Фото: Принтскрин

Судири меѓу демонстранти и шпанската полиција избувнаа доцна синоќа во Мадрид, по тешката железничка несреќа во која загинаа најмалку 68 лица, а околу 50 се сериозно повредени, пренесе германската новинска агенција ДПА.

Протестот беше организиран пред Министерството за транспорт, на повик на крајнодесничарски групи, кои побараа оставка од владата поради трагедијата. Според шпанската телевизија TVE, на демонстрациите присуствувале околу 1.500 лица. Полицијата употребила солзавец за да ја растера толпата.

Шпанскиот министер за транспорт, Оскар Пуенте, укажа на одлуката на диспечерите да дозволат еден од возовите да продолжи со движење и покрај дефектот на безбедносниот систем. Тој ја оцени одлуката како „необјаснива“, но истакна дека истрагата треба да утврди дали човечка грешка придонела за несреќата.

Железничката несреќа се случила вчераутро, нешто пред 9 часот, во близина на Урда, на околу 130 километри јужно од Мадрид.

Според првичните информации, воз на приватната железничка компанија „Ирио“ (Iryo), кој стоел на пругата, бил удрен одзади од воз на државната компанија „Ренфе“ (Renfe).

При судирот, два вагона од возот на „Ирио“ и еден вагон од возот на „Ренфе“ излетале од шините и се стркалале по железничкиот насип.

Истрагата треба да ги утврди точните околности и причините за несреќата, вклучително и евентуалната одговорност на железничкиот персонал.