Како дојдовме до денешниот систем?

ВИЗИЈА ЗА МОДЕРНО, ОДРЖЛИВО И ПРАВЕДНО ЗДРАВСТВО (1)

ПАЦИЕНТОТ ИЗБИРА – НЕГОВИТЕ ПАРИ ГО СЛЕДАТ

За да разговараме за иднината на македонското здравство, најнапред е потребно да разбереме како се развивал системот што го имаме денес. Здравствениот систем на РС Македонија не е создаден прекуноќ. Тој е резултат на историски околности, општествени промени и реформи што, во времето кога биле донесени, имале своја логика и оправданост.
Во периодот на поранешна Југославија, здравствената заштита беше организирана во согласност со тогашниот општествен и економски модел. Здравствените домови и болниците беа дел од единствен јавен здравствен систем, финансиран преку задолжителното здравствено осигурување и буџетски средства. Основната цел беше секој граѓанин, без оглед на местото на живеење или материјалната состојба, да има еднаков пристап до здравствена заштита.
По осамостојувањето на Република Македонија, државата се соочи со голем број економски, демографски и организациски предизвици. Здравствениот систем требаше да се приспособи на новите општествени околности, ограничените финансиски можности и потребата да се зачува достапноста на здравствената заштита.
Во 1992 година беше овозможено формирање приватни здравствени организации, со што започна постепениот развој на приватниот сектор во македонското здравство. Истовремено, организацијата на јавното здравство продолжи да се темели на административно планиран модел, кој подоцна беше дополнително уреден преку Законот за здравствената заштита и Уредбата за мрежата на здравствени установи. Со овој модел државата определуваше кои здравствени установи ќе обезбедуваат услуги финансирани со јавни средства и како тие ќе бидат територијално распределени.
Таквиот модел имаше јасна цел. Во услови на ограничени ресурси беше неопходно да се обезбеди рамномерна распределба на здравствените капацитети, контрола на трошоците и стабилно функционирање на системот. Во тоа време таквиот пристап беше рационален и целосно оправдан.
Меѓутоа, здравствените системи не можат да останат непроменети додека општеството околу нив се менува.

Во последните три децении медицината доживеа огромен технолошки напредок. Голем број процедури и операции што некогаш бараа повеќедневна хоспитализација денес успешно се изведуваат во дневни болници или амбулантски, со поголема безбедност за пациентите, пократко закрепнување и пониски трошоци.
Во исто време, Македонија се соочи со значајни демографски промени. Голем број граѓани се иселија во странство, а многумина од помалите градови и руралните средини се преселија во Скопје и во другите поголеми урбани центри. Како резултат на тоа, потребите за здравствени услуги денес не се исти како пред триесет години.
Истовремено, граѓаните имаат поголеми очекувања, полесен пристап до информации и сè повеќе сакаат сами да изберат каде ќе се лекуваат. За нив се најважни квалитетот на здравствената услуга, стручноста на медицинскиот тим, современата опрема, краткото време на чекање и резултатите од лекувањето.
Затоа е сосема природно да се постави прашањето дали организацискиот модел што бил соодветен пред триесет години и денес во целост одговара на потребите на граѓаните.
Ова прашање не претставува критика на постојниот систем, ниту негирање на сè што е направено досега. Напротив, тоа е повик здравствениот систем да продолжи да се развива заедно со општеството на кое му служи.
Реформата на здравството не значи отфрлање на добрите решенија од минатото. Таа значи нивно приспособување на новите околности, со цел и идните генерации да имаат здравствен систем што ќе биде достапен, квалитетен и финансиски одржлив.
Токму затоа следното прашање не е дали треба да го менуваме здравствениот систем, туку како да го менуваме така што во неговото средиште секогаш ќе биде – пациентот.

Д-р спец. Наум Трпеноски

(продолжува утре)

Авторот е специјалист офталмолог – хирург и магистер по здравствен менаџмент