- Звучи на апсурд. Знам, но понекогаш живееме во период на апсурди. ЕУ е пред големи одлуки – како да го подели буџетот, тука се вадат долгите ножеви затоа што станува збор за милијарди, а втората одлука е од прашање на егзистенција и опстанок – да влезе во војна со Русија. Плановите за таа војна се разработени, останува нејасно во која мера Америка ќе се вклучи во војната
- Апсурдот продолжува – дали по крајот на таа војна некој ќе ја обнови Југославија. Ви нема смисла, нели. Но, не заборавајте, процесот на сукцесија на СФР Југославија не е завршен, па дури сега Словенија и Хрватска го актуализираат на начин што ја зафаќа и ЕУ. Рековме – апсурди!
Ова е можеби апсурдот над сите апсурди, но апсурдите се дел од нашите судбини. Индивидуални, колективни или државни. Но јас на оваа тема спекулирам и шпекулирам, оти темата ми е податлива, а мастрафот ми го даваат и членките на ЕУ, но и поранешните републики од некогаш славната Титова југословенска федерација. Кому му било убаво, а кому не во таа социјалистичка федерација не е тема на колумнава, туку што значи да се расправаш со историски опашки. А тие опашки како некој вирус се шират и низ ЕУ. Па, дали е тоа можно, луѓе мои (извикуваше Младен Делиќ, познат хрватски спортски коментатор).
ЕУ може да се растури и да се преформатира по неколку основи – првин по сопствена желба за реформи, како одговор на новото време и новите потреби и нејзината положба во меѓународните односи. Тоа сепак ќе биде нова ЕУ, која може да има и сосема ново име. Може да се распадне како резултат на финансиска криза, на имплозија поттикната од социјални и политички немири, а најизгледно е да падне мртва на бојно поле во војна против Русија и незините сојузници. Ниту ЕУ ќе војува сама, но ниту Русија ќе биде сама. Она што деновиве го слушаме од генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, е тоа дека ако Путин, Трамп и Си зборуваат за мир во Украина, сепак, работите одат кон директен конфликт со Русија до 2030 година. Зошто и како? Ако се има волја за мир, тогаш вакви лицитирања со датуми се опасни. Иако, јасно е дека цела Европа се подготвува за војна, некој подобро, некој неуспешно, а некој што едвај го крпи државниот буџет размислува за други приоритети. Не е лесно да се живее и да се планира кога над нас е надвисната тежина од нова војна, и тоа голема, во Европа.
Руте е во мисија во САД, каде што се среќава со Трамп и други претставници на неговата администрација, а според некои непотврдени информации од официјален извор, Руте, наводно, сака да знае дали Америка ќе застане зад Европа во случај на војна со Русија. Големо прашање. И страшно, страшно, луѓе мои. Во 2030 година јас ќе имам 70 години, а што со тие што први ќе бидат испратени на фронт, едвај да се избричиле само еднаш, тие што сонувале за живот, младешки соништа, а веќе им се скроени униформи за гинење?
И ќе наведам уште еден интересен детаљ за средбата меѓу Трамп и Руте во Мар-а-Лаго, каде што е резиденцијата на американскиот претседател. Разговорите се водат зад затворени врати и не е предвидена прес-конференција. Тоа кажува дека нивото на разговори за одвива во критичен момент и затоа е подобро да остане зад превезот на тајноста. Секако, Руте ќе ги брифира сојузниците во НАТО (за Македонија не сум сосема сигурен, затоа што не сум убеден дека каналите на информации се еднакво отворени за сите членки). Но тоа па и не е најважно, поважен е резултатот.
Да се навратам на ЕУ – таа самата ќе се тестира повторно за нејзиниот буџет, а гледаме дека нервозата расте. Секако, ЕУ има уште пари, не е сѐ така црно, но се менува листата на приоритетите и тоа ги мачи, но и ги дели европските лидери. Ги мачи и притисокот на партиите од крајните полови и лево, а особено десно, зашто тие не играат според досега напишаните книги со правила. Ќе чекаме за да видиме на кој сплав ќе испливаат Урсула фон дер Лајен и нејзината екипа. Некој ќе се почувствува превеслано, тоа е сигурно, затоа што и во Брисел се играат „дворски игри“.
Така е, дел од тимот на Фон дер Лајен, шефицата на Европската комисија што набилда буџет од речиси два трилиони евра, се соочува со сурова реалност – дел од нејзините комесари не е популарен ни кај политички елити, а ни кај народот. Прва на листата е секако Каја Калас, шефица за заедничка надворешна и безбедносна политика, а за чудо неа не ја мирисаат ниту во Брисел, а ниту во Москва. До неа е и Словенката, нам добро познатата Марта Кос, задолжена и за проширувањето. Можно е кариерата да ѝ е при крај затоа што постојат добри услови нејзиниот лик и дело да бидат сериозно компромитирани, но тука има едно големо „но“. Словенечката влада на чело со десничарот Јанез Јанша, инаку потврден пријател на Македонија, се обидува да го добие нејзиното „удбашко досие“, кое наводно се чува во архивот во Белград. Можеби некој во Белград ќе се осмели, а зашто не и како гест на реваншизам кон ЕУ, да им го сервира на Словенците тоа досие. И така полека влеговме во тој југословенски портал што ја зафаќа ЕУ. И ништо не е случајно. Договорот за сукцесија на СФР Југославија е постигнат во Виена, значи на ЕУ-терен, во 2001 година, а стапи во сила во 2004 година, но тој процес ни оддалеку не е завршен. Станува збор за поделба на заедничкиот имот на Југославија, а меѓу наследничките е и Македонија со скромни 8 проценти (можеше да се извади и повеќе, мое лично мислење). Неодамна и Хрватска се обрати до Белград барајќи да им даде архиви што се однесуваат на прашања поврзани со Црна Гора, секако во тој корпус прашања е и границата. Ало, Белград? Белград досега слушаше само на едно уво, а како ќе биде понатаму е неизвесно. Но факт е дека членките на ЕУ, поранешни републики на СФРЈ, се обраќаат до Белград.
Можеме да се обратиме и ние и да ги побараме договорите со Бугарија (Бледскиот) да ги имаме во оригинал, а копиите нека ги чува Србија, или договорите со Грција. Тоа е голема работа и секако важна. Но процесот и на поделбата на архивите не е завршен, а сега гледаме дека тоа е многу важно и чувствително прашање, особено што во моментов имаме две дебели вета – едното е од Хрватска за Црна Гора, а второто е од Бугарија за Македонија. Ќе ги има уште, затоа што многу прашања се отворени, како што е на пример поделбата на движниот имот на Југословенската народна армија, кој е во милијарди. Македонија не доби ни денар, а беше однесено сѐ од касарните на ЈНА.
И пак ќе се навратам на ЕУ, која одржа самит со Западен Балкан. Демек за Македонија постои европски консензус дека таа треба да го смени Уставот и во нив да ги наведе и Бугарите… итн. Ја знаеме перфидната игра. Но моето прашање е дали навистина е постигнат тој консензус, а уште повеќе на кој начин е тоа постигнато. Јас знам дека можеби Хрватска и Словенија го знаат македонско-бугарскиот историски проблем, но ама па ич не сум убеден дека тоа им е познато во Финска, Естонија, Белгија или во некоја друга европска земја. Не верувајте им на убавите зборови, консензус или компромис најчесто значат пораз на една од послабите страни.
И така, колку ние да се трудиме да ја упокоиме Југославија, таа не се дава. Ги чува своите адути, архивите на пример, некој таен имот, зграда, пари, злато. Човек дури и ќе си помисли дека е тоа нечија намера за еден ден некој да ја воскресне таа држава. Во време на апсурди сѐ е можно.
Да, на радарот ги имам и граѓанските протести, активизмот што полека се шири и добива на артикулација, а не е поврзан само со кравите во Крива Паланка. Ќе се изјаснам и по тоа прашање. Мириса на зима и на првиот снег по градовите. За едни снегот паѓа за да ги покрие трагите, за други за да ги открие животните по нивната трага.


































