Во Музејот на современата уметност во Скопје е отворена интернационалната групна изложба „Жени, животни, постколонијалци, бактерии, други и вознемирените води“, чија кураторка е Ивана Васева. Претставени се делата на: Урсула Биман (Швајцарија), Каролина Кајседо (Обединето Кралство | САД / Порторико), Верица Ковачевска (Македонија / Швајцарија), Минерва Куевас (Мексико), Ивана Мирчевска (Македонија), Даринка Поп Митиќ (Србија), Робертина Шебјаниќ (Словенија), како и дела од колекцијата на МСУ – Скопје од уметничките Кате Антипа, Алесандра Бонели, Тоња Дендриноу Николаидис, Катја Евтимова, Ен Меккол, Анета Светиева.
– Многу од современите кризи и општествени нееднаквости произлегуваат од логиката на капиталистичкиот патријархат, систем заснован врз доминација, експлоатација и контрола над жените, другите и природата. Ваквата испреплетена политичка хиерархизација ги поставува правата на оние што не се дел од канонот на пониско рамниште. Од друга страна, веќе освестената доминација на патријархалните и бели расистички ставови што ги инфериоризираат другите „поради нивните непроменливи основни природи“, претпоставува и поттикнува иницирање и создавање заедница што се грижи за состојбата на светот и условите во него, со намера да интервенира во нив – се наведува во најавата.
Оваа изложба e, всушност, изложбен есеј што тргнува од претпоставка и презентација со заложба за нови форми на еколошка и етичка одговорност и колективна грижа, кои се прошируваат надвор од човечкото. Претпоставката што ја поставува е дека за подобар свет се потребни нови етички релационалности што ќе ја нарушат хиерархијата меѓу луѓето и другите и ќе ја зацврстат меѓузависноста.
Обединувајќи ги уметничките практики на Урсула Биман, Каролина Кајседо, Верица Ковачевска, Минерва Куевас, Ивана Мирчевска, Даринка Поп Митиќ и Робертина Шебјаниќ, оваа изложба ги истражува многубројните начини на кои водата станува простор на еколошка, општествена и политичка борба. Преку видео, инсталација, звук, истражувачки практики и визуелни интервенции, уметниците ги разгледуваат експлоатацијата и претворањето на водата во стока, инфраструктурите што го контролираат нејзиното движење, како и последиците од деградацијата на животната средина врз човечките и нечовечките заедници.
Од друга страна, дел од изложбата се и неколку дела од колекцијата на МСУ – Скопје, ставени во целината „пејзажите не се веќе само пејзажи“ во кои водата е примарен фокус, а нивните авторки се претежно уметнички. Внесувајќи ги историските претстави на водни пејзажи и пејзажи од жени уметници во дијалог со современите уметнички практики, изложбата ги следи променливите перцепции за водата низ различни историски и политички контексти.