Брз воз на францускиот железнички оператор „Уиго“ денеска останал заглавен во тунел во шпанската покраина Толедо поради дефект на електричното напојување, само еден ден по тешката железничка несреќа во близина на Урда, во која загинаа најмалку 69 лица. Меѓу жртвите е и поранешната шпанска министерка за труд Фатима Бањез, објави весникот „Ла Расон“.
Инцидентот се случил со возот што сообраќал на релацијата Мурсија – Ваљадолид, преку Мадрид. Возот ненадејно запрел откако била прекината контактната мрежа, што довело до прекин на електричното напојување.
Патниците останале во темница и без климатизација. Екипажот ги исклучил главното осветлување и системот за климатизација за да ја зачува преостанатата електрична енергија до пристигнувањето на спасувачките екипи. Поради дефектот, не можеле да се користат ниту тоалетите, а не било можно ниту отворање на вратите.
Еден од патниците, кој објавил видеоснимка на социјалните мрежи, ја опишал ситуацијата како „морничава шега“ во контекст на трагедијата од претходниот ден. Според неговото сведоштво, во возот владеела „напната смиреност“, но патниците успеале да останат прибрани.
Од „Уиго“ соопштиле дека патниците што патувале кон Сеговија и Ваљадолид ќе го продолжат патувањето со автобуси. Компанијата најавила можност за враќање на средствата за билетите, како и дополнителен надомест во висина од 200 отсто од нивната цена за засегнатите патници.
Во меѓувреме, официјално било потврдено дека меѓу загинатите во вчерашниот судир на два брзи воза кај Урда е и 59-годишната Фатима Бањез. Таа беше министерка за труд и социјална економија од 2011 до 2018 година, а во 2012 година го предводеше спроведувањето на контроверзната реформа на трудовото законодавство.
Нејзината смрт ја потврди Шпанската конфедерација на организации на работодавачи. Бањез ја предводеше фондацијата на оваа организација.

































