Изборната програма на Илијана Јотова на претседателските избори во Бугарија не најавува промена на политиките кон Македонија

  • Јавноста во Бугарија истакнува дека Јотова ќе стави поголем акцент врз дипломатијата и надворешната политика, но судејќи според нејзиниот досегашен политички ангажман и изјавите поврзани со Македонија не се очекува промена на ригидните ставови на Софија кон Скопје
    поврзани со барањата за уставни измени и блокирањето на македонските евроинтеграции

Илијана Јотова ќе стане првата жена претседател на Бугарија, заокружувајќи го својот политички подем од Европскиот парламент до највисоката државна функција. Јотова, која ја извршуваше претседателската функција откако Румен Радев поднесе оставка во јануари, победи во вториот круг од изборите во неделата, освојувајќи 57,58 отсто од гласовите пред поранешниот технички премиер Андреј Ѓуров, кој доби поддршка од 39,47 отсто. Јотова се кандидираше заедно со Кирил Валчев, кој беше номиниран за потпретседател.
Јавноста во Бугарија истакнува дека Јотова ќе стави поголем акцент врз дипломатијата и надворешната политика, но судејќи според нејзиниот досегашен политички ангажман и изјавите поврзани со Македонија не се очекува промена на тврдите ставови на Софија кон Скопје поврзани со барањата за уставни измени и блокирањето на македонските евроинтеграции.
Прашањата за историјата, јазикот, идентитетот и уставните измени досега не беа третирани како технички теми, туку како клучни политички услови без чие исполнување нема напредок кон ЕУ. А од друга страна, кога предмет на разговор беа пресудите на Европскиот суд за човекови права против Бугарија, тогаш во реториката на Јотова, односно на Софија беше забележана нагла промена. Во тој случај, одеднаш повеќе не станува збор за фундаментални човекови права, туку за процес на „исполнување на одлуките“, односно за техничко и административно прашање, во што се забележува очигледната недоследност на бугарската политика.
Јотова претходно повикуваше на спроведување уставни измени во Македонија, како и на заштита на правата на Бугарите во земјава и нагласи дека бугарската влада нема да отстапи од својата позиција. Зборувајќи за потребата за уставни измени и за промени во учебниците во Македонија, Јотова, своевремено кажа: „Не се осмелувам ни да помислам дека новата бугарска влада ќе отстапи од веќе воспоставената бугарска позиција, која не е само на официјалниот кабинет туку и на претседателската институција, на Народното собрание, не се осмелувам да мислам дека ќе има чекор назад“.

Таа претходно спомена и дека од Македонија се очекуваат „тешки одлуки“.
– Она што Бугарија го сака е да се почитуваат европските критериуми, како што секоја земја што тргна на патот кон вистинско членство во Европската Унија ги почитува овие критериуми, по цена на многу тешки одлуки и компромиси. И натаму веруваме дека правата на Бугарите во Р.С. Македонија не се заштитени – кажа своевремено Јотова.
Надворешната политика на Бугарија, а особено војната во Украина, се издвои како една од главните точки во текот на претседателската кампања кај источниот сосед. Јотова се спротивстави на понатамошна воена помош од Бугарија за Украина, постојано нагласувајќи дека конфликтот нема воено решение и повика на формирање „коалиција за мир“ фокусирана на дипломатија. Таа, исто така, истакна дека Бугарија треба да задржи поголем простор за независно одлучување во надворешната политика, притоа останувајќи дел од „силна Европа“.
Со овој избор, Јотова добива сопствен целосен мандат, по речиси една деценија помината во претседателската институција на Бугарија – првично како потпретседателка покрај Румен Радев, а од јануари и како негова наследничка на претседателската функција. Улогата на претседателот на Бугарија е главно церемонијална, но претседателот именува технички влади и е врховен командант на бугарската армија. Пред да стапи на претседателската институција, Јотова беше пратеничка во Европскиот парламент, а подоцна му стана соработничка на Радев во изборната трка и служеше како негова потпретседателка за време на двата негови претседателски мандати. П.Р.