Како резултат на остварената соработка меѓу македонскиот КИЦ во Загреб и Музејот за занаети и уметности од Загреб, две изложби што за првпат пред хрватската публика беа претставени минатата година во македонскиот КИЦ во Загреб продолжуваат со своето меѓународно претставување во Македонија.
Гостувањето на изложбите „Менче Спировска – визуелни фасцинации со Загреб“ и „Арсовски – фотографи“ претставува продолжение на културната соработка меѓу македонските и хрватските институции, насочена кон размена на културни содржини, афирмација на уметничкото творештво и продлабочување на културните врски меѓу двете земји. Двете изложби беа реализирани како дел од програмата на македонскиот КИЦ во Загреб во рамките на одбележувањето на 145-годишнината од основањето на загрепскиот Музеј за занаети и уметност.
Во мултимедијалниот центар „Мала станица“ на Националната галерија е отворена изложбата „Менче Спировска – визуелни фасцинации со Загреб“. Изложбата за првпат на македонската публика ѝ го претставува уметничкиот опус на една од најзначајните македонски графичарки, зачуван во збирките на Музејот за занаети и уметност во Загреб, создаден во периодот на нејзиниот студиски престој во овој град. Авторки и кураторки на изложбата се д-р Антонија Дошен и д-р Кораљка Влајо.
Денеска, во 19 часот, во Музејот на град Скопје ќе биде отворена изложбата „Арсовски – фотографи“, посветена на досега недоволно познатото творештво на фотографското семејство Арсовски, чие дело претставува значајна врска меѓу македонската и хрватската културна историја. Авторскиот тим го сочинуваат м-р Татјана Ѓорѓиевска, Оливера Џартовска Тачевска и м-р Славица Христова од Музејот на град Скопје, како и д-р Ива Просоли од Музејот за занаети и уметност во Загреб. Кураторки на изложбата се д-р Ива Просоли и Петра Галовиќ. Изложбата е проследена со двојазична, хрватско-македонска научна монографија „Во потрага по фотографите Арсовски“.
– Гостувањето на двете изложби во Македонија, како продолжение на соработката меѓу Македонскиот КИЦ во Загреб и Музејот на занаети и уметност од Загреб, потврдува една од клучните мисии на македонската културна дипломатија и стратешките определби на македонскиот КИЦ во Загреб за воспоставување и развивање партнерства со релевантни хрватски културни институции. Ваквите соработки придонесуваат за зајакнување на културните врски меѓу двете земји, поттикнување на размената на културни содржини, афирмација на македонската култура во Хрватска и на хрватската култура во Македонија, како и за поголема видливост и вреднување на културното наследство и современото творештво на двете земји – истакнува директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска.