- Уште не станува збор за универзална замена на традиционалниот систем со двајца судии. ИХФ го развива и го тестира моделот постепено, а неговата поширока примена ќе зависи од искуствата и процените од меѓународните натпреварувања
Меѓународната ракометна федерација (ИХФ) продолжува да го тестира системот со тројца судии на теренот, наместо досегашниот стандарден модел со двајца. Најновата примена на овој систем беше на првото Светско првенство за ракометарки до 16 години, кое од 16 до 24 октомври се одржа во Агадир (Мароко). Целта на новиот модел е подобро покривање на теренот, поголема прегледност на играта и попрецизно донесување одлуки во спорт во кој ситуациите се менуваат за дел од секундата. Според ИХФ, судиите во текот на еден натпревар може да има потреба да донесат повеќе од 200 одлуки, а брзината на играта и многубројните физички контакти дополнително ја отежнуваат нивната работа.
Проектот со тројца судии првпат беше тестиран на Светското клупско првенство за мажи „ИХФ супер глоуб“ во Саудиска Арабија во 2022 година. Во пилот-фазата беа опфатени осум натпревари во првите два дена од турнирот, додека другите средби се играа според традиционалниот систем со двајца судии. Идејата беше да се зголеми бројот на агли од кои се следи играта и да се намалат ситуациите што можат да останат незабележани. Дополнителниот судија може да помогне при процената на контактите меѓу напаѓачите и одбранбените играчи, ситуациите на крилните позиции и други акции во кои е потребна брза и прецизна процена.
По почетните тестирања, Меѓународната ракометна федерација продолжи да го применува моделот на нови натпреварувања. Во 2025 година тројца судии беа користени на сите натпревари на Светското првенство за мажи до 17 години, како и на Светското првенство за земји во развој и во натпреварите за Претседателскиот куп на Светското младинско првенство за мажи. На првото Светско првенство за ракометарки до 16 години во Мароко, одржано неодамна, системот повторно беше применет на натпреварите од турнирот. Тоа покажува дека федерацијата продолжува да го испитува моделот во различни натпреварувачки услови.
За системот да функционира ефикасно, потребни се јасна поделба на одговорностите, добра комуникација и усогласено следење на играта. На турнирот во 2022 година, судиите работеа во тројки составени од арбитри од различни земји, со цел да се испита и начинот на нивната меѓусебна координација.
Уште не станува збор за универзална замена на традиционалниот систем со двајца судии. ИХФ го развива и го тестира моделот постепено, а неговата поширока примена ќе зависи од искуствата и процените од меѓународните натпреварувања. Прашањето што останува отворено е дали тројцата судии ќе станат новиот стандард во ракометот. Засега, федерацијата продолжува со експериментот, барајќи начин судењето да одговори на сѐ побрзата и подинамична игра. Н.М.
































