Идеалот за вечната младост е еден од најпознатите идеали во историјата на човечката мисла. Во однос на духот на времето, луѓето сѐ повеќе ја потенцираат потребата да останат вечно млади, поради што се бележи рапиден прогрес на козметиката и естетската хирургија, а се полнат и спортските сали, вежбалниците и аптеките во потрага по совршена мера од суплементи што ќе го задржи свежиот и младешки изглед на луѓето.
Во научнофантастичните сценарија, идеалот за вечна младост критички се преиспитува преку прашањето дали изгледот на човекот што не ги следи неговите години и животното искуство ќе биде прифатлива оска за идентификација на луѓето. Дали човек што ќе го запре своето стареење на 30 години и ќе има мудрост на старец од 100 години ќе може да ја поврзе својата претстава во огледалото со себе или нужно ќе се појави криза на идентитетот? Односно во филозофската литература Беднард Вилијамс прашува „дали бесмртноста би ни станала досадна и што доколку таа навистина ни здосади“. Во есејот „Случајот Макропулос: Размислувања за здодевноста на бесмртноста“ (1973), Вилијамс го проблематизира прашањето за посакуваноста на бесконечниот живот. Тој прашува што доколку се текот на времето сите желби, побуди, потреби и идеали на човекот се исцрпат, а тој и понатаму треба да живее. Дали неговото живеење ќе се претвори во обврска да се создаваат или ресоздаваат желбите, потребите и идеалите? Дали живот доколку е нужда и обврска, воопшто би имал некаква убавина содржана во мигот, изборот и свесноста дека времето е ограничено и сѐ што се случува бара апсолутна присутност во креација на сегашниот момент? Односно идејата што ја пласира Вилијамс е дали и доколку телото остане младо, човекот во духот ќе остане исто така млад, љубопитен и исполнет со желби на стогодишна возраст.
Идејата за нешто што го надживува телото ја има уште во дијалогот „Гозба“ на Платон. Платон тврди дека човековата душа го надживува човечкото тело, бидејќи таа е единствена и не е составена од делови. Телото се распаѓа затоа што има на што да се распадне, душата е супстанцијално неразградлива и таа останува да го надживее човечкото тело, како што капутот на човекот го надживува самиот човек. Но во разбирањето на човечкото тело како смртно и конечно, според Платон, се раѓа креациската волја на човекот да создаде нешто што ќе го надживее или нешто што ќе остане по него. Без таа желба, луѓето веројатно не би имале потреба да создаваат уметнички дела, да пишуваат и творат, да оставаат нешто за следната генерација, па дури и да одгледуваат деца.
Разгледувајќи ја идејата за вечната младост, Ниче, пак, го поставува прашањето дали би избрале свесно да го живееме истиот живот повторно. Во „Весела наука“, Ниче ја поставува мислата за вечното враќање и вели замислете секоја ваша желба, убаво доживување, но и страдање и болка да се повторува бесконечно. Кога животната мудрост „сѐ ќе помине“ веќе нема да биде применлива и кога човекот ќе живее со сознание дека истата болка и страдање ќе му се повторат уште бесконечно многу пати? Дали вечната младост и бесконечниот живот би имале некаква смисла? На крајот, дали тие би биле свесен избор на човекот или навистина треба да внимаваме што посакуваме, оти можеби и ќе ни се оствари?
Неизбежно е и класното рамниште во сценаријата на научната фантастика кога е во прашање вечната младост. Најчестото стратификациско прашање е дали дури и доколку е достапна магична пилула за запирање на стареење на телото, таа ќе биде еднакво достапна за сите или ќе се создаде еден сталеж на привилегирани моќници што вечно ќе имаат 30 години и луѓе што ќе стареат нормално. Проблематизирањето не е задржано само на создавање два паралелни света по основа на класна поделба туку и хипотетичко сценарио во кое мајка и ќерка изгледаат исто бидејќи стареењето запрело и кај двете на 30 години. Каква би била иднината дури и на привилегираните ако во нивниот свет сите изгледаат идентично млади?
Затоа, вистинското прашање што се повторува речиси во сите научнофантастични сценарија што го проблематизираат прашањето за „вечната младост“ и нејзината остварливост не е дали можеме вечно да останеме млади, туку дали во таквиот живот би можеле да пронајдеме смисла, блискост и чувство дека навистина сме свои или стануваме заробени „мудреци“ во тела на „петарпановци“.
































