Фото: ЕПА

Предложеното проширување на овластувањата на агенцијата на Европската Унија за гранична и крајбрежна стража „Фронтекс“, со кое би ѝ се овозможило следење на содржини на социјалните мрежи, предизвика реакции кај европратеници и организации на граѓанското општество, кои предупредуваат на можни последици за слободата на говорот и приватноста.

Европската комисија претходно оваа недела предложи реорганизација на агенцијата, вклучително и експлицитен мандат за следење на социјалните мрежи со цел прибирање информации за содржини што поттикнуваат или олеснуваат нелегално преминување на границите на ЕУ.

Италијанскиот европратеник Брандо Бенифеи за бриселскиот портал „Политико“ изјави дека отстранувањето онлајн содржини поврзани со шверцување мигранти може да биде оправдано, но предупреди дека широкиот мандат за надзор би можел да го стави интернет-говорот под контрола на граничната служба.

Бенифеи потсети и на случајот од 2019 година, кога беше поништен тендер за сличен надзор по критиките за можни повреди на приватноста. Тој го спореди предложениот пристап со практиките на американската Служба за имиграција и царина (ИЦЕ), кои предизвикаа бројни критики.

Според предлогот, „Фронтекс“ би воспоставил внатрешна структура за следење на социјалните мрежи и би пријавувал на платформите содржини за кои смета дека го олеснуваат нелегалниот влез во ЕУ. Агенцијата, исто така, би побарала статус на „доверлив пријавувач“ во рамките на Законот за дигитални услуги (ДСА), што би овозможило нејзините пријави да добиваат приоритет при разгледувањето од платформите.

Јан Пенфрат од организацијата на граѓанското општество ЕДРи предупреди дека механизмот за доверливи пријавувачи не бил наменет да им овозможи на полициските и другите органи да ги заобиколуваат пропишаните правни постапки при оценувањето на законитоста на онлајн содржините.

Прашањето доаѓа во време кога Европската комисија настојува да го удвои буџетот на „Фронтекс“ за периодот од 2028 до 2034 година и значително да ги прошири овластувањата на агенцијата во областа на депортациите.

ЕУ веќе располага со механизми за размена на информации меѓу институциите, платформите и организациите на граѓанското општество во врска со дезинформации и незаконски содржини, вклучително и механизмите предвидени со ДСА. Критичарите предупредуваат дека новите овластувања мора да бидат прецизно дефинирани и да не ја нарушуваат слободата на изразување.

Полскиот европратеник Пјотр Милер оцени дека мандатот на „Фронтекс“ треба да биде јасно ограничен на криминалните мрежи, шверцерите и трговците со луѓе, а не на следење на ставовите на граѓаните за миграцијата. Милер е меѓу критичарите на ДСА, кој го сметаат за можен инструмент за контрола на слободата на говорот на интернет.

За прашањето на доверливите пријавувачи се разговарало и на состанок зад затворени врати, одржан во вторникот со учество на потпретседателката на Европската комисија, Хена Виркунен, и потписници на кодексот на ДСА за дезинформации. Според двајца учесници, заменичката-директорка на Генералниот директорат за комуникациски мрежи, содржини и технологија, Ренате Николај, се обидела да ги ублажи загриженостите поврзани со слободата на говорот.

Други европратеници имаат порезервиран став кон предложените промени. Ирската европратеничка Регина Доерти смета дека „Фронтекс“ има потреба од алатки за справување со растечките закани на европските граници, вклучително и со шверцерите кои ги користат социјалните мрежи за ширење лажни информации и промовирање опасни преминувања на границите. Таа нагласи дека е неопходно прецизно да се утврдат надлежностите и да се обезбеди јасна правна рамка.

Австрискиот европратеник Андреас Шваб, пак, оцени дека социјалните мрежи претставуваат сè поголем предизвик, но предупреди дека ЕУ не треба да воведува премногу нови механизми, туку да ги користи постојните алатки во рамките на ДСА.

Поранешниот директор на „Фронтекс“, а сега европратеник од француското крајнодесничарско Национално собрание, Фабрис Леџери, ја оцени предложената промена како обид за цензурирање на слободата на говорот во Европа.

Европската комисија не одговорила на барањата на „Политико“ за коментар во врска со искуството и експертизата на „Фронтекс“ во следењето онлајн содржини.