Претседателката Гордана Силјановска-Давкова денеска го прими словачкиот министер за надворешни и европски работи, Јурај Бланар, кој престојува во официјална посета на Македонија. На средбата биле потврдени пријателските односи меѓу двете земји, соопштија од Кабинетот на претседателката, пренесе МИА.
Силјановска-Давкова ја истакнала важноста на континуираната словачка поддршка за македонската евроинтеграција, нагласувајќи дека пристапниот процес треба да биде кредибилен, предвидлив и заснован врз заслугите и исполнувањето на Копенхашките критериуми.
Таа оценила дека постепената интеграција, пристапот до единствениот европски пазар, европските фондови и заедничките програми придонесуваат за приближување кон Европската Унија, но не можат да бидат замена за полноправното членство.
Претседателката изразила подготвеност за сестран дијалог со Бугарија, во духот на европските принципи и вредности загарантирани со основачките документи на Унијата.
Бланар ја потврдил словачката заинтересираност и посветеност на евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан, вклучително и Македонија. Тој ја поддржал потребата од дијалог меѓу Македонија и Бугарија, оценувајќи го како единствен начин за надминување на проблемите.
Словачкиот министер повторно нагласил дека неговата земја се противи на какви било двојни стандарди во третманот на земјите-кандидати за членство во ЕУ.
На средбата биле истакнати и блиските јазични и културни врски меѓу двете земји, кои се темелат на делото на сесловенските просветители Кирил и Методиј.
Силјановска-Давкова изразила благодарност за објавувањето на првиот учебник за изучување на македонскиот јазик наменет за словачките говорители, како и за отворањето на првиот лекторат по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Нитра.































