Првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“ одбележува 82 години од постоењето
Најстариот македонски дневен весник „Нова Македонија“ денеска одбележува 82 години од постоењето откако првиот број бил отпечатен во далечната 1944 година во Горно Врановци, притоа поминувајќи многубројни предизвици заедно со македонскиот народ и нација, за да излегува секојдневно со објективна, професионална и квалитетна содржина што ќе ги застапува националните интереси.
Како весник вграден во темелите на македонската државност, преку кој македонските граѓани ги осознаа своите корени, азбука, јазик и култура, битието на „Нова Македонија“ се совпаѓа со битието на народот.
Гордо ги браниме принципите на слободата, со чесно собирање и објавување вести, подготвување теми, анализи, истражувања, авторски колумни. А нашата верна читателска публика го препознава вложениот труд во „Нова Македонија“, што се забележува и преку споделените лични искуства на луѓе од различни возрасти и општествени сфери, кои во честитките по повод роденденот ја истакнуваат токму улогата на весникот во нивниот живот.
На денешниот роденден, со радост се сеќаваме и се потсетуваме на раѓањето на „Нова Македонија“, на 29 октомври 1944 година, кога партизаните на раце ја носеле еден тон тешката печатарска машина „бостонка“, низ шумски патишта и планини од Црешово до Горно Врановци, каде што во свирепи услови е отпечатен првиот број на весникот на осум страници. Во мугрите на 29 октомври, партизанските „колпортери“ тргнале на терен со првите пакети на весникот.
Потсетуваме и на 1963 година, кога катастрофалниот земјотрес го сруши речиси цело Скопје, па додека сите си ги бараа своите блиски, новинарите од „Нова Македонија“ бараа печатница за да биде отпечатен и следниот број, за да им помогне на граѓаните. Тие се воделе од начелото дека новинарите се своевидни запишувачи на историјата.
Весникот беше еден од важните сериозни фактори за успешно спроведување на референдумот од 8 септември 1991, со што Република Македонија ги заокружи независноста и сувереноста.
Низ годините многу генерации новинари, уредници и други работници, како и надворешни соработници и редовни колумнисти, поврзани со функционирањето на весникот продефилираа низ „Нова Македонија“, оставајќи личен печат, но и понесувајќи дел од историското наследство на весникот со себе и чувствувајќи се гордо што се или биле дел од столбовите на македонската државност.
Денешна „Нова Македонија“, во согласност со својата богата традиција, претставува доследен наследник на асномските идеали, како и на залагањето за остварување на македонските национални интереси. Таа предничи во промовирање содржини во заштита на самобитниот национален идентитет на Македонците, на одбрана и зачувување на историјата, јазикот, писмото, културното наследство и традициите.
Ова се само дел од впечатливите примери за професионалноста и посветеноста на „Нова Македонија“, првенствено кон граѓаните и јавноста, а ги има уште многу до денешен ден. Сето ова ни дава и дополнителен поттик да бидеме уште подобри и да се справиме со сите предизвици за да продолжиме со создавањето квалитетен весник. Меѓусебно постојано се бодриме и се мотивираме да издржиме на зацртаниот пат без да го изгубиме моралниот компас, почитувајќи го професионалниот кодекс. Вработените затоа со радост го одбележуваат овој голем ден за македонското новинарство, секој со посебна љубов кон она што го работи и создава. За уште многу години и многу нови приказни што ќе ги создадеме заедно со нашите читатели. Нека ни е честит роденденот! Р.Н.М.



































