ЕУ сѐ уште нема што да понуди за да биде рамноправен партнер на мировната маса за Украина
- Европските лидери сè поотворено ја препознаваат опасноста од мировен договор без одлучувачко учество на Европа, но желбата за дипломатско влијание сè уште не е преточена во единствена стратегија, јасен преговарачки мандат и конкретна понуда за завршување на војната во Украина
Европа сака да биде дел од мировните преговори за Украина, но сè уште не покажува дека располага со доволно јасен концепт за да биде рамноправен преговарач. Брисел има економска тежина, финансиски ресурси и политички интерес за исходот на војната, но тоа не е доволно за да се наметне како фактор што може да ги обликува условите за мир. Меѓу амбицијата да седи на преговарачката маса и способноста да влијае врз договорот сè уште постои сериозен јаз. Токму затоа сè погласните сигнали за можни дипломатски контакти со Москва, вклучувајќи и северноевропски лидери што традиционално ја поддржуваат Украина, отвораат пошироко прашање. Имено, дали Европа навистина е подготвена да ја преиспита досегашната милитантна стратегија или само се обидува да го надомести изгубениот политички простор? Според дипломати што ги следат европските процеси, проблемот на Брисел не е во недостигот од интерес за мирот, туку во отсуството на заеднички дефинирана претстава за тоа како тој мир би можел да се постигне и што конкретно би можела да понуди Унијата.
Од воена поддршка до политичка одговорност
Европската Унија во изминатите години вложи значителни финансиски и политички ресурси во поддршката на Киев, воведе санкции против Москва и настојуваше да го ограничи руското влијание. Но стратегијата што се потпираше првенствено врз притисокот и помошта за Украина не создаде автоматски и европска способност да ги води преговорите за завршување на конфликтот.
– Брисел предолго се однесуваше како да е доволно да биде на страната на посакуваниот исход за да може да влијае врз неговото постигнување. Но поддршката за Украина и способноста да се договори мир се две различни категории. За првото се потребни ресурси и политичка волја, а за второто се потребни стратегија, преговарачки капацитет и јасна процена на можните компромиси – оценува дипломатски извор.
Ова е суштинската слабост на европскиот пристап. Брисел може да учествува во финансирањето на Украина и да влијае врз европската безбедносна архитектура и доктрина, но сè уште не покажува дека има усогласен план за политички излез од војната. Немањето таков план значи дека амбициите на ЕУ мора да бидат проследени со реална преговарачка понуда.
Место на масата не се добива со политичка желба
Европските институции сè почесто ја нагласуваат потребата Унијата да биде вклучена во секој процес што ќе ја определува иднината на Украина, бидејќи тоа е знак на равенство дека сѐ што ја засега Украина длабоко ја засега и Европа.
– Барањето на ЕУ да седне на преговарачка маса има логика, бидејќи последиците од евентуалниот договор ќе ги засегаат европската економија, енергетика и односите со Русија со децении. Но легитимниот интерес не е исто што и преговарачката моќ. Вашингтон и Москва располагаат со сопствени државни инструменти, директни канали за одлучување и капацитет да преземаат обврски во име на своите држави. Брисел, напротив, мора да ги усогласува позициите на 27 членки, чии безбедносни процени, политички приоритети и подготвеност за компромис не се секогаш исти, објаснува нашиот соговорник, дипломат, додавајќи дека Европа не може да бара да биде рамноправен преговарач само затоа што ќе назначи свој претставник. Имено, прво мора да одговори што тој претставник ќе смее да прифати, кои услови ќе може да ги понуди и дали сите членки ќе застанат зад постигнатиот договор. Без таков мандат, европскиот претставник би имал функција да ја пренесува позицијата на Унијата, но не и вистинска моќ да ја менува динамиката на преговорите – објаснува нашиот соговорник.
Тука се открива и незрелоста на актуелниот европски преговарачки концепт. Дебатата често се сведува на прашањето кој треба да ја претставува Европа наместо на многу поважното прашање што би преговарала Европа и со какви гаранции би настапила.
Како ЕУ ќе преживее со последиците од одлуки врз кои немала пресудно влијание?!
За Брисел, најнеповолното сценарио не е само продолжување на војната туку и постигнување договор меѓу главните актери без суштинско европско учество. Во таков случај Унијата би морала да живее со последиците од одлуки врз кои немала пресудно влијание. Сепак, опасноста да биде маргинализирана не може да се надмине само со дипломатско инсистирање дека Европа заслужува место на масата. Потребно е да се утврди што може да придонесе за идниот мировен договор. Европската Унија има ресурси за значајна улога во повоената стабилизација. Но тоа не значи дека автоматски располага и со инструментите за постигнување мир. Да се финансира обновата е едно, а да се влијае врз условите под кои војната ќе заврши е нешто сосема друго. Р.С.
Потсетување до Брисел: Дипломатијата бара и подготвеност за компромис
Ригидните либерални елити од Брисел ќе мора да се соочат и со непријатното прашање дали се подготвени да ги разгледаат реалните грешки и заблуди на сопствената политика. Дипломатијата не може да функционира ако однапред се исклучат сите можни варијанти, а притоа не се понуди остварлив пат до посакуваниот исход. Тоа е тест за политичка зрелост што Брисел допрва треба да го положи, бидејќи повеќепати падна на овој испит. А дотогаш, европските дипломатски иницијативи ќе останат повеќе сигнал за загриженост отколку доказ за нова стратегија. Поединечните контакти со Москва може да отворат канали за комуникација, но не можат да ја заменат координираната европска политика, која веќе одамна како да е исчезната…
Брисел мора да одлучи што навистина сака
За да биде рамноправен партнер, Брисел мора да покаже дека е способен да настапи со еден глас, да донесува одлуки и да презема одговорност за нивните последици. Во спротивно, неговото присуство на преговарачката маса би било повеќе дипломатски симболично, отколку гаранција за реално влијание. Местото во просторијата не е исто што и учеството во одлучувањето. Главното прашање, според тоа, останува реално. Дали ЕУ е подготвена да понуди нешто што ќе ја направи неопходен соговорник?
– Засега, Брисел сè уште нема доволно изграден концепт што би ја претворил неговата економска и политичка тежина во конкретна преговарачка предност. И да нагласам уште еднаш за крај, најголемиот ризик за Брисел не е само да остане надвор од просторијата во која ќе се договара крајот на војната, туку да влезе во неа без јасна стратегија, без единствен мандат и без понуда што другите преговарачи би морале сериозно да ја земат предвид – вели нашиот ценет соговорник, дипломат од кариера. Р.С.
































