Регионален самит на централните банки во Црна Гора

Во текот на изминатиот викенд, во Црна Гора се одржа Самитот на министри за финансии, гувернери на централни банки и директори на даночни управи, насловен „Финансиска и монетарна стабилност на регионот во услови на изразени геополитички ризици“. Гувернерката на македонската Народна банка учествуваше на овој регионален финансиски самит, со дискусиите на панелот на тема „Монетарната политика во инфлациско опкружување“, на кој говореа и гувернерите на Црна Гора, Србија, Словенија, Босна и Херцеговина, Албанија и на Косово и вицегувернерот од Хрватска.
– Во услови на изразени инфлациски притисоци, централните банки мора да останат фокусирани на својата примарна цел, а тоа е среднорочната ценовна стабилност, што без никакво сомневање бара нормализирање на монетарната политика.Секако, при нормализирањето на монетарната политика, централните банки водат сметка за ефектите врз економскиот раст и стабилноста на финансискиот систем – беше посочено во излагањето на гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Учесниците на панелот го потенцираа значајното забрзување на инфлацијата во сите земји во регионот, која во просек достигна 13,5 отсто, како и притисоците од енергетскиот шок врз девизните пазари, што резултира со потреба од затегнување на монетарните политики во регионот. Ова особено доаѓа до израз во услови кога ФЕД и ЕЦБ, кои во значајна мера ги дефинираат глобалните финансиски пазари, веќе во неколку наврати ги зголемија каматните стапки, а ФЕД веќе и ја намалува ликвидноста од пазарите. Со ова се намалува и просторот за маневар на другите централни банки.
Доколку централните банки во регионот не преземаат мерки што ќе го следат циклусот на ФЕД и ЕЦБ, може да се соочат со ризици за капитални одливи или помали капитални приливи, а со тоа и зголемени притисоци на девизниот пазар – истакна гувернерката.

Сите учесници на панелот се согласија дека одржувањето на стабилноста на девизниот курс е од исклучително значење за стабилизирање на инфлацијата.
Самитот на едно место ги собра клучните креатори на фискалната и монетарната политика, претставниците од меѓународни финансиски институции и водечките луѓе од најголемите банки, компании и осигурителни компании од целиот регион, кои годинава разменија мислења за неопходната соработка на монетарната и фискалната политика во справувањето со предизвиците и преземањето мерки за ублажување на негативните последици од економската криза

Драстичен пад на светските берзи

На светските берзи цените на акциите драстично паднаа минатата недела, третпат по ред, бидејќи инвеститорите стравуваат дека агресивните зголемувања на каматните стапки од страна на централните банки за да се ограничи инфлацијата ќе предизвикаат рецесија. На Волстрит, Доу џонс падна за 2,9 отсто минатата недела, на 28.725 поени, а С&П 500 се лизна за исто толку, спуштајќи се на 3.585 поени. Индексот Насдакју падна за 2,7 отсто, на 10.575 поени.

По уште еден остар пад, сите три индекси се длабоко на територијата на „мечката“, повеќе од 20 отсто под нивните рекордни максимални вредности. Притисокот на пазарот е последица на стравувањата на инвеститорите дека агресивното зголемување на каматните стапки на ФЕД ќе ја доведе економијата во рецесија. Во септември, ФЕД ги зголеми каматните стапки трета сесија по ред за 0,75 процентни поени, на опсег од 3 до 3,25 отсто, што е нивно највисоко ниво од 2008 година. И лидерите на ФЕД велат дека ќе продолжат да ја зголемуваат цената на парите за да ја спуштат инфлацијата од највисоките нивоа во повеќе од 40 години.

Сепак, новите податоци покажаа дека пазарот на трудот останува многу силен и покрај зголемувањето на каматните стапки на ФЕД. Бројот на Американци што првпат поднесоа барање за бенефиции за невработеност минатата недела падна на најниско ниво во последните пет месеци.

Во овие околности, добрата вест од пазарот на трудот е лоша вест, бидејќи покажува дека ФЕД има долг пат да помине. Инвеститорите стравуваат дека ФЕД ќе нѐ турне во многу длабока рецесија, што ќе предизвика рецесија на платите. Инвеститорите продаваат акции – објаснува Фил Бланкато, директор во „Ладенбург талман асет менаџмент“.