редовна и навремена.
Бесими најави и поголеми плати за здравствените работници, во износ од 5 отсто, односно, како што објасни, тоа што годинава го добивале како бонус, кој бил обезбеден преку кредит од Светската банка, во наредната година ќе се трансформира во редовни плати, за што се предвидени буџетски средства.
Повеќе средства ќе добие и локалната самоуправа, со оглед на донесените законски решенија годинава за натамошна фискална децентрализација.
Инаку, за наредната година се предвидува раст на БДП од 4,6 отсто, додека инфлацијата ќе изнесува 2,4 отсто.