Премиерот Христијан Мицкоски ги повика граѓаните да пријавуваат случаи на корупција, ветувајќи дискреција за пријавителите и одговорност за секој за кого ќе се докаже дека е корумпиран. Тој ги отфрли општите обвинувања за корупција, оценувајќи дека тие не треба да се користат како политички флоскули без конкретни докази.
Во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на телевизија Канал 5, Мицкоски побара оние што изнесуваат обвинувања да посочат конкретни случаи и докази. Тој најави дека очекува да се објави новиот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата, по што, како што рече, ќе може да се види што е наведено во него.
Премиерот се осврна и на истрагите поврзани со корупција, посочувајќи дека биле уапсени лица за кои тврди дека барале поткуп. Тој најави дека ќе има и други акции, а како пример ја посочи денешната акција за спречување шверц на цигари.
Според Мицкоски, истрагата за шверцот допрва ќе продолжи, при што најави можни нови докази поврзани со високи функционери од претходни влади. Овие наводи ги изнесе премиерот во телевизиското гостување.
-Јас јавно ги повикувам граѓаните, а наскоро ќе имаме и прес-конференција со меѓународна организација, онаму каде што има корупција јавно да пријават и да постапуваме. Не прифаќам политички флоскули само дека има корупција. Добро, но дајте да ја пријавиме – порача Мицкоски.
Тој нагласи дека пријавителите ќе имаат гарантирана дискреција и ги повика граѓаните да соработуваат со институциите во откривањето и спречувањето на корупцијата.
-Јас сум прв противник против корупцијата. Сакам да бидам човек којшто ја уништил корупцијата. Ајде заедно сите, и тие што ги кажувате дека напишале во извештаите, не да пишуваат постои сомневање, дајте доказ. А јас ви гарантирам дискреција дека нема влакно да ви фали, а тој што е корумпиран ќе одговара – изјави премиерот.
































