Бугарскиот консензус и македонската поделба

  • Додека бугарската власт и опозиција заеднички ја координирале националната позиција за францускиот предлог и сето тоа под супервизија и координација со официјален Париз, македонската влада го чувала документот во тајност од опозицијата и од јавноста, прифаќајќи решение што отвори нова реалност за македонскиот идентитет и повторна неизвесност за македонските евроинтеграции

Кога станува збор за одлуки што ги засегаат највисоките национални интереси на една држава, партиските разлики треба да отстапат пред државничката одговорност, односно таквите одлуки не смеат да бидат производ на волјата на една влада или на моменталното политичко мнозинство, туку треба да бидат резултат на поширок политички и општествен консензус. Само така државата може да ги заштити сопствените интереси, да настапува со единствена позиција и да има посилна преговарачка моќ во односите со другите држави.
Колку е тоа важно, покажува и неодамнешното телевизиско соочување на кандидатките за претседател на Бугарија, Илијана Јотова и Андреј Ѓуров. Во разговорот беше посочено дека во подготовката на францускиот предлог за надминување на спорот со Македонија учествувале претставници и на бугарската власт и на опозицијата, заедно со претставници од кабинетот на францускиот претседател. Со други зборови, Софија и во ова прашање настапувала со свест дека станува збор за национален интерес што не треба да зависи од тоа кој моментално управува со државата, туку се водела од тоа што е најдобро за бугарската држава и од едновековната доктрина во однос на Македонија.
Од она што го изнесоа Јотова и Ѓуров на телевизиската дебата, стана јасно дека од бугарската страна постоеле комуникација и координација меѓу различни политички центри, па дури и кога имало несогласувања околу тоа кој ги има заслугите за постигнатото решение. Сите строго се држеле до суштинската национална позиција.
Наспроти тоа, македонската страна постапи сосема поинаку. Имено, тогашната влада не само што не побара поширок политички консензус за францускиот предлог туку го држеше документот во тајност, одби тој да биде разгледан заеднички со опозицијата и не го презентираше пред јавноста во целост. Наместо целосен увид и сериозна национална дебата, граѓаните добиваа само одделни фрагменти, колку да се создаде привид на транспарентност и впечаток дека тогашните македонски власти се борат да добијат подобар предлог.
Последиците од таквиот пристап денес се повеќе од очигледни. Прифаќањето на францускиот предлог, дополнет со двата протокола, ја стави Македонија во подредена позиција во однос на Бугарија. Земјата се најде во процес во кој нејзиниот напредок кон ЕУ зависи од исполнување услови чии толкувања и спроведување отвораат простор за нови барања и политички блокади. Наместо јасна и предвидлива преговарачка рамка, добивме процес со неизвесен крај и со постојана можност за нови условувања.
Затоа, примерот со Бугарија треба да биде сериозна поука. Кога се носат одлуки од историско и национално значење на своја рака, без поширок политички и општествен консензус, тогаш сметката не ја плаќа само владата што ги донела туку целата држава и идните генерации. А резултатот е токму она што го гледаме денес, блокади, неизвесност и бесконечни можности за уцени на Македонија во текот на евроинтегративниот процес.