Скопје е домаќин на генералното собрание на „Еуродрам“
- „Еуродрам“ и „Театар Комедија“ организираат средби, сценски читања, преведувачка работилница, панел-дискусии, промоции на книги и театарски претстави
Скопје ќе биде домаќин на генералното собрание на „Еуродрам“ – европската мрежа за драма и превод, со седиште во Париз, која годинава се одржува во знакот на 25-годишнината од основањето на мрежата. На настаните до 1 ноември 2026 година ќе присуствуваат 60 меѓународни гости од 28 земји: драмски автори, преведувачи, режисери, драматурзи, издавачи, театарски уметници, истражувачи и други професионалци.
Програмата ја организира „Еуродрам“ во партнерство со „Театар Комедија“ – Скопје, кој е главен домаќин на манифестацијата. Покрај работните состаноци на мрежата, предвидена е јавна програма посветена на современото драмско творештво, книжевниот и театарскиот превод, издавањето драми и нивното претставување пред нови публики. Настани ќе се одржуваат и во „Театар Комедија“, Европската куќа во Скопје, „Лабораториум“ и книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.
Основана во Париз во 2001 година, „Еуродрам“ денес обединува повеќе од 300 театарски професионалци во 33 јазични комитети, поврзувајќи драмски и театарски култури од Европа, Централна Азија и од Медитеранот. Целта на мрежата е да ја промовира современата драма во превод и да ја направи достапна за театарските професионалци и публиката, во духот на независност, рамноправност и јазична разновидност.
Работата на мрежата се одвива во наизменичен двегодишен циклус. Во парните години, комитетите избираат оригинални драмски текстови на своите јазици и ги препорачуваат за превод на други јазици. Во непарните години избираат преведени драми, со цел да го поттикнат нивното објавување и поставување во сопствените јазични средини.
Овој пристап создава заемна размена: секој комитет истовремено го застапува драмското творештво на својот јазик и отвора простор за дела од други култури. Изборите на „Еуродрам“ се повод за нови преводи, публикации, сценски читања, професионални соработки и театарски продукции.
Свеченото отворање на генералното собрание се одржа со изведбата на претставата „Ивона, принцезата од Бургунд“ во „Театар Комедија“.
Драматургот Дарко Јан Спасов го претстави новото издание на „Каталог на македонски драми во избор на Еуродрам, 2001–2026“ од Иван Додовски, објавено од „Театар Комедија“ со поддршка на Министерството за култура и туризам.
Каталогот содржи хронолошки преглед на 32 избори, со 30 различни драми од 18 македонски автори, како и посебен дел со биографии на 15 автори и подетални претставувања на 26 драми. Изданието на англиски јазик вклучува содржини и информации за премиери, преводи и авторски права, каде што се достапни. Наменето е за преведувачи, режисери, издавачи, истражувачи и сите заинтересирани за македонското драмско творештво и неговото меѓународно претставување.
На отворањето е претставено и изданието „Библиографија на драмски текстови од македонски автори преведени на странски јазици“, подготвено од Шенај Мандак. Дел од програмата е и преведувачка работилница и разговор за драмата во услови на криза „Занаетот на драмскиот превод“, наменета за избрани учесници.
А денеска од 13 ч. до 14.30 часот, во Европската куќа во Скопје е предвидена панел-дискусијата „Драми преку границите: криза, отпорност и зајакнување“, организирана во партнерство со канцеларијата на „Креативна Европа“ во Скопје.
Како дел од „Еуродрам“ е и промоцијата на книгата „Зад мене белина“ од Мартин Кушеј, еден од најзначајните современи австриски театарски и оперски режисери во германското јазично подрачје и претходен директор на „Бургтеатар“ од Виена. В петок во „Лабораториум“ ќе биде претставено француското издание на драмата „Јас, на некое друго место“ од Ана Ристоска Трпеноска. А во сабота ќе се одржи панелот „Зошто да се објавуваат драми?“, модериран од Бисера Бендевска.
Меѓународните гости ќе имаат можност да проследат шест претстави, преку кои ќе се запознаат со различни авторски и изведувачки пристапи на скопската театарска сцена: „Парови“ од Ана Ристоска Трпеноска, во режија на Ивана Ангеловска, продукција на Драмскиот театар – Скопје; „Ивона, принцезата на Бургунд“ од Витолд Гомбрович, во режија на Билјана Радиноска и Александар Ивановски, продукција на „Театар Комедија“; „Слепци“ од Морис Метерлинк, во режија на Ќендрим Ријани, продукција на Турскиот театар – Скопје; „Ало, ало!“ од Дејвид Крофт и Џереми Лојд, во режија на Синиша Евтимов, продукција на „Театар Комедија“; „Избраниот“ од Ева Камчевска, во режија на Јане Спасиќ, продукција на „Театар Комедија“; „Пар распар“ од Нил Сајмон, во режија на Нина Николиќ, продукција на „Театар Комедија“.
Сите претстави од оваа програма ќе бидат изведени во „Театар Комедија“, со обезбеден превод. С.Ј.
































