Фото: Маја Јаневска Илиева

Производството на струја е стабилно. ЕСМ се грижи за сигурно снабдување на граѓаните. Ги следиме на дневна основа и цените на гасот, ЕСМ е веќе во преговори за подолгорочно и поконкурентно снабдување, по пониски цени“, изјави денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.

Во однос на горивата, Божиновска рече дека треба да се почека до понеделник, кога Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ќе ја објави одлуката за цените, а попустот на ОКТА сѐ уште трае, до следната недела.

– Оваа Влада е многу одговорна, не дозволи никакви ценовни шокови. Имавме најевтини цени на горивата. Тоа што компаниите го поднесуваат до РКЕ е едно, зашто вие може да барате и да си дадете ваши пресметки. Но, РКЕ ќе одлучи каков ќе биде крајниот исход. Ве замолувам да ја почекаме одлуката на Регулаторна, да видиме на крај каква ќе биде нејзината одлука и колку ќе има поскапување, ако има. За цената на струјата, сведоци сме дека беше и до 1.000 евра во минатото. Но, тоа е берза, понуда, побарувачка, реагира на геополитички случувања. Знаете дека имаме сериозна војна. По 2022 година има геополитички поместувања кои влијаат на финалните цени. Ние имаме стабилно производство, ЕСМ се грижи за сигурно снабдување на нашите граѓани – истакна Божиновска, одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на Саемот за енергетика, технологија и иновации „Енерго технома 2026“.

Таа посочи дека ЕВН би требало во следниот период да го објави и тендерот.

– Ние правиме сè за да го заштитиме стандардот на граѓаните и тоа преку ЕСМ. ЕСМ ги дава цените што секогаш се многу пониски. Знаете дека кога дојдовме како Влада, за жал, произведената електрична енергија беше над 135 евра за мегават-час. Сега, моменталната цена по која продава ЕСМ е 65 евра, што значит дека ние свесно, само заради граѓаните, правиме големи отстапки во цените. Повеќе од двојно поефтино ја продаваме струјата – рече Божиновска.

Министерката потсети дека од 28 февруари почна кризата.

– Неколку пати ја намаливме акцизата, го намаливме ДДВ-то, а ОКТА, како одговорна компанија, неколку пати по две недели понуди попуст. Некогаш два денари, некогаш три. Тоа се милиони евра. Сега, исто така, трае попустот, некаде до следната недела. Ние ги следиме цените и ќе видиме за понатаму. Имаме две недели. Кога ќе истечат тие две недели, ќе видиме што и како понатаму, зависно од цените. Во понеделник РКЕ ги кажува финалните цени.

Таа додаде дека ги следат и цените на гасот, но оти и тие се менуваат на дневно ниво.

– ЕСМ закупува гас на подолг период, ќе видиме и тука што ќе се случува. За ноември имаат закупено гас, ЕСМ е веќе во преговори за подолгорочно и поконкурентно снабдување, да добие пониски цени. За субвенции секако дека ќе дискутираме, ќе видиме какви финансиски импликации ќе има – објасни министерката.

Таа е децидна дека изборите во Србија нема да се одразат врз почнатите гасни проекти.

– Промените на политичката сцена во Србија сигурна сум дека нема да имаат никакво влијание. Ние со северниот сосед ќе бидеме нов начин на алтернативно снабдување на цела Европа со гас. Не верувам дека тука ќе има некои поместувања кога станува збор за политичките случувања. Што се однесува до гасоводите, заедно со Република Грција константно ги гледаме роковите, ништо се нема одложено, важи тоа што го имаме кажано и на рокот сме. Значи, следната година околу јуни треба да биде завршена трасата до Република Грција, тие 68 километри, а во август се избра изведувач и за северната граница, за тие 22 километри. 2028 е година кога ќе биде целата граница завршена. Изборите во Србија нема апсолутно ништо да пореметат. Ние имаме зацртано еден гантограм наActivities и тука сме добри со термините. Нема никакво поместување – подвлече Божиновска, пренесува МИА.