УНВТО очекува пад на патувањата низ светот за 20 до 30 отсто

Светската туристичка организација (УНВТО) ги ревидира своите процени на туристичкиот промет за светот за оваа година, очекувајќи дека поради пандемијата на ковид-19 ќе дојде до пад за 20 до 30 отсто, во однос на рекордната 2019 година, информираат од УНВТО.
– Земајќи го предвид воведувањето на ограничувања на патувањата низ светот, УНВТО очекува намалување на меѓународните туристички пристигнувања во 2020 година и до 30 отсто во однос на 2019 година – велат од оваа специјализирана агенција за туризам при ОН.
Тие уште додаваат дека таквите процени ги темелат врз најновите движења во момент на соочување на светот со досега незабележан социјален и економски предизвик, при што препораките се и сите процени да се толкуваат внимателно, со оглед на исклучително неизвесната природа на моменталната криза.
Инаку, во 2019 година низ светот патувале рекордни 1,5 милион туристи, што било за четири отсто повеќе од 2018 година и речиси десетта година на постојан раст во светскиот туризам.

Побарувачката на заштитни ракавици ги надмина капацитетите на водечкиот производител

Малезиската компанија „Топ глоув“ предупреди дека би можело да дојде до недостиг од заштитни ракавици, поради огромната побарувачка од Европа и од САД предизвикана од растот на паниката поттикната од ширењето на коронавирусот.
„Топ глоув“ произвела речиси петтина од заштитните ракавици што се користат во моментот низ светот, а одговорните предупредија дека побарувачката ги надминува нивните производствени капацитети.
За да ги задоволи нарачките, компанијата ги продолжи роковите за испорака, од 30 на 150 дена.
Изминатите неколку недели бројот на нарачките, главно од Европа и од САД, бил речиси двојно поголем од производствените капацитети.
„Топ глоув“ дневно може да произведе 200 милиони ракавици од природна и од синтетичка гума.