Од Министерството за економија и труд сметаат дека нема потреба од воведување нови интервентни мерки, бидејќи најновите официјални податоци од Државниот завод за статистика покажуваат дека во јули 2026 година инфлацијата опаѓа и ценовните движења остануваат стабилни, без значителни шокови на пазарот.
-Министерството за економија и труд и понатаму внимателно ги следи движењата на цените преку официјалните статистички податоци, но и преку анализите на набавните и продажните цени и бруто-профитните маржи. Паралелно, Државниот пазарен инспекторат продолжува со редовни и засилени инспекциски контроли за да се спречат евентуални злоупотреби и неоправдани поскапувања. Во моментов, официјалните показатели не упатуваат на потреба од воведување нови интервентни мерки, бидејќи ценовните движења се стабилни, а кај најзначајната категорија – храната – веќе втор месец по ред се бележи намалување на цените, велат од Министерството.
Сепак, додаваат, Владата останува целосно посветена на заштитата на животниот стандард на граѓаните.
-Доколку се појават нови неоправдани ценовни шокови или нарушувања на пазарот, ќе реагираме навремено и ќе ги искористиме сите механизми што ни стојат на располагање за обезбедување фер пазарни услови и заштита на потрошувачите, порачуваат од Министерството за економија и труд.































