Фото: ЕЏУ

ЗАВРШИ ЕВРОПСКИОТ ЈУНИОРСКИ КУП ВО ЏУДО „СКОПЈЕ 2026“

  • Во изминатите денови, Скопје беше центар на европското џудо со врвни борби, силна конкуренција, спортски дух и незаборавни моменти. Голема благодарност до сите натпреварувачи, тренери, судии, делегати, волонтери, организатори и поддржувачи, кои придонесоа ова издание да биде успешно. Особена благодарност до сите што со својата посветеност и професионалност покажаа дека Скопје и Македонија се одлични домаќини на големи европски спортски настани. Честитки до сите учесници за прикажаните борби и за постигнатите резултати, велат од ЏФМ

Во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, по два натпреварувачки дена, успешно заврши европскиот јуниорски куп во џудо „Скопје 2026“, голем спортски настан, кој по четврти пат во низа ги обедини најдобрите млади џудисти од Европа на едно место, а беа вкупно 329 од 33 земји. За разлика од минатата година кога на овој ист Куп македонската репрезентативка и членка на џудо-клубот Миоки од Скопје, Ива Богдановска, освои бронза во категоријата до 63 кг, остварувајќи четири победи од пет борби, овој пат македонските џудисти не освоија медал иако имаа голема желба и се трудеа да се покажат во што посветло издание.
– Во изминатите денови, Скопје беше центар на европското џудо со врвни борби, силна конкуренција, спортски дух и незаборавни моменти. Голема благодарност до сите натпреварувачи, тренери, судии, делегати, волонтери, организатори и поддржувачи, кои придонесоа ова издание да биде успешно. Особена благодарност до сите што со својата посветеност и професионалност покажаа дека Скопје и Македонија се одлични домаќини на големи европски спортски настани. Честитки до сите учесници за прикажаните борби и постигнатите резултати. Се гледаме на Европскиот сениорскиот куп, кој ќе се одржи годинава во септември во Скопје – велат од ЏФМ.
На вториот натпреварувачки ден на европскиот јуниорски куп во џудо „Скопје 2026“ настапија и преостанатите осум македонски џудисти (од вкупно 15), од кои пет во машка и три во женска конкуренција. Резултатот беше идентичен како и по првиот ден, повторно беа извојувани две победи во првото коло. Во категорија до 90 кг настапија двајца џудисти, Никола Петров, кој во првото коло победи претставник од Хрватска, но во втората борба беше поразен од џудист од Бугарија, и Владимир Милчиноски, кој во првото коло загуби од Молдавец.

Во категорија до 100 кг, Ахмед Факик во првото коло беше поуспешен од џудист од Грција, но во следната борба беше поразен од германски натпреварувач. Во категорија над 100 кг настапија двајца џудисти и истите тие беа поразени. Марко Чивлачки од турски, додека Душко Јовески од грчки натпреварувач, а во репасажната борба загуби и од џудист од Турција.
Во женска конкуренција, Георгина Блажевска до 48 кг во првата борба беше поразена од Белорусинка, а во репасажната борба и од џудистката од Белгија. Во категорија до 57 кг, Азра Заими во првото коло загуби од претставничка на Србија, а немаше можност за репасажна борба.
– Како селектор на македонската репрезентација очекував, по двата натпреварувачки дена, настапот на нашите претставници во оваа силна конкуренција да биде многу подобар. За разлика од лани кога на овој ист Куп Ива Богдановска освои бронза, овој пат останавме без медал. Секако, ако сакаме повеќе успех и да се носиме со посилните репрезентации, ќе мора многу повеќе да се работи на татамите, а и клубовите треба да бидат многу поактивни, оти џудото е тежок спорт, а ние сме мала држава. Згора многу европски држави со години имаат голема традиција во џудото, многу се вложуваат средства во нив, имаат по двапати дневно тренинзи во нивните клубови, па затоа е тешко да се стигнат во краток период, а уште повеќе и да се победат иако на организациски план сме најдобри од сите европски држави, што секако е за пофалба. Се надевам дека џудо-експертот од Меѓународната џудо-федерација (ИЏФ), Романецот Дани Георге, кој ќе остане тука две години, ќе направи програма за работа и многу ќе придонесе за побрз развој на македонското џудо – ни изјави селекторот на јуниорската репрезентација, Александар Фузевски.
Во текот на изминатите два дена, организациски тим интензивно работеше на подготовка на местото на натпреварувањето, вклучувајќи ги татами-зоните, техничката инфраструктура и помошните објекти.

За многу спортисти, овој Куп во Скопје претставуваше и последна можност да ги подобрат своите перформанси во конкурентна средина, да ја проценат својата форма и да изградат самодоверба пред да го свртат вниманието кон континенталните првенства, но и последен тест пред Европското првенство за јуниори, кое ќе се одржи во Скопје на 19 и 20 септември годинава. За Македонија, пак, настанот претставуваше уште една значајна можност за македонските џудисти да се натпреваруваат против некои од најсилните џудо-таленти во оваа возрасна категорија од цела Европа.
Вчера започна, а денеска и утре ќе продолжи да се реализира исто така во Скопје, и Европскиот јуниорски тренинг-камп, на кој учесниците ќе имаат можност за заеднички тренинзи, техничко-тактичка подготовка, како и размена на искуства со репрезентативци од цела Европа под водство на нивните национални тренери. Временските термини на тренинзите денеска се од 10 до 12 часот и од 17 до 19 часот, додека утре само од 10 до 12 часот. Г.И.


Најуспешни пет репрезентации

ДРЖАВА ЗЛАТО СРЕБРО БРОНЗА
1. Германија 6 2 3
2. Белорусија 2 4 1
3. Азербејџан 2 – 5
4. Романија 1 1 –
5. Белгија 1 – 4