„Профундис“ од Скопје и „Камерата“ од Нови Сад настапија заедно на сцената на Македонската филхармонија, под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ. Музичарите од двата града ја споделуваат сцената во изведба во која оркестарот е вистинскиот главен актер. Наместо два ансамбла што настапуваат еден покрај друг, публиката слушна една музичка целина, изградена од искуствата, изведувачките сензибилитети и уметничката енергија на двата оркестри.
– За мене, посебната вредност на овој концерт е во тоа што на сцената нема два оркестра што само настапуваат еден покрај друг, туку два ансамбла што преку заедничката работа создаваат една музичка целина. Соработката со „Камерата“ ни овозможува да го прошириме музичкиот простор, да ја почувствуваме силата на поголемиот ансамбл и да создадеме изведба во која оркестарот е вистинскиот главен актер – вели маестра Ѓурѓица Дашиќ, основачка и диригентка на „Профундис“.
Вечерната програма обедини четири дела од различни епохи и стилови. Публиката ги доживеа возвишената и полифонична звучност на „Фантазија на тема од Томас Талис“ од Ралф Вон Вилијамс, ритмичката динамика и современиот израз на „Последен круг“ од Освалдо Голијов и „Свита за гудачки оркестар“ од македонскиот композитор Стојан Стојков, а вечерта ја заокружи темпераментната и виртуозна „Свита Кармен“ од Жорж Бизе, во оркестарска обработка на Родион Шчедрин.
Од суптилноста на музичките линии до ритмичката енергија и драматичните контрасти, секое дело носи поинаков предизвик и ја покажува ширината на изразните можности на заедничкиот ансамбл.
Со ваквите проекти, „Профундис“ продолжува да ја развива својата уметничка мисија, да воспоставува меѓународни соработки и да ја збогатува концертната сцена со внимателно осмислени музички продукции. Визијата на „Профундис“ е создавање професионален камерен оркестар посветен на изведба на комплексен и разновиден репертоар – од капитални дела на класичната музика до современи композиции и праизведби на дела од македонски и странски автори. Оркестарот активно ги поддржува домашните уметници и композитори, а преку соработки со реномирани солисти од светот ја збогатува својата концертна дејност.
































