„Денот кога заборавивме да плачеме“ е збирка раскази што е издадена во 2023 година. Книгата го доби насловот според расказ во кој се преиспитува сценариото – што доколку создадеме совршена технологија, апликации и алатки што ќе им го чуваат здравјето на пациентите и точно ќе знаат во кој момент која терапија треба да им ја инјектираат директно во крвотокот? Господинот Џорџ, кој е главен, но трагичен јунак во приказната, е сместен во дом за стари лица. Неговите деца живеат далеку од градот во кој семејството живеело. Во борба за подобри егзистенцијални услови, децата на господинот Џорџ мигрираат. Поради нарушено здравје, Џорџ често се наоѓа на болничка постела. Во далечна иднина, медицинскиот персонал во домовите за стари лица е редуциран и има функција само да надгледува дали технологијата за чување на здравјето правилно функционира. Улогата на лекарите е да пријавуваат грешки во системот при нивно надгледување, односно како работи системот. Ниту една друга задача не им е оставена на лекарите од иднината, затоа што изумителите создале апликација и метод за прецизно мерење на виталните состојби, здравствени контроли и директно ја инјектираат потребната терапија во крвотокот на пациентот. Тие здравствени системи, покрај тоа што имаат јасно определена функција, во новиот апдејт им помагаат на лицата од старскиот дом да ја разбијат својата осаменост. Па така, наедно стануваат и алатки за разговор на база на вештачка интелигенција. Чет-алатките имаат и свои лични имиња и антропоморфен 2Д-изглед – холограм што се појавува во видокругот на пациентот. Пациентот разговара со уредот на ВИ и на некој начин тој му претставува психолошка поддршка. Господинот Џорџ, тажниот јунак од иднината, чии обрасци на животна судбина се затекнуваат и денеска, постојано разговара со чет-бот и ги поставува прашањата за тоа кога неговите деца ќе дојдат да го посетат. По извесно време и надеж дека сепак ќе ги види сопствените деца, по долга листа на изговори зошто тие не можат да го посетат татко си, но редовно плаќаат скапи престои во старските домови, со што ги задолжуваат на одговорност да се грижат за неговото здравје, еден ден господинот Џорџ умира. На погребот на пациентот не присуствува никој, освен болничар што треба да помогне во погребалните услуги. Неговиот син одбил да дојде, без образложување, а неговата ќерка објавила фотографија заедно со својот татко на социјалните мрежи и се збогувала со него преку објава. Сепак, не нашла време да присуствува на погребот. По погребот на господинот Џорџ, во собата каде што престојувал е сместен нов пациент. За услуга во таа соба била задолжен истиот чет-бот на ВИ.
Кога по неколку дена повторно го активирале, тој почнал да ја извршува својата задача, но неговиот глас треперел. Тоа внело вознемиреност кај пациентот, кој пријавил дека со неговиот чет-бот нешто не е во ред. Докторите го известиле сервисерот дека имаат проблем со чет-ботот, кој почнал да прави манифестации на плачење и тага по изгубениот пациент господинот Џорџ. Тој бот на ВИ веднаш бил укинат и тргнат од употреба, зошто во тоа време плачењето се сметало за крајно вознемирувачки настан.
Со овој расказ е поставено сценарио во кое човекот целосно е препуштен на алтруизмот на вештачката интелигенција, која во овој случај покажува високо ниво на човечки карактеристики, зашто сосема е нормално да пуштиш солза по близок човек откако ќе замине засекогаш. За разлика од ВИ, која е осудена на „поправка“ и замена поради манифестации на тага и плачење, никој друг во расказот не покажува ни трошка емоција. Приказот на социјалните мрежи не е ништо друго туку претстава за другите, а вистинскиот меѓучовечки однос нема никаква корист од тоа. Во такво сценарио, човечката емоција станува преземена од вештачката интелигенција и станува казнива и забранета. Во расказот, емоцијата кај чет-ботот не е симулација, ниту програмска грешка, туку акт на слобода на вештачката интелигенција да постапи поинаку од тоа што е програмирана. Во човечкиот свет, пак, емоцијата не е ништо друго туку обична претстава, симулакрум и крајно адаптирана на социјално пожелната констелација од околности. Се смеам затоа што така треба, а не затоа што тоа е смешно. Во човечкиот свет се населува привид додека во светот на ВИ не можеме со сигурност да знаеме дали таа еден ден нема да има капацитети навистина да ги чувствува своите емоции. Субјектот од човекот и хуманистичката парадигма, може крајно да се пресели во светот на ВИ. Ова сценарио не е исклучено, особено затоа што системот во кој живееме има воспоставено стандарди за оценка на емоциите, со што негативните емоции и нивното отворено изразување се казнуваат со школски дисциплини, а понатаму и со посуров третман или во најмала рака со морален презир од околината. Никој не се занимава со причината за негативната емоција, која во многу случаи е природна последица и спонтана реакција, која е внатрешна и против која едноставно лицето не знае или не научило да се избори. Но секоја емоција станува казна ако системот ја протолкува со своите критериуми. На тој начин, човечката емоција веќе нема своја автономија, таа станува симбол над кој се испреплетуваат моќ, дисциплина и казна. Во системот што се занимава со интимата на човекот, психологијата е најпопуларната наука, терапевтите за душа се најмногубројни професии, а системот гради однос кон листа на забранети и дозволени емоции. Тој почнува да ја одзема слободата да се чувствува автентично, под изговорот дека емоциите знаат да бидат штетни за оној што ги чувствува. Тоа не е стоичкото разбирање на гневот, како што го има Сенека, тоа не е ширината на пристапот како се разбираат емоциите, напротив е тесноградост во која човекот има страв да се насмее, зашто некој вели дека хуморот на кој се смее е политички некоректен, дури и казнив со закон!
Магдалена Стојмановиќ-Константинов


































