Фото: ЕПА

Неофашизмот повторно се буди во Грција: Нова закана за Македонците во Егејска Македонија?!

  • Стотици приврзаници на поранешниот лидер на неофашистичката организација Златна зора одржаа митинг во Солун. Оваа политичка поддршка, според предупредувањата на грчките политички аналитичари, може да надмине пет проценти, со дополнително предупредување дека неофашизмот повторно станува изборна сила во Грција. Она што е особено загрижувачко, според наши соговорници, е што оваа радикална политичка енергија повторно се активира во средина во која македонскиот идентитет, јазик и културно организирање со децении се предмет на негирање, стигматизација и повремени напади. За Македонците во Егејска Македонија, враќањето на политичкото наследство на Златна зора е предупредување дека старите националистички и шовинистички рефлекси повторно можат да добијат и вонинституционална, но и институционална моќ

Шест години по судската пресуда со која грчката неонацистичка Златна зора беше прогласена за криминална организација, нејзиното криминално-политичко наследство повторно се обидува да се врати на сцена. И тоа не илегално и не преку маргинални собири на неколкумина носталгичари, туку преку организирана политичка мобилизација, јавни настапи, нови политички формации и обиди за освојување изборна поддршка. Имено, според наши извори од Грција, најновиот сигнал доаѓа од Солун. Стотици приврзаници присуствувале на митингот на Илијас Касидијарис, поранешен истакнат функционер на Златна зора, кој по излегувањето од затвор повторно се обидува да ја активира својата политичка база, а на митингот јавно порача дека тие „се враќаат на сцена“ и дека се „политичка сила во подем“.
– Ова не е само провокативна политичка изјава. Тоа е обид за демонстрација на политичка сила и порака дека затворските казни, судските пресуди и законските ограничувања не успеале целосно да го уништат политичкиот потенцијал на средината од која произлезе Златна зора. Според анализата објавена на 30 октомври од европскиот медиум „Репортер“, политичкиот аналитичар и истражувач на јавното мислење Јоргос Трапалис предупредува дека поддршката за политичкото движење на Касидијарис може да надмине пет проценти, што е повеќе од потребниот праг од три проценти за влез во грчкиот парламент. Тоа е предупредување што не смее да се потцени, особено во пресрет на парламентарните избори во Грција во пролетта 2027 година – проценува тој.

Златна Зора е забранета, но неофашистичката идеологија преживеа

Судскиот пораз на Златна зора во октомври 2020 година беше еден од најзначајните антикриминални и антифашистички процеси во современа Европа. Грчкото правосудство утврди дека организацијата функционирала како криминална структура, а нејзините лидери беа осудени за водење и учество во криминална организација. Особена тежина на процесот му даде убиството на антифашистичкиот музичар Павлос Фисас во 2013 година, извршено од припадник на средината поврзана со Златна зора. А во март 2026 година, грчкиот Апелациски суд ги потврди клучните осудителни пресуди против членовите и раководството на организацијата.
– И покрај сѐ, поранешните функционери на Златна зора и нивните политички приврзаници продолжија да бараат начини за враќање во јавниот живот. Неофашизмот не мора повторно да се појави под истото име, со истите симболи или со истата организациска структура за да претставува опасност. Тој може да се реорганизира, да ја промени реториката, да се приспособи на новите политички околности и со одредена мимикрија да воскресне, исто како и сега што се случи на собирот во Солун, што беше страшно – истакна наш соговорник од Грција.

Пет проценти што можат да ја променат грчката политичка сцена

Во една анализата на гореспоменатиот медиум „Репортер“, проценето е дека „движењето на неофашистичкиот лидер Касидијарис може да ја надмине границата од пет проценти“ (!?). Тоа би значело дека радикалната десница не само што повторно станува видлива туку потенцијално може да добие и институционална политичка платформа. Според политичкиот аналитичар и истражувач на јавното мислење Јоргос Трапалис, ова веќе има никулци да стане повторно голем политички проблем.
– Традиционалните грчки партии предолго ги игнорираат социјалните и економските проблеми на граѓаните, создавајќи простор за радикални политички понуди. Станбената криза, несигурноста на работниците, миграцијата, чувството на загубена сигурност и разочарувањето од традиционалната левица и десница стануваат погодна почва за ширење на екстремистичките пораки – тврди аналитичарот.
Особено загрижува податокот од истражувањето на неговата агенција за истражување на јавното мислење дека „една третина од младите сметаат оти токму таа радикална политичка енергија може да ги реши нивните проблеми. Ова укажува на промена на политичките расположенија кај дел од новите генерации во Грција. Според тоа истражување и предупредување во него, „младите почнуваат да гледаат решение во авторитарни и радикално националистички политички концепти“.

Новата стратегија на неонацистите во Грција:помалку нацистички симболи, повеќе т.н. националистичка мобилизација

Наш соговорник од Македонија, безбедносен аналитичар и универзитетски професор на Факултетот за безбедност, издвојува дека „една од најважните поенти на една понова политичка анализа за Грција е дека ултрарадикалната десница научила нешто од падот на Златна зора. Имено, дека отворената неонацистичка иконографија, агресивните улични формации и нескриеното величање на нацистичките модели станаа политички товар. Новите структури се обидуваат да настапуваат со поинаков речник, како што е безбедност, граници, борба против корупцијата, одбрана на националните интереси и отпор кон политичкиот естаблишмент“. На тој начин се обидуваат да привлечат круг на гласачи, вклучувајќи и луѓе што не се нужно приврзаници на отворен неонацизам, но се разочарани од постојните политички партии. Ова е особено важно за разбирање на опасноста. Неофашизмот не мора да ја освои целата политичка сцена за да влијае врз неа. Доволно е да наметне дел од своите теми, да ја радикализира јавната дебата и да ги натера традиционалните партии да се натпреваруваат во националистичка реторика. За македонската заедница во Грција, ваквиот развој може да биде особено чувствителен, бидејќи прашањата за националниот идентитет, јазикот и за историското наследство лесно можат повторно да станат предмет на политичка мобилизација, тврди нашиот соговорник, професор на Факултетот за безбедност во Скопје.
Судскиот пораз на една неонацистичка организација не значи и конечен пораз на идеологијата што ја создала. Касидијарис се враќа во политиката, неговите приврзаници повторно се собираат, а аналитичарите предупредуваат дека зад него постои изборен потенцијал што може да ја надмине границата за парламентарна застапеност. За Македонците во Егејска Македонија, ова е момент за внимателност, организираност и меѓународна видливост. Не треба да се создава непотребна паника, но уште помалку треба да се потценуваат сигналите што доаѓаат од грчката политичка сцена. Зашто, ако радикалниот национализам повторно добие сила, едни од првите што можат да ги почувствуваат последиците се оние чие постоење, јазик и идентитет со децении се оспорувани од неговите идеолози. Златна зора можеби ја загуби судската битка, но нејзиното политичко наследство сè уште бара простор за враќање. А за Македонците во Егејска Македонија, тоа е предупредување дека борбата за правото на сопствено име, јазик и идентитет останува и прашање на демократска безбедност. Историјата веќе покажа што може да произведе политиката на омраза. Сега е нов предизвик дали Грција, но и Европа, ќе реагираат навреме пред нејзиното повторно политичко нормализирање. П.Р.


Зошто враќањето на неофашистичкиот лидер Касидијарис е особено чувствително за Македонците во Грција?

Постои длабока историска причина зошто македонската јавност не може рамнодушно да ги следи овие случувања. Златна зора беше позната не само по својата неонацистичка идеологија и насилството врз мигрантите и политичките противници туку и по крајно непријателскиот однос кон македонскиот идентитет. Македонското прашање беше една од темите преку кои грчките ултранационалистички кругови ја градеа својата политичка мобилизација. Негирањето на постоењето на Македонците, оспорувањето на македонскиот јазик и неприфаќањето на македонското културно самоизразување беа дел од пошироката националистичка матрица. Во овој контекст, особено беше значаен отпорот на крајнодесничарските структури кон отворањето на Центарот за македонски јазик во Грција и кон активностите на македонските културни организации. Демонстрациите во Флорина, како и нападот врз изложбата на македонскиот уметник Сергеј Андреевски во Солун во 2023 година, покажаа дека македонското културно изразување и натаму предизвикува агресивни реакции. Токму поради ова, враќањето на поранешните функционери на Златна зора на политичката сцена заслужува особено внимание од македонска перспектива. Не станува збор за автоматско изедначување на секој поддржувач на радикалната десница со насилник, ниту за претпоставка дека секоја нова политичка формација ќе ги повтори сите активности на Златна зора. Станува збор за реална загриженост дека политичката рехабилитација на средини што историски се непријателски настроени кон македонскиот идентитет може да создаде понеповолна атмосфера за македонските организации и активисти. П.Р.


Каде може да се почувствува новиот радикален политички бран во Грција?

Најчувствителниот простор за следење на овие процеси се регионите на Егејска Македонија, односно Флорина, Костур и пошироката област на северозападниот дел на грчката држава, како и Солун и неговата околина.
– Овие простори имаат посебно историско значење за македонската заедница. Таму се наоѓаат луѓе што го зачувале македонскиот јазик, традицијата и културната меморија, но и организации што се обидуваат јавно да го артикулираат прашањето за македонските права. Во таква средина, повторното јакнење на неофашистичките структури може да има повеќе последици. Првата е зголемување на јавната стигматизација на луѓето што се изјаснуваат како Македонци. Втората е засилување на притисоците врз здруженијата и културните иницијативи. Третата е можноста од повторување на локални инциденти при јавни собири и културни манифестации. Солун, како голем политички и урбан центар на Северна Грција, е особено важен. Фактот што Касидијарис токму таму успеал да собере стотици приврзаници е сигнал дека неговото движење има амбиција да изгради база и надвор од тесниот круг на поранешните членови и симпатизери на Златна зора. Историското искуство е доволна причина да се следи дали неговата реторика повторно ќе го активира македонското прашање како средство за шовинистичка и национално деноминирачка мобилизација против македонското малцинство во Грција – вели нашиот соговорник, професор по безбедност на Факултетот за безбедност во Скопје. П.Р.