Трилер
Сонцето падна на запад и запурнината попушти. Босовите се ослободија од шамичињата со кои постојано си ја бришеа потта од лицето. Расположението беше на завидно ниво.
– Предлагам да се напиеме уште по едно кафе, а потоа да продолжиме – рече Кавалканте.
– Ама мене ми е доста едно – се јави Вилароса.
– Секому според желбите – ги утеши домаќинот.
Откако здивнаа, дон Фето погледна во дон Кабузо. Дебелиот нервозно се промрда во столот оти знаеше дека редот е тој да раскаже некоја случка во врска со дон Бруто.
– Дозволи ми да бидам последен, дон Фето. Никако да ми текне настан што би ве засмеал онака за мерак.
– Но, добро – се согласи домаќинот. Јас пак мислам дека поседувам материјал што ќе ве насмее безмалку како и приказните што беа раскажани предмалку. Значи, во далечната 1970 година го поканив на лов на дабри. Тој веднаш прифати бидејќи бевме во привидно добри односи. Но бев убеден дека зад мирот се тркала бура. Секогаш беше расположен да надитрува. Мразеше влечуги до бескрај. За глодачите и да не зборувам. Штом се формираа ловечките тимови, тој веднаш скршна од договорот и се издвои од групата на која ѝ припаѓаше. Впрочем, уживаше да стрела во крупен дивеч.
Во Чикаго допатува со неговата „цесна“. Го придружуваа четворица искусни ловци, претежно членови на семејството Бруто. Посака да ја разгледа мојата административна зграда. Знаев дека веднаш ќе посака да компарира. Истата вечер тргнавме кон Кануша, на источниот брег на Мичиген. Таму имав имот и неколку вили.
– На која локација ќе ловиме? – ме праша нишајќи се во столот.
– Имам едно големо изненадување за тебе, дон Пасквале – одговорив. – Што ќе речеш за Зелениот Залив и Оконто?
Ме погледна со крупните жабји очи и свирна низ усните. Беше воодушевен бидејќи му ја исполнив големата желба да стрела во мечки и крупни лопатари.
– Ова никогаш нема да ти го заборавам, дон Фето. Ареалот е токму како за мене.
– Заливот е полн и со дабри и со видри. За секого по нешто.
– Аааааа, да – потврдно нишна со главата, иако ова последново воопшто не му одговараше.
Утредента пред изгрејсонце по нас дојдоа два хеликоптера, моја лична сопственост. Едноставно, сакав и јас да го импресионирам. Тие нѐ одведоа до Грин Беј. Таму појадовме. За еден час веќе го пиевме нашиот топол чај во Оконто. Таму нѐ пречекаа двајца искусни трапери што ги ангажирав за посебни цели.
– Што ќе ти се овие? – ми шепна дон Бруто.
– Без нив, ќе се загубиме во оваа недопрена дивина, пријателе.
Беше пладне кога два џипа „чероки“ нѐ одведоа во импровизираниот ловечки камп на дваесетина милји северно од Оконто. Таму, во една траперска колиба, се ослободивме од вишокот опрема. Потоа во тесно развиени формации, тргнавме на лов по дивеч.
– Да бидам искрен, мразам да цапам по калта – мочурливата почва започна да му задава проблеми. – А јас да си удрам по нагорнината, каде што се мечките и лопатарите?
– Има време и за тоа – му одговорив лаконски. – Знаеш, каде сите, таму и ние. Потоа, задоволството за лов на крупни ѕверови нека биде исклучиво твое, дон Бруто!
Го истри носот со дланка и го стивна грмежот со кој сакаше да настапи. Сметајќи дека со времето ќе опадне и мојата концентрација, малку по малку се оддалечи и јас го забележав како дискутира нешто со својата вечна сенка, мускулестиот Џек Брусати.
Пред нас се појави змијулеста речна врвка. Таму се криеја стапици во кои лесно можевме да влетаме доколку не нѐ водат искусни ловџии.
Дон Фето запре за да здивне. Дури и за него, како наратор, приказната беше премногу здодевна ако се знае дека претходните две предизвикаа гласна смеа кај присутните. Но бидејќи беше домаќин на самитот, неговите гости не му фатија кусур.
– На изворот на Оконто извршивме минирање на неколку брани направени од дабрите. Во тој метеж, дон Бруто и Џек Брусати исчезнаа. Трубењето што го слушнав по експлозиите потекнуваше од ловечки инструменти за мамење лосови. Двајцата беа удриле по нагорнината каде што растеа четинари. Меѓу честарот, веројатно ќе накапеа на некое мрзливо говедо или на разлутено гризли. Но, тоа беше неговиот живот, а не жабите и влечугите. При крајот на денот разменив неколку збора со нашите водичи, а тие слатко се изнасмеаја.
Кога вечерта се собравме во логорот, на себе носеа преполни ранци. Никој ништо не ги праша, никој ништо не им забележа иако сите знаевме дека се обидуваат да скријат нешто од нас. Вечерата беше по мерак. Дон Бруто се насладуваше на пржените ракчиња што ги извлековме од мочуриштето.
– Од сите хранливи нешта што ги населуваат мочурливите предели, ги обожавам ракчињата – се лигавеше од задоволство. – Што се однесува до калта, неа во еден ден би ја покрил со тврд материјал!
– А јас, пак, сите оние мечкишта и будалести говеда би ги префрлил од другата страна на границата – возвратив со насмевка.
*
Пред легнување, беше невообичаено нервозен. Во доцните часови, заедно со Брусати и со ранците на грбот, ја напуштија нивната колиба.
– Каде? – не можев да не ги прашам.
– Ќе спиеме во џиповите бидејќи имам фобија од влечугите – одговори без да се збуни.
Бев сигурен дека во багажниците ќе ги сместат роговите од уловените капиталци, а месото во фрижидерите што ги понесовме со нас. Заедно со моите луѓе останавме на пристојна оддалеченост за да го гледаме ефектот од итрината што им ја подготвивме. Бидејќи знаев дека ќе се обидат да го направат она што веќе се подготвуваа да го направат, на нашите водичи им препорачав во внатрешноста од „чероките“ да уфрлат влечуги од кои не им се закануваше опасност по животот. Сепак, тие навистина беа лигави и страшни за гледање ама сосема безопасни. Можете да си замислите што се случи откако дон Бруто и неговиот човек се соочија со неочекуваното.
Нашиот бос бегаше како да го прогонуваат сите демони на светот. Не знам каков му беше изразот на лицето и за него можев само да претпоставам, но знам дека петиците од нозете му беа високо на грбот. За разлика од него, Џек Брусати без милост го празнеше шаржерот од револверот, обидувајќи се да расчисти со гнасните влекачи.
Отпрвин тивко, а потоа сѐ погласно и погласно смеење одекна во летната приквечерина. Тоа беше вистинска експлозија по можеби пасажното пренесување на случката од страна на дон Фето. Босовите се држеа за стомак, не можејќи да се одбранат од смеата.
– Само што се повлековме во мојата колиба – откако смеата замре, дон Фето продолжи со приказната, – кога ете ти го него. Разлутен како бик, ме зграпчи за реверите од кошулата и којзнае што ќе се случеше ако моите телохранители не ме извлечеа од неговите шепи.
– E sporco topo (валкан стаорец)! – грмеше. – Зарем на пријател со вака низок удар? Признај дека ти го направи ова?
– Еј, што ти стана? Ти ќе ме задавеше, а јас не знам зошто ми го правиш тоа?
– Не прави се недоветен, Ѓузепе Фето!
– Се колнам во најмилото…
Врти-сучи, спласна.
– Во чајот со кој беа понудени имаше приспивно средство. Штом заспаа, од раниците извадивме две џиновски глави од сур гризли и неколку рога од лос капиталец. Месото го сместивме во фрижидерите, а наместо него, внатре ставивме фрливме крастави жаби. Не сакам ниту да се повторувам како се почувствува дон Бруто кога ги завлече рацете во ранецот. Да, пријатели. Најпрвин позелене, а потоа пребледе како мртовец. На крајот, се струполи во тревата. Џек Брусати безмилосно ги клоцаше раниците полни со крастави жаби.
Старците повторно ги зафати нов бран од смеа.
– Што се случи потоа? – праша дон Пјетро Кабуза откако малку се созеде.
– Кога си дојде при себе, дон Бруто ми ја подаде својата месеста дланка.
– Морам да ти признаам – ми рече, – дека никој вака не ме потресол, пријателе. Знам дека ти го смисли сето ова.
– Да бидам искрен, морав некако да ти вратам за сите мајтапења што ми ги имаше направено, дон Бруто – му признав.
– Простено ти е – се насмеа од срце. – Врати ми ги трофеите и јас заминувам за Чикаго. Оттаму бегам за Њујорк и повеќе нема да ме видиш во овие проклети мочуришта!
– Неколку седмици подоцна, влегувам јас во мојот кабинет. Секретарката не беше дојдена бидејќи беше рано изутрина. Никогаш немав обичај да ја малтретирам, па затоа самиот си го варев утринското кафе. Одеднаш, почнав да кивам. Мислев дека е случајност, но тоа се претвори во еден долг процес. Интензитетот постојано растеше. Се свртев околу себе, кога имав што да видам. Насекаде саксии со прекрасно цвеќе, а јас алергичен до немајкаде! Гладиоли, орхидеи, лалиња и што сѐ не, какви сѐ не убави цвеќиња. Некој ми наместил знаејќи ја мојата слабост. На лов можев да одам сѐ додека не процветаат ливадите.
Очите ми набабреа, лицето ми се збрчка, градите ми станаа тесни. Насекаде ме чешаше, а воздух имав сѐ помалку и помалку. Стасав само да го исклучам плинскиот апарат на кој вриеше моето утринско кафе, а потоа како знаев и умеев, се упатив кон излезот тетеравејќи се. Се пробив до ходникот и таму се струполив. Последното што допре до моите сетила беше вресокот на секретарката, која штотуку излегуваше од лифтот.
– Кој беше јунакот што успеа да направи ботаничка градина од мојот офис? – ги прашував одговорните кога дојдоа да ме посетат во болница. Над главата висеше мојата сопруга Марта.
Од редот кутреци што стоеја пред мене со сведнати глави, смело истапија еден од обезбедувањето и една млада хигиеничарка.
– Простете, но ние веднаш треба да се објасниме околу случајот. Всушност, стаса екипа за аранжирање со ваше писмено одобрение, мистер Фето. Таа совесно се легитимираше кај нас со напомена дека вашата сопруга сака да ви приреди пријатно изненадување за вашиот роденден. Никој од нас не знаеше за вашата алергија на цветни растенија. Веројатно тоа била ваша мала тајна?
– Мојата сопруга… пријатно изненадување? – се свртев кон Марта, а таа невино ги собра рамениците. Беше вчудовидена.
– Господе… – пропелтечи.
– Застанете, застанете – кренав рака, мојот роденден е во декември, а сега е март?
Потоа ми текна чие масло е ова. Се разбира, на листата на сомнителни беше само еден – славниот и неприкосновен мешетар и интригант, дон Пасквале Бруто! Тој никому и никогаш не му остануваше должен за местенките. Почнав да се смеам на сиот глас. Кога кажав гласно кој можел да ме намести, мојата сопруга Марија се превиткуваше од смеа. Моите соработници отпрвин срамежливо и со страв ја прифатија заразата, а потоа никој од нив повеќе не можеше да се воздржи. Сега не можеа да се воздржат ниту гангстерските газди. Сепак, остана впечатокот дека дон Кавалканти со својата сторија успешно стоеше на врвот и беше ненадминат во духовитоста и со смешните примеси во нарацијата.

































