АТЛЕТИКА
- Во ова ново натпреварување одобрено од Светската атлетика, натпреварувачи од целиот свет трчаат пет километри на лента за трчање и се натпреваруваат за награден фонд од 100.000 долари и за титулата светски шампион
Со децении трчањето на лента за трчање се сметаше за малку повеќе од алатка за тренинг, за тркачите на отворено, но тоа би можело да се промени, со почнувањето на светските првенства на лента за трчање, пишува „Би-би-си“. Во ова ново натпреварување одобрено од Светската атлетика (СА), натпреварувачи од целиот свет трчаат пет километри на лента за трчање и се натпреваруваат за награден фонд од 100.000 долари и за титулата светски шампион.
Познато како „Ран X“, натпреварувањето ги соочува секојдневните тркачи против елитните спортисти. „Би-би-си“ присуствуваше на квалификациски настан во вежбалница во Саутемптон за да ги набљудува тркачите како ги запишуваат своите времиња на глобалната виртуелна табела за рангирање. Меѓу нив е и британската маратонка Шарлот Пердју.
– Мислам дека е добро да се привлечат луѓето да трчаат. Пет километри очигледно не е премногу далеку за луѓето да можат да се обидат, нема притисок – изјави таа за „Би-би-си“.
Пердју, која го држи третото најбрзо време во Велика Британија на женска маратонска трка, верува дека лентата за трчање долго време била погрешно разбрана.
– Јас лично ја сакам лентата за трчање и отсекогаш сум ја користела на мојот тренинг. Имаме една дома и навистина уживам во неа – вели таа.
Но дали Пердју мисли дека го има тоа што е потребно за да биде прва светска шампионка на лента за трчање?
– Тоа дефинитивно е дополнителна мотивација. Но би сакала да беше натпревар во маратон на лента за трчање, мислам дека ќе имав поголема шанса – вели Пердју.
Тркачите имаат рок до 24 јануари да истрчаат пет километри, бесплатно, во официјален центар „Ран X“, можат да направат повеќе обиди, но ќе се смета само нивното најдобро време, пишува „Би-би-си“.
Не постои официјален светски рекорд на лента за трчање на 5 км признаен од Светската атлетика, рекордот на патека за мажи на 5.000 метри е 12 минути и 35,36 секунди, кај жените е 13:58,06 минути, а рекордите на друмска патека за мажи на тоа растојание е 12:49 минути, а кај жените е 13:54 минути.
Најдобрите 25 проценти од тркачите во возрасните категории од 18 до над 75 години ќе ја претставуваат својата земја на регионалните натпревари, пред десетте најдобри мажи и жени во секоја категорија да се пласираат на светското финале во Италија во март в година, пишува „Би-би-си“.
Моментално учествуваат 20 земји, списокот на регистрирани елитни тркачи уште не е објавен, а организаторите се надеваат дека ќе привлечат повеќе учесници со вајлд-карти за настани како што е Светското првенство во трчање на друмски патеки во Кина во 2027 година, пишува „Би-би-си“.
Претседателот на Светската атлетика, Себастијан Кое, изјави за „Би-би-си“ дека ова е „одлична можност“ да се воведе нова публика во трчањето.
– Станува збор за цела низа возрасни групи. Многу е важно да продолжиме да иновираме, а кога иновираме навистина е важно да користиме технологија што привлекува повеќе млади луѓе во нашиот спорт – вели тој.
Амбицијата за натпреварување на лента за трчање не запира тука, со надеж дека дисциплината може да биде вклучена и во натпреварите во Е-спорт во следните пет години, пишува „Би-би-си“. Н.М.
































