Мешовитата историска комисија во оваа форма е излишна и јас лично не ја гледам смислата на нејзиното постоење или продолжување на активностите во овој формат, изјави Спас Ташев од Институтот за население и хумани студии при Бугарската академија на науките (БАН) за бугарскиот портал „Њуз“, по повод работата на Заедничката бугарско-македонска комисија за историски и образовни прашања. Тој се осврна и на ситуацијата на македонските Бугарите и евроатлантските интеграции на Македонија.

Ташев експлицитно појасни дека не предлага распуштање на комисијата, туку да се преиспитаат нејзините активности и да се фокусира на промовирање на неспорните факти, кои се прифатени од Бугарија и Македонија во општите публикации. Според него, може да се заклучи дека комисијата не дава резултати, а причина за тоа е, како што вели, непромислената идеја за нејзино формирање.

– Ако треба да го погледнеме постоењето на спорните прашања, такви имало меѓу Грција и Северна Македонија. Грција не дозволи ништо да пропушти на оваа тема, а Бугарија зазеде поинаков пристап, сметајќи дека за сите спорни прашања треба да се разговара билатерално и врз основа на дискусии да се најде заедничко решение – рече Ташев.

Тој посочи дека дискусиите во комисијата биле непродуктивни и не се водат записници од состаноците. Што и да се истакне, но и какви одлуки да се донесат, тоа не се почитува од скопската страна и генерално се враќаме на нашата почетна точка, рече Ташев.

Ташев е на став дека доколку дебатите во комисијата привремено се замрзнат и двете страни почнат со архивски активности со објавување на документи за спорните историски личности, тоа веќе ќе биде основа за дебата.

Членот на комисијата истакна дека е многу тешко да се одговори дали може да се решат спорните прашања околу Гоце Делчев, Цар Самоил и браќата Миладиновци. Денешните македонски историчари, кои се школуваа во поранешна Југославија, вели Ташев, многу тешко ќе се откажат од своите позиции врз основа на кои ги добија научните и академските дипломи.

Според Ташев, нема желба од страна на научниците и историчарите на Македонија да променат некоја нивна акција. Ташев истакна дека Бугарија генерално е влезена во нова фаза во својата политика кон Македонија.

– Досега акцентот во нашата политика беше ставен на историјата и не обрнувавме многу внимание на сегашноста. Поради оваа причина, бугарските аргументи не беа разбрани од европските и американските партнери. Претседателот Румен Радев прв го постави прашањето дека треба да се смени акцентот и тој да се стави на човековите права. Шефот на државата го постави прашањето за тоа што Бугарите во Република Македонија се маргинализирани, прогонувани и нерамноправни – вели Ташев.

Ташев повика во никој случај да не се користи терминот „бугарско малцинство“, тврдејќи дека во последниот официјален попис на Отоманската империја во 1912 година, Бугарите на сегашната територија на Македонија не се малцинство, туку 54 отсто, односно мнозинство.

Тој посочи дека формулата „делот на бугарскиот народ што живее на територијата на Македонија“ е подеднакво прифатлива и за Софија и за Скопје, никого не навредува и е добра основа врз која би се граделе билатералните односи.

Ташев смета дека доколку Бугарија ги презентира тезите и фактите какви што се пред нивните европски партнери, тогаш ќе бидат сведоци на притисок, но тоа нема да биде притисок врз Софија, туку врз Скопје за, како што вели, говор на омраза и расчистување на историјата.

– Ако тоа се случи меѓу Северна Македонија и Бугарија, тогаш ќе видиме процес на брза демократизација на Скопје. Тогаш ќе се отвори патот на Северна Македонија кон Европската Унија – изјави Ташев.