Весникот „Нова Македонија“ одбележува 82 години од 29 октомври 1944 година, кога излезе првиот број во селото Горно Врановци (област Гроот, општина Чашка, тогашна Велешка околија), кое во тоа време беше седиште на Главниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија. Сместено во сливот на реката Тополка, Горно Врановци преку весникот „Нова Македонија“ од 1944 година е запишано со златни букви во македонската национална историја.
Можеби е нескромно да се каже, но факт е дека во таа 82-годишна историја моето име и презиме прозимија 41 година, речиси половина век. Триесет и две во старата и девет во новата, сегашна „Нова Македонија“. Ако сметам, вкупно се поминати 55 години откако со трема и страв ги направив првите чекори во зградата што со својата мистика (барем за мене) беше рамна на световен храм.
Беше средината на ноември 1970 година кога весникот објави конкурс за прием на млади новинари. Во декември полагавме писмен испит. Главен дел – пишување слободна тема. Пишував на темата спорт – „Охридскиот маратон со неговите славни победници, главно пливачи од Египет“. Во текстот силно ја изразив желбата некогаш да пишувам за него, наивна младешка желба што никогаш не ми се оствари. Во средината на јануари 1971 година дојде известување – примени сте за приправник, приемот важи од 15 февруари. Бев студент, станар на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“, на само стотина чекори од „Нова Македонија“.
На тој закажан датум во Редакцијата, во старата зграда, на улица ЈНА, се најдовме една поголема група млади луѓе. Дваесетина одбрани од педесетината кандидати што учествувавме на тестирањето. Еве ги имињата на повеќето примени: Златко Блајер, Томислав Ивановски, Петре Миленкоски, Панде Колемишевски, Веле Смилевски, Мирослав Спироски, Цане Трпоски, Александар Ангеловски, Софија Ѓуроска, Ружица Паневска, Ванѓа Димитрова, Данче Ковачева. Кон таа група беа приклучени Лилјана Мазова, Јасминка Јанева и Димитар Ќуркчиев, кои веќе работеле хонорарно, како и Фиданка Танаскова, потврден новинар од „Студентски збор“. Директор на НИРО „Нова Македонија“ беше поетот Анте Поповски, главен уредник на весникот беше, Илија Зафировски. Почетната обука ни ја држеа Борис Поп Ѓорчев, Верољуб Андоновски и Асен Тодоров.
Можеби надвор од контекстот, можеби кажано на шега, но како неизбежна вистина е дека новинарите на „Нова Македонија“ (и на „Вечер“) имаа во тие години две новински седишта. Едното беше официјално, во просториите на самата Редакција, другото во „Букет“ славната новинско-уметничка кафеана, место за дневни средби на тогашната боемска елита. Нагласувам дневни, не ноќни средби. „Букет“ правеше фајронт најдоцна до 22 часот и тука немаше попуст. Кого сакаш да го видиш ќе го сретнеш таму, кој сака да те види, како и да е, таму ќе те најде.
А во „Букет“, зачаден, мешавина на мириси од олово, од тутун, алкохол и чкембе-чорба, шарена клиентела. Новинари, писатели, сликари, глумци и глумици, музичари, видни доктори, печатари, плус воспалени дискутанти, воздигнати комунисти социјалисти, обесправени Македонци, благонадежни ванчомихајловисти, разочарани швалери, напуштени сопрузи, ситни полициски агенти заедно со своите доушници. И разни чаламџии, лешпери, неранимајковци и слични, сѐ на еден сложен куп, често на иста или блиска маса. Таквиот „Букет“ најверојатно беше една од најпознатите оази на демократијата и слободното мислење во Македонија.
По заедничката обука следуваше распоред по рубрики. Главнината беше распоредена во градската рубрика, која секојдневно објавуваше информации за настани во градот. Први уредници беа Благоја Антиќ и Атанас Стефанов – со прекар Бабата, еден повозрасен прекрасен учител.
Една од главните поуки (и пораки) што ни беа на почетокот нагласени беше дека во новинарството нема класично работно време. Тогаш, целата администрација, дури и дел од дуќаните, работеа од 7 ч. до 3 ч. Фабриките работеа во две или во три смени. Поштено, социјалистички, ем човек (жена) да биде на работа ем да си ја одржува средена куќата и да ги гледа децата.
Редовно ни повторуваа дека новинарството не било поезија туку груба проза, нема тука сакам–нејќам. Дека новинарот треба да се држи до фактите, а не да му „попува“ на читателот. Дека нема потреба на слепиот да му кажуваш дека е слеп, на куциот дека куца. Иако новинарството беше релативно контролирано, како израз на стремеж кон слободата ни ја наведуваа американската журналистичка доктрина дека „не е вест ако куче касне човек, вест е ако човек касне куче“.
Што пишувавме, што беа нашите задачи и обврски? Секојдневно прибиравме и објавувавме информации, главно за комуналниот живот на градот. Бевме растрчани во текот на целиот ден. Доцнењето на автобусите (непроменето 55 години), ѓубрето на улиците, дупките на истите тие, дивите депонии. Редовна есенско–зимска тема беше слабото и нередовно парно-греење. Ги бележевме културно–забавните настани во градот. Двапати неделно ги објавуваме цените на градските пазари, тоа беше една мошне читана рубрика. Ги броевме светилките на Партизанска. Некаде сум напишал дека во две зимски снежни вечери сум ги броел светилките на улицата Партизанска, од кај Соборниот храм до мостот пред Влае, еднаш од едната, другпат од другата страна на коловозот. Информациите што ги нудевме беа кратки, дваесетина реда, ретко кога подолго.
Бевме ентузијасти, послушни, не покорни, нѐ учеа на слобода, но и на одговорност истовремено. Не можеше да се случи да одбиеме задача. Можевме да ја ескивираме, но не и да ја одбиеме.
Приправничкиот стаж траеше една година. Во тој период нѐ потпишуваа со иницијали. Јас бев П.К. Дури по завршувањето на приправничкиот стаж првпат ми беше објавено презимето. Пред презимето само иницијал на името. Дури по година и половина ми беше дозволено да се легитирам со цело име и презиме. Тоа беше смислена редакциска тактика на воведување, принцип на зреење на младите кадри, не нечиј ќеф или зла волја. Во такви редакциски околности скокав трипати од радост. Првин кога ми беше објавен првиот текст само со иницијали, вторпат кога ми се појави презимето и на крајот кога го добив потписот со кој се служам и ден-денес што се поставува или на крајот или на почетокот од објавениот текст.
Ние бевме таканаречената четврта генерација новинари на „Нова Македонија“. Првата повоена, ја знам само по имиња, таа главно беше замината на други места. Од таа гарнитура во Редакцијата ги затекнавме само Бранко Зарески, Бане Ковач и Кочо Урдин.
Втората генерација го „држеше“ весникот кога ние станавме приправници. Политичката рубрика беше репрезент на весникот. Таму беа Панче Михајлов, Радослав Огњановски, Јордан Бражански, Лазо Наумовски, Ристо Дамјановски, Јордан Конев, Спасе Шуплиновски. Не заостануваше надворешната рубрика, со бардови како Свето Серафимов, Димче Бражански, Душко Малески, Милчо Коцев, Велко Коцев, Наум Начевски, подоцна Филип Симоновски. Во економскиот дел со Никола Кирков, Тошо Вукански, Љубен Србијанко, Душко Варналиев. Во спортската беа Никола Ковачевски, меѓу дописниците беше Такецот, славен, шеговит дописник од Битола.
Во третата генерација беа помладите. Драгољуб Лазов, Јован Павловски, Верољуб Андоновски, Бранко Варошлија, Цветан Станоевски, Димитар Башевски, Бошко Нацевски, Ѓоко и Олга Поповски, Ѓорѓи Гоџовски, Бошко Бошкоски, Марко Черепналковски, Миодраг Мицковиќ, Зоран Михајлов, Мирослав Наумовски, Спиро Прилепчански, Ратко Божиновски, Тачко Локвенец од Прилеп, мајстор на репортажата. Овие погореспоменатите од средната генерација се бореа да ги совладаат постарите, а истовремено почнаа да се плашат од конкуренција од нас помладите. Тоа беше натпревар од интерес, понекогаш нефер борба што во одреден период создаде мошне влошени меѓуколегијални и меѓучовечки односи.
Редакцијата на весникот располагаше со тешка „тенковска“ логистика. Фоторепортери беа Ацо Ивановски-Ревија, Томислав Димовски–Бучки, и Живко Јаневски. Технички уредници беа Здравко Билбиловски, Ацо Младеноски, Фиљо Чолакоски и Ставе Димитров (сликарот Стадим). Кратко време беше Петар Глигоровски (Перо генералот), авторот на првиот македонски анимиран филм.
Речиси 24/7 часа функционираше машинерија од преведувач(к)и, лектор(к)и, коректор(к)и, секретарки, стенографки, дактилографки, телепринтеристи, возачи, курири, работите се одвиваа „како по сат“. Не швајцарски прецизен, но точен секако. Сите заедно во комбинација со печатарите и дистрибутерите, секојдневно го создаваа, го формираа, го печатеа и го разнесуваа весникот што секое утро се појавуваше на киосците во Скопје и во сите градови во Македонија. И имаше, богами имаше што да се прочита, што да се научи и што да се запамети. Страниците на „Нова Македонија“ се неизбришливи страници на општата национална историја на Република Македонија, особено на политичката, културната и спортската, од 29 октомври 1944 до овој 29 октомври 2026.
Слава на оние што работеле на овој и заминале на оној свет. Честитки за оние што го прават, го живеат и го читаат до денешниот број.
































