„Внимавај за да стигнеш. За да стигнеме сите“ е пораката на новата општествено одговорна кампања што почнува денеска во рамки на едукативната платформа „Јас внимавам“, иницирана од ОКТА во соработка со Министерството за внатрешни работи (МВР) и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).
Кампањата има цел да ја подигне свеста за личната одговорност во сообраќајот, нагласувајќи дека однесувањето на секој учесник влијае врз безбедноста на другите. Посебен акцент е ставен на вниманието, препознавањето на ризиците и спречувањето сообраќајни незгоди.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, посочува дека безбедноста не зависи само од почитувањето на сообраќајните правила, туку и од свесноста за последиците што може да ги предизвика секоја постапка.
– Возачите треба постојано да ја следат сообраќајната ситуација, да ги проверуваат ретровизорите и мртвите агли и да не дозволат мобилниот телефон или други фактори да им го одвлечат вниманието – истакнува Тошковски, нагласувајќи ја важноста на превенцијата и одговорното однесување.
Главниот извршен директор на ОКТА, Димитриос Пасхос, истакнува дека преку платформата „Јас внимавам“ компанијата континуирано работи на подигнување на јавната свест за поголема безбедност на патиштата.
Според него, годинашната кампања е насочена кон поттикнување поголема лична одговорност кај сите учесници во сообраќајот, без разлика дали управуваат возило, пешачат или се движат со велосипед, мотоцикл или тротинет.
– Нашата цел не е само секој поединец безбедно да стигне до својата дестинација, туку сите безбедно да стигнеме до својата цел – порачува Пасхос.
И претседателот на РСБСП, Горан Ангеловски, ја нагласува потребата од постојано внимание и правилна процена на ситуациите во сообраќајот. Тој посочува дека учесниците не треба да се потпираат на претпоставки, туку да проверуваат, да го насочат вниманието кон патот и да водат сметка за безбедноста на луѓето околу нив.
Едукативната платформа „Јас внимавам“ беше започната од ОКТА во 2017 година. Во изминатите години, преку неа се реализирани активности за унапредување на сообраќајната култура, едукација на децата, поголема безбедност на пешаците и поддршка на ранливите категории учесници во сообраќајот.
Со новата кампања, ОКТА, МВР и РСБСП ја продолжуваат заедничката иницијатива за развивање побезбедни сообраќајни навики, испраќајќи порака дека одговорноста на патиштата е заедничка, а најважната цел е секој да стигне безбедно дома.
































