Од 18 до 20 ноември во организација на Македонскиот културно-информативен центар во Истанбул се одржаа Деновите на македонската книжевност во Истанбул. Во текот на три вечери публиката имаше можност да се запознае со наградени дела од современата македонска книжевност и со автори чие творештво ги поврзува македонската и турската книжевна сцена.
Манифестацијата започна со промоција на англиското издание на стихозбирката „Рајсфершлус“ од Јулијана Величковска, добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на „Струшките вечери на поезијата“ во 2025 година. За книгата говореше Диме Ратајкоски. Беше прикажан краток документарен филм во продукција на „Вардар филм“, посветен на животот и творештвото на турскиот поет Фазил Хусну Дагларџа, добитник на „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезијата“ во 1974 година. Филмот го претстави турската поетеса Нурдуран Думан. Втората книжевна вечер беше посветена на Ерол Туфан, македонско-турски поет. За неговата поезија, книжевниот израз и творечкиот пат говореше писателот Венко Андоновски. На завршната вечер на Деновите на македонската книжевност во Истанбул беа претставени три книги наградени од Друштвото на писателите на Македонија за 2025 година. Публиката се запозна со „Книжевни созвучја и огледала“ од Елизабета Шелева, добитничка на наградата „Димитар Митрев“ за книжевна критика и есеистика, и со романот „Илина и тајните на Бабин заб“ од Хана Корнети, добитничка на наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади. Беше претставена и „Инфинитивна поука“ од Ахмет Селмани, стихозбирка на албански јазик наградена со наградата „Мост“ на ДПМ, за најдобра книга напишана во 2025 година на јазик што го зборуваат членови на заедниците во Македонија. Во панел-разговорот за наградените дела и за актуелните текови во македонската книжевност учествуваа Гордана Јовиќ-Стојковска, Елизабета Шелева, Хана Корнети и Ахмет Селмани.
































