ТЕНИС
- Вавринка минатата година објави дека ќе се пензионира на крајот на сезонава, 24 години откако стана професионалец
Трикратниот тениски гранслем-шампион Стен Вавринка во вторникот го одигра последниот натпревар во својата кариера пред домашните гледачи, по поразот од Чехот Јиржи Лехечка со 7-5, 7-6 на турнирот во Базел (Швајцарија), пишува агенцијата „Ројтерс“.
Вавринка, кој минатата година објави дека ќе се пензионира на крајот на сезонава, 24 години откако стана професионалец, ги освои гранслем-трофеите на Австралија опен во 2014 година, на Ролан Гарос во 2015 година и на САД опен во 2016 година.
– За мене, сѐ што сакав во мојата кариера беше да дадам сѐ, да не жалам, секогаш да се борам, секогаш да давам сто отсто во секој натпревар, од почит кон себе, кон противникот, кон турнирот, кон гледачите, кон сите. Тоа отсекогаш беше најважното нешто повеќе од 20 години и тоа е единствениот начин да го напуштите спортот, без никакво жалење – изјави Вавринка за интернет-страницата на АТП, пренесе „Ројтерс“.
Вавринка освои 16 АТП-титули и достигна највисок пласман на третото место на светската ранг-листа во 2014 година. Тој исто така го освои олимпиското злато во двојки, со Роже Федерер, во 2008 година и ѝ помогна на репрезентацијата на Швајцарија да ја освои првата титула во Дејвис купот во 2014 година, пишува „Ројтерс“. Н.М.
































