Фото: Маја Јаневска-Илиева

Премиерот Христијан Мицкоски оценува дека политиките на Владата се народни и промакедонски, насочени кон проекти за подобрување на животот на граѓаните. Тој тврди дека во изминатите 28 месеци од нејзиното работење нема ниту една афера поврзана со Владата, а како приоритети ги посочи заштитата на државните интереси, борбата против криминалот и справувањето со економските предизвици.

Во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на телевизија Канал 5, Мицкоски рече дека не очекува во Македонија да се појави движење слично на студентското во Србија, кое би било радикално против политиките на Владата.

-Јас сум универзитетски професор кој секој ден е на линија со студентите. Второ, како човек, никогаш нема да дозволам да се создаде движење кое ќе биде радикално против моите политики, затоа што политиките што ги водам се народни, промакедонски – изјави Мицкоски.

Тој оцени дека сличен политички процес во Македонија имало во 2017 година, кога, како што рече, биле користени паролите „Нема правда, нема мир“, по што била формирана владата предводена од Зоран Заев. Според Мицкоски, тогашните политички промени довеле до разочарување кај граѓаните.

Премиерот додаде дека, според него, промените започнале во Македонија во 2024 година, а потоа се прошириле и во други земји од регионот.

Осврнувајќи се на тврдењата на опозицијата дека неговата влада би можела да ја доживее судбината на владите на Виктор Орбан во Унгарија и Александар Вучиќ во Србија, Мицкоски рече дека не верува оти таквите пораки ќе ѝ донесат политички резултат на опозицијата.

-Ние остануваме фокусирани на она што е наша политика, а тоа се проектите – речеВ премиерот.

Како примери за работата на Владата ги наведе набавката на 100 амбулантни возила, отворањето основно училиште во Гази Баба за околу илјада ученици, кои претходно наставата ја следеле во бараки изградени по земјотресот, како и шест автопатски делници, два гасовода, еден далновод и околу 1.500 проекти.

На прашањето дали е променет начинот на коруптивно и неефикасно функционирање на институциите, Мицкоски повтори дека во изминатите 28 месеци нема афера поврзана со Владата. Тој оцени дека Владата се справува со предизвиците предизвикани од енергетската криза и кризата на финансиските пазари, за кои рече дека придонесуваат за социјални немири во повеќе европски метрополи.

Во однос на безбедноста и борбата против криминалот, премиерот посочи дека биле спроведени повеќе акции, особено во Скопје, и оцени дека безбедноста е подобрена. Сепак, призна дека досегашните резултати не се доволни и дека се потребни поинтензивни активности.

-Дали е тоа доволно? Не. Дали треба да биде уште поробусно сето тоа? Да, се согласувам дека треба да биде – рече Мицкоски.

Тој додаде дека постојат и незадоволство и задоволство кај граѓаните, а конечната оценка за работата на политичарите, според него, се дава на избори.

-Ако на избори победи незадоволството, јас ќе заминам во опозиција, нека дојде некој подобар. Ако ние сме подобри, ќе победиме – изјави премиерот.