Изградбата на националниот дата-центар е еден од приоритетите на Министерството за дигитална трансформација, а доколку процедурите се одвиваат според планираното, поставувањето на камен-темелникот би можело да се случи во 2027 година. Ова го најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во гостување во вестите на телевизија Сител.
Тој информираше дека се водат разговори со потенцијални кредитори и меѓународни партнери, а проектот ќе биде дел од реформската агенда и Планот за раст, со предвидена грант-компонента од 30 проценти.
-Локацијата ја избравме, таа е во близина на Скопје. Сега со Министерството за транспорт работиме на урбанизација на просторот. Проектот се развива и се одвива според предвидените чекори. Сигурен сум дека во 2027 година ќе успееме да го поставиме камен-темелникот – рече Андоновски.
Во однос на интересот за изградба на приватни дата-центри, министерот посочи дека се разговара со потенцијални инвеститори, но нагласи дека државата нема да дозволи проекти што би имале негативно влијание врз животната средина.
„м.Услуги“ ќе ги обединува дигиталните услуги на државата
Андоновски се осврна и на мобилната апликација „м.Услуги“, оценувајќи дека таа претставува почеток на дигиталната трансформација на јавните услуги. Целта е услугите што ги нудат околу стотина институции постепено да им бидат достапни на граѓаните преку мобилните телефони.
Министерот нагласи дека апликацијата е бесплатна за преземање и дека нејзиното користење нема да биде задолжително, ниту таа ќе стане единствен начин за пристап до информации и услуги.
Проектот, според Андоновски, е вреден околу 1,5 милиони евра и е финансиран преку грант од програмата „Дигитална Европа“, без користење средства од државниот буџет.
Во врска со дигиталните лични документи, тој посочи дека е потребно законско усогласување за тие целосно да бидат прифатени од сите институции. Како предност на системот ја истакна можноста податоците да се преземаат во реално време од Министерството за внатрешни работи.
-Ако личната карта е блокирана, изгубена или пријавена за изгубена, или ако возачката дозвола има забрана, тоа во истиот момент ќе се покаже – рече Андоновски.
Тој оцени и дека апликацијата овозможува поголема контрола врз пристапот до личните податоци во споредба со оставањето фотокопии од документи во институциите. Според неговото објаснување, при скенирање на кјуар-кодот, корисникот добива барање за одобрување на пристапот, а во апликацијата останува евиденција за тоа кога и кој пристапил до информациите.
Преговорите за „роаминг како дома“ продолжуваат
Министерот информираше дека продолжуваат преговорите со Европската Унија за воведување на моделот „роаминг како дома“. Тој рече дека во последните десетина дена има засилена динамика во разговорите со Европската комисија и изрази оптимизам дека преговорите би можеле да завршат до крајот на годината, за да бидат донесени и потребните законски измени.
Закон за вештачка интелигенција следната година
Андоновски најави дека во текот на следната година се очекува да биде донесен закон за употреба на вештачката интелигенција, со цел, меѓу другото, да се спречат нејзини злоупотреби.
Тој информираше дека националната стратегија за употреба на вештачка интелигенција е објавена и достапна за консултации, повикувајќи ги граѓаните да ја разгледаат и да достават забелешки.
Според министерот, со законското решение ќе се настојува да се зајакне заштитата од злоупотреби на вештачката интелигенција, вклучително и преку обврска медиумите и другите што објавуваат содржини да наведат кога тие се создадени со нејзина помош.
































