- Парламентарните избори во Израел креираа голема драма, резултатот е таков што ниту една коалиција нема мнозинство за да формира влада, а ситуацијата е дополнително компликувана и напната со рекордните освоени гласови на арапските листи – освоија 19 места во Кнесетот. Кој ќе направи коалиција со нив прави влада. Но кој и дали ќе направи? Дали ова сценарио потсетува на Македонија? Се наѕира ли Бадентер и во Израел?
Ова го пишувам оти слични работи како во Израел се случуваат и уште повеќе ќе се случуваат во Македонија. Знаете што? Пред 30 години бев во Израел и таму се жалеа дека нема мајстори, работници и нема кој да ја копа земјата. Замислете, шофер заработуваше повеќе од познат хирург – веројатно исто е и сега. Куќна помошничка не можеше да се најде, а една професорка велеше „ѝ завидувам на чистачката колку е убаво дотерана, а јас шлампа – како од еврејските гета“. Во тоа време огромен број Евреи доаѓаа од Русија (Советскиот Сојуз), Франција, Бугарија, понекој од Југославија, и сите беа со факултети и докторати, а никој да се најде да биде бравар или работник. Имам сретнато еден што свиреше на виолина на улица како питач, а имал завршено два факултета – еден за музика, а другиот не се сеќавам. Велат филхармониите се полни со такви маестровци, па новите остануваат на улица. За среќа што има Арапи, па, ете, барем градежништвото оди како што треба. За земјоделство едни мои роднини на север близу Нахарија зедоа Филипинки и Тајланѓанки, инаку нема кој да копа и чува стока. Сега таму нема никого, моиве роднини „испариле“ од ракетирање на северниот дел на Израел од Хезболах. Инаку, да потсетам (извинете), некои мои пријатели ги обожаваат Иран и Хезболах до зад вселената, па јас сум тој лошиот Евреин што го тормози светот. Ги прашувам „дали познавате некој Иранец или од Хезболах“? „Не“, велат. „А некој Евреин“? „Е па, тебе те познаваме“. „Е па, ме познавате мене, кој стопати сум ви се нашол во животот, а и вие мене, ама Хезболах и џихадистите што прават џумбус низ Европа се суперзлатни дечки, а јас сум ѓубрето“… Добро, добро, за тоа ќе зборуваме другпат.
Ја пишувам колумната на 28 октомври. Отиде годината. Многу години брзо ќе отидат и којзнае каков ќе биде светот. Е па, јас знам! Каков? Она што денес се случува во Израел, истото тоа ќе биде кај нас за 30 години. Еј, се сетив што ми се случи пред некој ден. Ми се затна канализацијата и, опааа, нема мајстори за таа работа. Знаев едни, ама си отишле во Словенија за подобри пари. Богами сакав да заплачам како глумицине на турските серии… Добро, да не ве мачам, се најде решение. Сега повеќе се плашам од некој друг квар отколку од карцином. Мајсторите ќе станат капиталисти.
Ај да се вратиме на основната тема – изборите во Израел. Господинот Нетанјаху и генералот Ајзенкот (да не ги споменувам овде нивните „приврзоци“ цел куп – како нашиве шушу-партии) имаат упорно изедначен број на гласови. Нетанјаху знаеме, бивш „конзервативен ционист“, сега пропагатор на „десница“, е човек со неверојатни способности, влијае на многу американски сенатори и на самиот претседател.
Има искуство во армијата и разузнавањето, може да му се јави на телефон на претседателот Трамп, а кога влегува во седиштето на Републиканската партија на САД – сите стануваат. Може да се јави дури и кај претседателот Путин (што друг не може), а тоа е од огромна важност. Зошто? Ако претседателот Путин му одобри некој од неговите „С-400“ или „С-500 прометеј“, или некој „орешник“, или „искендер“, или „сухој С-70“ или „геран 5“ на Иран, Хезболах или на тоа „друштво“ – што правиме? Сепак, Путин вели дека „во Израел има три милиони Руси и мора да се грижиме за нив“! Фала богу што ги има. Ги има и во Израелската армија (ИДФ). Нетанјаху има фаца на итар волк („Лобо вулф“) и е еден од најинтелигентните претседатели воопшто. Досега мислев дека сите ортодоксно-религиозни Евреи (Хасиди, Хареди, Хабад, Јешива, Агудас итн.) ќе бидат за Нетанјаху, ама моите ми рекоа дека не е баш така. Луѓето се разочарани од неговата надворешна политика (Иран, Газа итн.), Израел стана „омразена“ земја, а со тоа и Евреите. Антисемитизмот (стара приказна) се качува вертикално. По оној инцидент во Белград денес – може да се очекува секаде. Имаме и проџихадистичка партија (алал да ни е). Сѐ е „нормално“ денес. Друг фактор за антагонизам кон Нетанјаху е нерасчистеноста на нападите на серија кибуци, вклучувајќи ги и Беери, Нир Оз и други, со убиства и над илјада заробени, речиси сите убиени подоцна. Тоа може да биде „слабост“ на безбедносно-разузнавачките служби, а дури и „местенка“ што би го направило ужасот уште поголем. Истрагата молчи. Генералот Ајзенкот не може да им се јавува слободно на претседатели, уште помалку да манипулира. Личи на нашите партизани и на еден наш пријател херој, кој се викаше Милан Бахар и се бореше овде и во Израел. Тоа значи, подготвен е да загине за својата земја, а еден син му е убиен во Газа и велат дека е добар професионалец. Всушност, тој е водач на коалиција со солидни политичари, како Нафтали Бенет, Јаир Лапид, Бени Ганц, Авигдор Либерман (сѐ уште не е во владина коалиција) итн. Ајзенхот потсетува на генералот Рабин – не дај боже истото да се повтори. Лапид имаше татко што се викаше Томи Лапид, познат политичар со потекло од Војводина, и се запознавме во Скопје при поставувањето на камен-темелникот на сегашниот Музеј и центар на холокаустот. Типот е вистински господин, но таквите се опасни, бидејќи со своите „џентлменски“ и „хипердемократски“ ставови може да бидат (и веќе се покажа) „слабаци“ во критични ситуации. Ајзенкот е пријател со Ехуд Барак, поранешен премиер на Израел и многу истакнат разузнавач, кој секако може да му биде добар грб. Барак беше близок со Клинтонови, а и со Ели Визел, а тоа е некако контрадикторно во однос на претседателот Трамп (кој се изјасни за наклоност кон Нетанјаху). Лично, иако способностите на Нетанјаху се супериорни, би сакал да дојде другата група – заради поправка на имиџот на Израел и барем надежно да се намали антисемитизмот, кој е хиперакумулиран по светот. Досега нема конечен резултат.
За Ајзенкот единствена шанса е да ја прошири коалицијата со Либерман или со некоја од арапските партии. Нетанјаху официјално одби да прави коалиција со Арапите, а Ајзенкот се колеба. Можеби мисли дека ќе изгуби дел од еврејскиот електорат ако им се придружи на Арапите. Од друга страна има Евреи што мислат дека таква коалиција е можеби почетен сигнал за помирување со Арапите генерално. Ова потсетува на нашиов етнолошки „фестивал“, па можеме да им го позајмиме „Бадентер“ (инаку Франција не е многу популарна во Израел поради растечкиот антисемитизам и сериозниот џихадизам, кој допрва ќе букне). Ако не победи никој – ќе се најават нови избори. Познатиот коментатор Мишел Барак за Ајзенкот вели дека „ништо не покажал… а генералите знаат да војуваат, а не релации со народот“. Ако се избере некоја „пластична ГМО-влада“ како во Европската заедница – многу е опасно! Нетанјаху е гласноговорник за нов напад на Иран (дури и пред завршување на изборите), што е екстремно опасно и, за среќа, претседателот Трамп не го одобри. Тоа загрижува за иднината на Израел и воопшто. Ако биде избран Нетанјаху, речиси е сигурно дека ќе исценира војна. Минатиот пат беше неуспех, бидејќи не антиципираа дека Иран ќе премине на „дисперзирано раководство“ – ДМД (Dispersed Mosaic Defense), што потсетува на дисперзираните зороастрични лидери во Персија, по поразот од Александар. Разузнавачките служби велат дека го знаеле тоа и дека идентификувале 31 таков центар, – па зошто не го центрирале нападот во тој правец? Има игри што не ги знаеме. Исто така Америка не ја пресмета логистиката, која масивно се троши при „блицкригови“. Всушност сите игри се раководени од триаголник – САД-Кина-Русија. Кој и да биде избраниот премиер – опасноста од војна е многу реална. Сигурно е дека со Хезболах, Хамас, па и Хутите – не е завршено.
Дали може кај нас да има вака нерешени избори? Премиерот Мицкоски може во таа смисла „мирно да спие“, оти мојот колега (па и пријател) Филипче, кој е врвен хирург, а за жал и „арлекински“ политичар, му носи на Мицкоски изобилство од поени. Неизмерно ми се забавни неговите „бисери“, особено оној со жабата. Некни видов жаба во дворот, па се сетив на него и си реков – ако има предвремени избори, жабата може да скокне на неговиот автопат. Ама камионот може да биде сменет, на пример со „младиот војвода Фрчковски Јуниор“ (red fox) кого медиумски го форсираат, ако изработи добар грб (татко му може да му е рикверц-сила). Ај да видиме! Сите парадокси се реалност. А Србија? За тоа другпат. Мене ми мириса како песна на Силвана Арменулиќ да ја пропее Цеца Ражнатовиќ или „трла баба лан“. Зошто? Е па, што правиме со кредитот од Кина, нафтата од Русија, па Косово, па бегалци што ќе ги сервира Европа (цех мора да се плати)…. А кај нас?
Ситуацијата со Израел е екстремно сериозна. Војна е можна и извесна. Не е во прашање само Иран. Тука се меша Турција (Израел има некаква воена колонија во Кипар и коалиција со Грција), Ердоган сака да биде „калиф“…мммммм… па интереси во Сирија, па ако се вмеша Египет, па Курдите, па Пакистан, Азербејџан… Медитеранот е во „компетиција“ со Црноморието. Црноморието и Балтикот се „рацете на Русија“ (како велел Маркс во текстот „Приказ на дипломатска историја на 18 век“), како и познатите геополитичари од 19 век Алфред Тејер Махан и Халфорд Макиндер (читај Brian Blouer).
Официјално, денес во Израел Арапите се 20 отсто, значи нивните гласови се критични. Негде прочитав дека се 30 отсто. На децата им велам дека брзо ќе бидат 50 отсто – тие велат „сепак остануваме“. Дали вие ќе си одите од Македонија кога исламот ќе биде над 50 отсто? Лудо прашање! Ај да видиме. Израел е источен „пик“ на Медитеранот. Тој е „пик“ на конкавна геостратегија (Египет-Израел-Турција-Грција). Кој управува? Преостанатиот дел. На медитеранскиот лак се влијае „перфидно“ преку протести. Кога јас бев во Париз (време на Де Гол) имаше бели демонстранти. Сега се обоени. Што е разликата меѓу протести и војни? Тоа е разлика меѓу милијарди и трилиони долари. Зошто Америка толку „го сака“ Израел? Бидејќи зборува семитски јазик, а мисли американски. Со историска паралела – Нетанјаху е Зелот, а Ајзенкот – Јосифус Флавиус. Суштина на политичкиот вриеж таму е управувањето на Израел одвнатре да се замени со однадвор. А иднината на Израел ќе биде забрзувачка трка меѓу цивилизации – метафизичка и секуларна, а потоа меѓу природната и вештачката интелигенција – независно од овие двајца.
Проф. д-р Самуел Колономос Садикарио
































